Применета религија

Незнаењето му штети на оној кој не знае

Проф. д-р Никола Крлески

Вака ни говореше нашиот професор по право, блажен и вечен му спомен. Велеше, ако некој дојде на испит а не се подготвил, односно не знае – нема да положи. Односно, незнаењето ќе му биде на негова штета. Професорот, како правник и судија, говореше и понатаму. Незнаењето на законите е на штета на оние кои не ги познаваат законите. Кога некој ќе направи прекршок и ќе се појави пред судот, нема да му помогне тоа ако кажува таму дека не знаел, или дека не бил запознаен со законот… Професорот, како уставен судија, говореше и понатаму… Но, тоа е друга тема, за друго место, но секако, е поврзана со незнаењето.

Да одиме малку поназад низ вековите…  Кога еднаш Свети Макариј Велики во пустината пронашол човечки череп, го допрел со стапот и го прашал: кој си ти, чиј череп си ти? Черепот одговорил дека е на поранешен свештеник, жрец, од паганските времиња. Свети Макариј го прашал каде се наоѓа сега. Черепот одговорил дека е во пеколот. Свети Макариј го запрашал како им е таму. Черепот одговорил: темно, жешко, неподносливо, мачно… но, дека само кога во светот се служи Света Евхаристија, дел од некоја светлина малку допира и до нив таму… За малку, во даден момент и тие да почувствуваат малку светлина, свежина, некој мир или некоја надеж. Тогаш Свети Макариј го прашал дали тој е на најлошото место, или има и полоши места во пеколот. Черепот одговорил дека на полошо место од неговото се оние кои Го спознале Христос, но не живееле по примерот на Христос, односно не живееле по законите и заповедите Христови.


Денес, сите ние знаеме за применето право, применета економија, применета култура, применета медицина, применета социологија итн. Но, дали знаеме и дали имаме применета религија денес?

Дали воопшто учиме, спознаваме, читаме, се повикуваме, прифаќаме и слушаме од законот на Христос, од каноните, од логосот – законот на Светата Троица, од Стариот Завет, од Новиот Завет, од Евангелието на правдата и на вистината, од уката и науката на Светата Црква – Црквата возглавена од Господ Исус Христос, Црквата Мајка на сите нас во вселената и на сè што дише и живее?

Дали воопшто веруваме и применуваме од верата и Богоспознанието што ни е дадено? Од благословот што ни се дава катаден, за сè што мислиме, за сè што работиме, за сè што твориме, за сè што правиме, од молитвите кои се произнесени за нас и за сите, за човештвото во целост, од нашите молитви изнесени со мисла, со збор, со воздишка…

Дали нашиот живот е применет со големото име на Света Троица, по молитвите на Пресвета Богородица и на сите Светии? Дали имаме применета вера, т.е. дали верата ја применуваме во секој миг од нашиот живот…

Дали го чекаме второто доаѓање на Христос со знаење или со незнаење, со вера или без вера, со применети закони или со беззаконие?

Дали заспиваме, дали се будиме, дали дишеме со крстот што ни е даден и со послушанијата кои ни припаѓаат – послушанијата кои не се ништо друго, освен да бидеме Христови и да постанеме икона Божја, односно да останеме насмеани и ведри во душите и срцата, полни со силнa вера…

На тој испит таму мора да положиме, на тој суд таму мора да знаеме. За да ја имаме светлината постојано, а не да ја чекаме повремено.

Јас кај професорот положив со шестка, но и професорот беше задоволен и јас бев среќен…