А, за „автоимуната“ болест на Црквата, кога ќе најдеме „вакцина“?

Андреас Лударос, новинар

Од денот кога пандемијата тропна на нашата врата, вербалните напади врз клирици од сите степени, од страна на „зилоти” и воопшто „традиционални“ христијани зачестија, а за жал и се зголемија. На почетокот беа тие кои го укоруваа клирот и особено архиереите за тоа што „отстапија“ пред барањата на Државата и ги затворија храмовите, бидејќи… „во храмот не се заразува“. Потоа, кога ги отворија храмовите, истите, потполно познати или воопшто непознати за локалните заедници, се вратија за да ги караат клириците по прашањето на маската. „Бог не нѐ сака во својот дом со маска,“ викаа тие.

Сега, со вакцината, го објавуваат своето „неотстапување“ и веќе без никакво двоумење прекинуваат служби и Божествени Литургии, пцујат и колнат клирици и, сметајќи го тоа за „свештена должност“, се однесуваат спрема нив како да се религиозната полиција на Иран, во храмовите и надвор од нив, чекајќи го како на радар моментот кога некој клирик „ќе се осмели“ да искаже нешто што според нивното мислење не е „православно“, „светоотечко“ итн. Тоа го видовме на Парос, на Закинтос, во Неапол и во десетици други случаи, за кои не се случи да добијат на широк публицитет.

Како стасавме до овде? Што се случува? Како Црквата од „душевно лечилиште“ стана „душевна болница“?

Најголемиот проблем, барем според моето мислење, се концентрира во следниве фрази: „Брате, зошто да се плеткаме сега…?“, или „Остави го нека зборува“, или „Мене нека не ме чепка, па што сака нека прави“ и, секако, „Ајде де, десет будали се, ќе викаат и ќе им помине“. Жалното е што вака најпрвин се оснесуваа самите митрополити.

Кога, на пример, во една епархија еден клирик има народ зад себе, митрополитот ќе се помисли еднаш и двапати дали „да го прибере“, ако зборува глупости (простете ми за зборот, но не наоѓам подобар) зашто попот има духовни чеда – односно војска, за да ги именуваме работите како што се – така што, ако ги прибере, митрополијата ќе му стане „воскресни, Боже“. Во ваквите случаи митрополитот држи дистанца, го остава попот на слобода да прави што сака и, штом проблемот не стасува во митрополија, сите сме среќни. „Што да се плеткаме сега…“

Тоа е едниот „рецепт“. Во други случаи, митрополитот не останува „неутрален“, туку му се приближува на „духовникот“ онолку колку што треба, така што неговите приврзаници, односно неговите духовни чеда, да го сметаат митрополитот за свој човек. Така „спиеме мирно“, митрополијата е спокојна и епископот е прифатен од сите. Секако, некои од овие веруваат во некое друго православие, но не е страшно. Па, не бива сите да ги имаме сите квалитети.

Се работи за познатиот метод на водство, преку кој не се потрудуваш да ја насочиш толпата, туку гледаш каде сака да оди и, едноставно, седиш на врвот. Лесен и одморителен метод, со единствена разлика што има една опасност. Ако некогаш се осмелиш да кажеш нешто што толпата не сака да слушне, стануваш главна улога во својата Страсна седмица. Од „Осана“ до „Распни го“ има три дена пат. Но, оваа Страсна седмица не завршува со „Воскресение“.

Во деценијата на 1980-те и 1990-те, во мода беше жигот, антихристот, 666, баркодовите и чиповите. Тогаш започна оваа „мода“. Тогаш, Црквата гледаше на овој феномен со незаинтересираност. По прашањето на личните карти, кое следуваше, тогашното црковно водство, очигледно несакајќи, го „накрми“ малиот ѕвер со динамичноста која никогаш правилно не ја процени.

Последниве години, со експлозијата на технологијата во сферата на комуникацијата, а особено во средствата за социјално вмрежување, повторно Црквата заспа. Само два-тројца митрополити покажаа загриженост за присуството на клириците на мрежите, но стравот имаше врска со надворешноста. Односно, една црковна верзија на „што ќе рече светот“. За идеите кои се движат, за нивното проценување од страна на секакви клирици и „ритори“ и за целиот овој панаѓур што се случува на просторот на црковните мрежи, дури и денес некои немаат ниту најмала идеја. Пред неколку години, еден митрополит направи излагање пред Синодот на јерархијата за современото семејство и кажа дека смета оти сите проблеми започнуваат од „телевизијата“ и од примерите кои ги претставува.  Телевизијата…

И, отприлика така, стасавме до овде. Едно раководство кое никогаш не ги сфати промените кои настанаа, не ги процени нападите што ги добиваше секој ден од „непријателите однатре портите“, што претпочиташе да се прави дека не гледа и му беше доволно да се помири за да си го добие своето спокојство, отколку да се спротивстави за да ги реши проблемите, па сега се наоѓа соочена со секој „исповедник“, кој со кренат прст ја изобличува со крајна безобразност. Веднаш покрај овие, толерира една паралелна војска од лукави користољупци, кои успеваат да ги искористат незналците, објавувајќи се себе си како гласови на вистината и на автентичното предание.

Веќе со години, кога и да се појавеше некој скандал од сексуална или економска природа, излегуваа секакви и „вадеа мечови“ за да „се исчисти“ Црквата. Зашто ги сакаа чистите и непорочните. Но, никогаш не излезе никој да зборува за оние што ги гнасат мозоците на луѓето. За тие што растурија куќи, разделија семејства, збудалија луѓе за да си создадат сопствена „војска“ и да си ја задоволат сопствената болна суета. Никогаш не се осмелија да кажат „стоп“ на шарлатаните од секаков вид, кои носат големи крстови и раскажуваат невозможни теории. Или бидејќи не ги измерија правилно, или бидејќи не им беше гајле, или, дури, бидејќи се исплашија.

И, еве го резултатот.

Бидејќи животот донесе така да последниве две години говориме со медицинска терминологија и да се однесуваме како професори по медицина, дозволете ми да го кажам и јас моето размислување. Црквата страда од една многу тешка автоимуна болест. Една болест која се роди од нејзиниот сопствен организам. Ако сите заедно не се потрудиме да најдеме лек и да се потрудиме секој од своја страна да ја исцелиме, тогаш болеста ќе се прошири и следниот носител на овој паразит ќе биде нашето општество.