Суштината на православието – II дел

Отците велат дека при падот на човекот се помрачил неговиот ум. Се помрачил Адамовиот ум. Отците не се занимаваат со Адам како Адам, туку со умот на Адам. Затоа што Адам направи грев и се помрачи неговиот ум. Тие зборуваат за безумен ум. Секаде во светоотечката книжевност прашањето на падот се гледа во помрачувањето на умот на човекот.

Но како ќе знаеме ние дека човекот паднал? Дали само врз основа на историскиот опит на падот наведен во Светото Писмо? Што всушност значи пад, а што рај? Постојат две светоотечки Преданија во врска со рајот, што св. Јован Дамаскин ги резимира без самиот да зазема став по тоа прашање.

Едното Предание вели дека во рајот умот на човекот бил просветлен. А другото, пак, тврди дека умот на Адам во рајот бил во боговидение. Неговиот рај бил тоа што ја гледал Божјата слава. Александриското Предание, како и Кападокиското (Св. Василиј Велики), го застапува ставот дека умот на Адам пред падот бил во боговидение. Антиохиското, пак, Предание (Св. Јован Златоуст) вели дека неговиот ум бил само просветлен.

Отците од свој личен опит знаат во што се состои просветлувањето на умот и усвоено е дека во рамките на Преданието просветлувањето на човекот е вселувањето на Светиот Дух во срцето на човекот, при што човекот станува храм на Светиот Дух. Тогаш Самиот Свет Божји Дух дејствува во умот на човекот и го просветлува. Според Антиохиското Предание токму таков бил умот на Адам.

Зошто Светиот Јован Дамаскин не зазема никаков став во однос на овие две Преданија? Бидејќи она што го интересирало овој отец на Црквата било да ги изложи двете објаснувања за тоа каков бил умот и дека потоа се помрачил. Но од каде знаеме ние дека умот на Адам се помрачил? Едноставно оттаму што знаеме дека и ние самите сега имаме помрачен ум. Тој помрачен ум бара исцелување. Терапијата се состои во просветлувањето и обожението. Значи, има две фази, а обожението е комплетното исцелување.

Но што значи тоа помрачен ум? Тоа значи дека умствената енергија на човековото срце не дејствува правилно. Умствената енергија почнува да дејствува правилно само тогаш кога човекот ќе мине низ очистувањето и ќе достигне до просветлувањето. По падот умот е помрачен, зашто е полн со помисли, и тие помисли го помрачуваат. Како се случува умот на човекот да се помрачи од помислите? Тоа се случува тогаш кога помислите на разумот ќе слезат во срцето и стануваат помисли на умот. Со други зборови, до помрачување доаѓа кога се јавува конфузија помеѓу разумот и умот. Односно, се јавуваат помисли во умот кои не треба да бидат таму, бидејќи му припаѓаат на разумот. Умот всушност, треба да биде комплетно празен од помисли, за да може во човекот да дојде Светиот Дух, да се всели и да остане во него.

Што е суштината на нашето Православно Предание

Православното Предание нуди метод за исцеление на умот на човекот, односно исцеление на неговата душа. Оваа терапија, како што рековме, има две фази, просветлување и обожение. Обожението, односно боговидението е гаранција за комплетното исцелување. Бидејќи овој терапевтски метод се предава од генерација на генерација, преку луѓе кои достигнале до просветлување и обожение и станале исцелители на другите, тој се нарекува Предание. Не станува збор за обично пренесување на знаење од книги, туку пренесување и наследување на опитот на просветлувањето и опитот на обожението.

Во Стариот Завет состојби на просветлување и обожение имале само патријарсите и пророците на Израилците. Пред пророците биле патријарсите, а пред Мојсеј го имаме Авраам. Но во Стариот Завет читаме дека и до Авраам постои свест за состојбата на просветлување и обожение. Самиот Авраам бил боговидец, односно достигнал до обожение. За периодот пред Авраам, пак, имаме податоци од еврејското предание дека просветление и обожение имало и кај праотците на Авраам, како на пр. кај Ное. Значи ова Предание на просветлување и обожение се пренесува од самиот почеток. Не се појавило туку-така од никаде. Не се појавило одненадеж во XI и XII век пред Христос.

Во Новиот Завет е полесна контролата, бидејќи е ограничено времето на неговото траење. Меѓутоа, Стариот Завет опфаќа околу 1500 год., историја. Во тој период имаме еден ’рбетен столб. Тој ’рбетен столб е Преданието на просветление и обожение, кое се пренесувало од пророк на пророк и ја претставува суштината на Православното Предание. Пренесувањето на овој опит во Стариот Завет се протега хронолошки од Авраам до св. Јован Претеча. Тоа е Преданието на патријарсите и пророците.

Но, и пред овој период, постои оној првиот период, кој се протега од Адам, преку Ное, до Авраам. Денес археолошки е констатирана вистинитоста на наведените настани во Стариот Завет, барем до времето на Мојсеј. Не постои никој кој денес би го оспорувал Стариот Завет како текст од голема историска вредност. Но и пред Мојсеј, па сѐ до периодот на Авраам археолозите имаат пронајдено податоци коишто ја докажуваат вистинитоста на она што во Стариот Завет се наведува, поврзано со личноста на Авраам.

Значи, гледаме дека суштината на Православното Предание не е книгата на Светото Писмо, туку пренесувањето на овој опит на просветлување и обожение од Адам па сѐ до наши дни.