За честа на горното призвание – I дел

Човекот е создаден како икона (образ) Божја (1. Мој. 1, 26–27). Не е ниту лесно, ни едноставно – во статичните, природните категории – да се одреди што точно претставува „иконата Божја“ во човекот. Светите Отци, во поглед на ова, укажуваа на умот и слободата. Тоа значи дека иконата Божја има динамичка смисла и природа. „Иконата Божја“ е она што изобразува, што одразува, што одново произведува… Создавањето на човекот како икона Божја го означува неговиот призив и неговата способност да се уподоби на Бога, способност за живеење во Бога… И затоа грешниот и паднат човек не може во себе да ја пројавува „иконата Божја“, зашто е надвор од Бога, надвор од животот. Тој е оддалечен од Бога и Божјиот лик не се огледува во неговата душа… Христовото обновување на „паднатата икона“ е оживувањето на човекот, повторното соединување со Бога… Он, бидејќи ни ја дарува Својата сопствена икона и Својот сопствен дух, но ние тоа не го сочувавме, вели Преподобен Јован Дамаскин, ја прими врз себе нашата бедна и немоќна природа за да нѐ очисти, да нѐ избави од распадливоста и одново да нѐ направи причесници на Своето Божество. Според тоа причестувањето и е живот за човекот зашто единствено Бог е вистински Живот. И, затоа спасението е воскресение и Христос за нас е воскресение и живот.

Тој живот во нас се открива преку Духот Свет. И како што зборуваше Св. Атанасиј Велики, „Напоени од Духот Го пиеме Христа“. Преку даровите на Духот се соединуваме со Спасителот и во таа смисла Светиот Дух е Дух Христов. И Светиот Дух е Духот Животворен. Духовното оживување на човечкото битисување е осветување на тоа битисување. Духот е „Источник на осветувањето“ и во таа смисла, според објаснувањето на Отците, треба да го разбереме неговото именување како Дух Свет. „Осветувањето“ е „обожување“, теосис, зашто единствено Бог е Свет и единствено преку соединувањето со Бога, човекот може да постане „причесник на светоста“. И обратно, примајќи ги даровите на Духот кои осветуваат, ние стануваме „причесници на божественото“: се соединуваме со Бога и во нас се открива духовен или Божествен живот. Во тоа се остварува спасението. Тоа се остварува во Црквата и Црквата, пред сѐ е Света Црква. Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа за да ја освети (Ефес. 5, 25 – 26). Црквата е Дом Божји, Дом на Духот Свет. Црквата е Тело Христово, таинственото Тело на Воплотеното Слово , и затоа во неа, исто така, се сретнуваат и соединуваат две природи. Црквата е организам на богочовечкиот живот.

Тој живот се остварува, пред сѐ во Светите Тајни. Сите Свети Тајни се дејства што осветуваат: преку нив дише Светиот Дух, преку нив се остварува соединувањето со Христа, преку нив се обновува општењето со Бога. И сите Свети Тајни се свети и преку нив се остварува светиот живот на Црквата. Заедничарењето во Светите Тајни е заедничарење во светоста, во осветувањето, во даровите на Духот. И христијаните, токму преку Светите Тајни, се издвојуваат од неосветениот свет во род избран, во царско свештенство, во народ свет (спор. 1. Петр. 2, 9). Во оваа смисла, во првите векови сите верни се нарекувале светии, како оние кои се родени од Духот, како оние кои се осветени преку Светите Тајни. А надвор од Светиот Дух воопшто не може да има и не постои вистински христијански живот. Ако некој Го нема Духот Христов, тој не е Негов (Рим. 8, 9), вели Апостолот.

Целокупниот христијански живот, во извесна смисла, е дар на Светиот Дух. Сите се повикани на осветување: во тоа е и смислата на христијанството. А тоа значи: сите се повикани на светост, на стекнување на Духот. Во тоа е основната задача на христијанинот, смислата на неговиот живот, неговата надеж…

Од Светиот Дух доаѓа дарот на верата, и дарот за молитва, и дарот на љубовта…Целокупниот живот на Црквата е пројава на Духот Свет. Но, Црквата се состои од луѓето, како нејзини членови. Ако Црквата е Дом Божји, тогаш и секој христијанин е должен да биде Дом Божји и храм Божји. Зар не знаете дека сте храм Божји и дека Духот Божји пребива во вас? (1. Кор. 3, 16), вели Апостолот. Така се одредува и првиот и основниот момент на светоста и него можеме да го наречеме харизматски (благодатен момент). Тоа е приопштување кон Духот, единство со Бога, причестување со животот. Тоа има свои степени и мерки. Но, на тоа се повикани сите и во него е целата христијанска надеж, во честа на горното призвание од Бога во Исус Христос (Филип. 3, 14)

Светоста е од Светиот, светоста е од Бога. Светоста е дар и милост, односно благодат. Дар е од Оној Кој повикува, а не од делата (спор. Рим. 9, 12; Гал. 2, 8 – 9). Но, сепак, нема дар без дела. Пред сè токму поради тоа што осветувањето е восиновување од Бога – восиновување, а не ропство. Веќе не ве нарекувам слуги… туку… пријатели (Јован, 15, 15) вели Господ. Во Бога не смее да се живее и пребива ропски, од страв, со присила… Да се живее во Бога, значи да се живее богоподобно, а првата одлика на богоподобноста е слободата „самовластие“, како што велеа древните Отци, односно создавање и одлучност на волјата. Благодатта не дејствува насилно, ниту магијски, ниту, пак, принудно. Благодатта привлекува, но не замајува, туку повикува: Еве стојам пред вратите и тропам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене (Откр. 3, 20). И оттаму и другиот момент во светоста, кој можеме да го наречеме подвижнички. Тоа е момент на подвижништво и создавање, и тоа доброволно подвижништво, а не неволно, подвижништво од љубов, а не од страв. Според зборовите на св. Исаак Сирин, „Бог според големата Своја љубов, не сакаше да ја ограничи нашата слобода, туку благоволи ние да бидеме тие кои со љубовта на своето срце ќе Му се приближиме Нему“, и затоа благодатта дејствува во „тајната на слободата“. Бог, според Својата љубов, од нас бара љубов и на таа Љубов треба да Му се одговори со љубов. Осветувањето не е од делата, туку е дар, и затоа треба да биде прифатено во слобода, т. е. во љубов. Така се соединуваат подвижничкиот и харизматскиот (благодатен) момент. Како што велеше св. Григориј Богослов: „Доблеста не е само дар од Великиот Бог Кој ја почитува Својата икона, туку за неа е потребен и нашиот стремеж, ниту, пак, таа е плод на исклучиво „благословените“ срца, туку неопходна е и силата на Севишниот“.

И сè се завршува во љубовта. Љубовта не е само врв на подвижништвото, туку и почеток, или, поточно, таа е самата сила на подвижништвото, повозвишениот пат (1. Кор. 12, 31). Првата заповед е заповедта на љубовта: Возљуби Го Господа својот Бог (Матеј, 22, 37). Но, тоа е повеќе од заповед. Зашто љубовта е живот: прави го тоа и ќе живееш (Лк. 10, 28), рече Господ. Зашто според зборовите на Апостолот, „љубовта е од Бога и секој кој љуби роден е од Бога, и Го знае Бога… зашто Бог е љубов (1. Јован, 4, 7 – 8). Љубовта кон Бога, пред сè, е стремеж кон Бога, копнеж за богоопштење, чувство дека богоопштењето ни е неопходно.

За тоа, со особено нагласување, насекаде зборувале христијанските подвижници и мистичари, почнувајќи од големите апостоли Јован и Павле. Подвижничката мистика била мистика на љубовта, и тоа каде – каде повеќе од мистиката на покајанието. Љубовта кон Христа, како љубовен стремеж кон Христа, била мотив и движечка сила на првиот христијански, ранохристијански подвиг, подвигот маченички. Доволно е да се потсетиме на блескавиот лик на св. Игнатиј Богоносец. Тоа не било само поднесување заради Христа и Христа ради, туку и следење на Христа со радост, сострадување, соносење на крстот. Љубовта кон Христос е источник на маченичката радост и затоа во ранохристијанското мачеништво имаше толку големо вдахновување и мистика.

Подвижничката љубов е динамичка, и на некој начин ненаситна. Тоа е пат кон непрестајното воздигнување. Тоа е заборавање на себе во љубовта кон Бога. И во врска со тоа стои и собраноста, напрегнатото сосредоточување на душата, која мисли единствено на Бога. Во источното подвижништво, на многу јасен начин, изразен е естетичкиот мотив и токму тоа е она што особено ја карактеризира слободата на љубовта.