Равуни…

Нема да осудувам, Учителе, иако сакав да им кажам, да каснат алва и зелник со сирење на Прочка, пред да си подадат рака на помирување, целив и прегратки на простување, воздишки на смирение… Да ги држи алвата, да ги закрепи јогуртот за подолго, да издржат… Умствената и душевната сила на мирот, на прошката, през постот и по него, за да Те видат, Учителе.

Нема да осудувам, Учителе, иако сакав да кажам, да не се поганат со зборовите, да не се слушаат пцовки, да не се гневат, да не грмат, да не навредуваат, да не ожалостуваат, да не потценуваат… Да ги држи милоста, премудроста и смирението на срцето, во Твоите денови, за да Те чујат, Учителе.

Нема да осудувам, Учителе, иако сакав да кажам, колку што можат да Те посетат во домот Твој, во школата Твоја, во училницата, да не доцнат пред sвонот, на чиста табла да пишуваат, откако ќе ја избришат… Да ги држи чистотата, слободата на духот, силата на верата, за да Те почувствуваат, Учителе.

„Христос и грешницата“, А. Н. Миронов

Нема да осудувам, Учителе, иако сакав да кажам, да јадат заедно со Тебе, од лебот и виното, од водата и шеќерот, од ѓеврекот, од леќата, од Крвта и Телото што нè осветлија и просветлија, за да живеат добро, за да живеат долго, за да живеат вечно, со Тебе, во Тебе и Ти во нив, за да Те вкусат, Учителе

Нема да осудувам, Учителе, иако сакав да кажам, и дома да продолжат да учат, домашно да напишат, лекцијата да ја повторат, за да живеат во молитва, да живеат со покајание, да не грешат повеќе, метанија на солзи и насмевки да си подарат, за да положат, Учителе, да преминат.

Нема да осудувам, Учителе, иако сакав да кажам, за Мајка Ти, за Милостивата.. Да ја поздрават, да ја почитуваат, да ја помолат, затоа што Таа ти даде тело, она што немаше, за сите ние живот да имаме, за да Ти благодарат, Учителе.

Нема да осудувам, Учителе, иако сакав да кажам, да се променат, да се облечат во бело, да се насмеат, цвеќе да подготват, свеќа да приготват, јајце бело-црвено, шарено, за да се радуваат, на сведителството, на светлината, на вистината, на дипломата… За да не Те заборават, Учителе, и повторно да Те чекаат.

Нема да осудувам, Учителе, никој, никого и никаде, освен себе самиот, затоа што не научив, не завршив, не положив, не бев редовен и гладен останав за науката Твоја, за вистината на животот…

Но, иако сум грешник , Твој ученик сум, во Твојот клас сум.

Затоа, Ти се молам, и во единаесеттиот час, како последен, како митарот, како блудницата…

Прими го моето покајание.

Прости ми ги согрешенијата.

Услиши ги моите молитви и…

Помилуј ме мене грешниот, недостојниот и непоправливиот.

Како Добар и Човекољубив.

Христос Воскресна!