Зошто ја почитуваме Пресвета Богородица?

Во Новиот завет за Пресвета Дева Марија, Мајката на Исуса Христа, релативно, малку се зборува. Од четворицата евангелисти, само двајца, Матеј и Лука, зборуваат за раѓањето на Исуса Христа во Витлеем, а тоа значи ја споменуваат Неговата Мајка, зборувајќи за надворешните околности во кои што се случил тој настан. Евангелистот Марко воопшто не зборува за света Дева Марија. Во Евангелието според Јован таа се споменува двапати: на самиот почеток, во параболата за свадбата во Кана Галилејска, каде што се застапила кај својот Син да им помогне на домаќините на свадбената трпеза на кои во еден момент не им стасало вино. И вторпат, на самиот крај, кога стоела под Крстот на кој бил распнат нејзиниот Син.

Во книгата Дела апостолски, која во првиот дел е посветена на животот на првата христијанска црква во Ерусалим, Дева Марија се споменува само еднаш, во првата глава, каде е речено дека учениците биле заедно на молитва со жените и со Марија, Мајката Исусова. За Света Дева Марија во сите останати книги на Новиот Завет, посланијата на Св. Ап. Павле и другите апостоли, нема ништо кажано. Токму во тие факти го изведуваат својот прв и основен аргумент сите оние што почитувањето на Божјата Мајка, што зазема толку важно значење и централно место во животот на Црквата, го гледаат како нешто што претставува задоцнето вложување во Христијанството, влог туѓ на неговиот првобитен дух и учење. Тоа бил аргумент што уште во XVI век го прифатиле протестантите, сметајќи дека поклонувањето и почитувањето што ѝ се укажува на Божјата Мајка во христијанската црква нема основа во Светото Писмо и затоа претставува идолопоклонство. Еве, ни зборуваат, Црквата го празнува празникот на Раѓањето на Божјата Мајка, празникот на Нејзиното Воведување во храмот, празникот на Нејзиното Успение. Меѓутоа, ниеден од овие настани не е ниту споменат во Светото Писмо, во Новиот Завет, и затоа сето тоа претставува човечка измислица што ја затемнува првобитната чистота и едноставност на христијанското учење.

И токму поради тоа што тој аргумент, навистина, е сериозен сметаме дека она што го нарековме „скромен обид“ на објаснување на содржината и смислата на почитувањето на Дева Марија во Православната црква, и воопшто во Христијанството, треба да започне токму со давање на одговор на тој аргумент.

Тој одговор ќе го започнам со неколку зборови за пристапот кон религиозните феномени воопшто. Отсекогаш постоеле и денес постојат два пристапа кон тие појави. Едниот може да се нарече надворешен, а вториот внатрешен пристап. Најпростата дефиниција на надворешниот пристап е таа што го дефинира како пристап што е во потполност заснован на докази.

Докажи ми дека има Бог, докажи ми дека Христос е Бог, докажи ми дека во христијанската света тајна Евхаристија лебот се претвора во Тело Христово, докажи ми дека постои друг свет… Докажи ми и јас ќе ти поверувам. Но сè додека не докажеш – нема да верувам. Меѓутоа, доволно е да се вдлабочиме во сите тие „докази“ за веднаш да ни стане јасно дека тој и таков пристап не може никого да го доведе, не само до суштината на религиозниот феномен, дури ни до суштината на животот воопшто, со исклучок на тие релативно тесни сфери на природните науки. Можно е да се докаже дека водата врие на 100 степени Целзиусови. Но не е можно да се докаже дека Пушкин бил гениј. Токму онака како што е невозможно да се докаже било што, што има врска со внатрешниот живот и свет на човекот, со неговата тага и радост, занес и вера. Да обратиме внимание на тоа дека Христос никогаш и ништо не докажувал, туку само ги повикувал луѓето да видат, да слушнат и да го прифатат тоа што дотогаш не можеле да го видат, да го слушнат и да го прифатат тоа што и ден-денес, во голема мера, и понатака не го гледаат, не го слушаат и не го прифаќаат. Со други зборови, колку е повозвишена вистината, колку е повозвишено до6рото, колку е повозвишена убавината, толку помалку се докажливи, толку е помалку применлив пристапот што се заснова на доказите.

Ова нè доведува до другиот метод, што го нарековме внатрешен метод или пристап. Токму таквиот метод, најчесто и самите не знаејќи, го користиме во нашиот вистински живот што е далеку од секаква апстрактност. Ние и живееме токму со тој внатрешен пристап кон сè. Така, на пример, кога сакаме некого, нас ни се открива она што воопшто не може да го види оној кој не ја сака таа личност. Нам ни се открива внатрешната суштина на оној што го сакаме, суштина што е инаку недостапна за нашиот надворешен вид, но која ѝ се открива на нашата љубов, блискост и непосредно познавање. И наместо надворешно да пребројуваме колкупати името на Мајката Исусова се споменува во оној или во овој текст, прашањето на почитувањето на Божјата Мајка во христијанската вера треба да го поставиме на еден сосема поинаков начин, во склад со „внатрешниот“ метод и пристап кон верата…

Ќе речам вака: Кога нашата вера во Христа не би знаела за Неговата Мајка ништо друго, освен тоа дека Таа постоела и дека ја викале Марија, само тоа наједноставно сознание би било сосема доволно за во неа да препознаеме, во нејзиниот лик да согледаме, во нашата вера и нашето срце да откриеме сè она што Христовата Црква – во овие изминати 2000 години – препознала, открила и согледала во ликот на Божјата Мајка. Ни зборуваат дека во Библијата ништо не е речено за нејзиното раѓање, ниту за смртта на Дева Марија. Но ние знаеме дека таа постоела и живеела, а тоа значи дека морала да се роди и да умре.

Тогаш, зар е можно љубовта кон Христа и верата во Него да останат рамнодушни кон она што започнало во светот во оној момент кога во него се родила Онаа, на Која и било одредено да стане Негова Мајка?

Зар било можно оние кои верувале во апсолутната и божествена новост на Исуса Христа и во сето она што Он направил во овој свет, својот умствен и духовен поглед да не го сосредоточат и на Онаа Која Му дала човечки живот?

Со други зборови, севкупното почитување на Божјата Мајка и сета наша љубов кон Неа и сето наше знаење за Неа, произлегува токму од љубовта кон Христа и знаењето што го дарува исклучиво таа љубов.

И навистина, пред нас секогаш стои само една и единствена можност, само еден и единствен избор: пријдете, вкусете и сами одлучите за што се работи тука – дали за некаква митологија и измислица или, пак, за вистина, живот, убавина што самите ни се докажуваат со својата животворност, длабочина и неспоредливост.


Извадок од книгата: Протојереј Александар Шмеман Проповеди за Богородица и Богородичните празници, Охрид 2008, 6-12