За Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква (III дел)

Во Црквата Божја моралните добродетели самите го достигнуваат врвот совршенството кој е пристапен за човекот. Со исчистени дух и срце преобразени со таинството на светото крштение, човекот кој некогаш имал помрачена душа и бил бесчувствителен, усрдно и ревносно развива во себе совршено нови добродетели. Црквата навистина го обновила, пресоздала човекот и го направила образ Божји. Светиот престол на Црквата – тоа е вистинска трпеза која ги храни луѓето за вечен живот. Од таа трпеза на верните им се раздава Лебот небесен, Телото небесно, и оние кои го вкусуваат никогаш нема да умрат. Светиот престол, востановен во средиштето на Црквата Христова, е Небесна Трпеза. Тој ги добива земните работи и ги вознесува на небото, ги добива небесните работи и ги распределува на земјата. Светиот престол на Црквата ја допира земјата и, истовремено, Горниот Трон. Тој престол е страшен и за самите ангели, кои летаат под сводот небесен. (Алузија на литургијата за време на вознесувањето на даровите и возгласот: „Твои од Твоите, Тебе ти принесуваме од сите и за сè…“ Црквата Му принесува на Бога земно богатство, т.е. леб и вино, а за возврат ги добива Телото и Крвта Христови…).

Црквата е очекување, прибежиште и утеха на сите верни во Христа. Божествениот Златоуст вели:

„Црквата која Бог ја востановил на земјата е исто што и пристаништето во океанот. Криејќи се од животната суета, во неа наоѓаме прибежиште и се тешиме со мирот.“ „Не оддалечувај се од Црквата, бидејќи од неа не постои ништо посилно. Таа е поцврста од карпа, повисока од небото и попространа од земјата таа никогаш не старее, туку, напротив, бесконечно цвета. Зошто во Писмото е наречена планина? Поради својата непоколебливост. Зошто ја нарекува карпа? Поради својата непропадливост. Низ неа со божествените дејства, како на пример читањето на Светото писмо, припитомени сите диви ѕверови, таа го проникнува  слухот на секој човек, продира во душата и ги заспива страстите кои таму се распламтиле.“

Според зборовите на свети Игнатиј, вистинската Црква е само една. „Христос е еден и не постои ништо подрагоцено од Него. Дојдете во Црквата, која е единствен Божји Храм, единствен престол на единиот Господ Исус Христос, роден од единиот Отец…“

Свети Иринеј, епископ лионски, ученик на свети Поликарп и слушател на светиот евангелист Јован, во својата книга „Против ересите“ го зборува следново:

„невозможно е да се набројат сите благодатни дарови (харизми) кои Црквата ги добила од Бога во целиот свет, во името на Господа Исуса Христа, распнат во времето на Понтиј Пилат заради доброто на сите народи. Не впуштајќи ги во измама или во заблуда, таа бесплатно им дава сè што бесплатно добила од Бога.“

Зборувајќи за мисијата на Црквата Христова, светиот Теофил, епископ антиохиски (2 век) во 14 параграф во својата втора книга ја споредува Црквата со „морските острови“. Некои од нив се населени, на нив има вода, плодови, упоришта и пристаниште, а ова им го нудат на оние кои се изложени на заканите од морски бури. Исто така и на светот, разбранет и разнесен од гревот, Бог му дал храмови кои ги нарекуваме свети цркви, во кои исто како во сигурните островски пристаништа, се наоѓа веронауката на Црквата. Кон нив доаѓаат оние кои сакаат да се спасат. Тие стануваат следбеници на Вистината и на тој начин го избегнуваат судот и гневот Божји.

Останатите острови се карпести, на нив нема ниту вода, ниту плодови, диви се и ненаселени. Тие претставуваат опасност за патниците и бродоломниците. На нив се раскршуваат бродовите и гинат патниците. Такви се порочните учења кои се нарекуваат ереси. Бидејќи не се раководени со зборовите на Вистината, тие ги воведуваат во заблуда сите кои им се приближуваат. Таквите учења се слични на пиратите, кои товарајќи ги своите бродови и талкајќи по брановите, ги разбиваат своите бродови од таквите острови и ги губат засекогаш. Така е и со оние кои се оддалечуваат од вистината и пропаѓаат во заблуди.

Божествениот Григориј Богослов, во своето прво слово против Јулијан Отпадник, вака зборува за Црквата: „Ти му се противиш на Христовото наследство, големо и неминливо, кое го создаде како Бог и го наследи како човек. Тоа е прогласено со Закон, исполнето е со благодат, Христос го препороди, пророците го засадија, апостолите го сврзаа, а евангелистите го одгледаа…“

Во беседата за соборната вера, свети Епифаниј Кипарски вели:

„Црквата е наша мајка. Таа е чиста и прекрасна невеста која пристигнала од Ливан. Таа е рај на големиот уметник, престојувалиште на Светиот Цар, невеста на целомудрениот Христос, непорочна девојка, венчана со еден Женик. Проѕирна е како вел, прекрасна како месечина, избрана како сонце. Законот ја прогласи за блажена и таа седи од десната страна на Царот.“

Црквата е откровение кое постојано се извршува во светот. Во неа Бог се открива на многу и различни начини, и го потврдува Своето присуство со Своите божествени сили. Во Првото послание до Коринтјаните, светиот апостол Павле зборува за Црквата која ја основал Христос: И едни од вас Бог постави во Црквата прво апостоли, второ пророци, трето учители; потоа даде дарби за чудеса и исцелување; па застапници, управници и луѓе што зборуваат на разни јазици (1.Кор. 12,28).

(Продолжува)


Превземено од: Хондропулос, С. (2007). Свети Нектариј Егински: Светител од наше време. Ѓаконија. (Pages 357-360).