Киев: „Тројанскиот коњ“ на Москва за освојување на Константинопол

Една од темите за кои Православните цркви со години дискутираа на ниво на комисии, но никогаш не стаса до конечната агенда на Светиот и велик собор, е онаа за начинот на објавување на автокефалиите. Текстот беше составен пред 26 години, во ноември 1993 година, и потенцијално ќе беше новиот начин на „создавање“ на автокефални цркви… ако Руската црква не го „кренеше во воздух“. Но, зошто се случи тоа?

Историски, единствената црква што има право да создава нови автокефални цркви, поради немоќта да се свика Вселенски собор, е Константинополската. Со единствен исклучок на Кипарската, и секако, древнородните патријаршии, сите останати автокефални цркви и патријаршии „се родија“ во Константинопол.

За првпат во историјата на Православната црква овој начин беше на пат да се промени, кога Фанар со една постапка -за некои уште несфатлива и до денес- одлучи да сподели, на некој начин, дел од своите привилегии со останатите цркви. Со прости зборови, а и да не се губиме во многу подробности, бидејќи дотогаш прашањето за автокефалиите беше решавано исклучиво од Фанар, без ни најмала соработка со другите цркви, со новиот начин веќе ќе требаше да ја има и нивната согласност.

Значи, ако некоја помесна црква сакаше да добие автокефалија, ќе требаше да испрати барање до Фанар, кој ќе го испита и ќе го препрати до останатите цркви. На крај, томосот за автокефалија ќе се издаваше не само ако се согласува Вселенската патријаршија, но доколку постои сеправославна согласност.

Да го поедноставам ова уште повеќе: дотогаш Константинопол ја „раѓаше“ и потоа само ја „препорачуваше“ новата сестринска црква на семејството на Православните, но со новиот систем ќе требаше на раѓањето да му претходи согласност од семејството.

И доаѓаме до потписот. Конечниот текст предвидуваше издавање на Патријаршиски томос од Фанар со потписот на Вселенскиот патријарх, како што бидува со векови, но за првпат веќе ќе можеа на томосот да се потпишат заедно и останатите претстојатели на црквите.

Врз основа на погоре договореното, томосите на црквите кои ќе произлезеа после оваа уредба, ќе завршуваа со вакви потписи: Константинополскиот одлучува (αποφαίνεται), Александрискиот „соодлучува“ (συναποφαίνεται), Антиохискиот „соодлучува“ итн.

Но, ова беше местото каде што една историска согласност заврши во кантата за отпад. Додека сите беа согласни, Москва не се согласи со начинот на потпишување. Руската црква не сакаше да постои разлика помеѓу Вселенскиот патријарх и останатите претстојатели. Нејзиниот предлог беше сите потписи да се стават на ист начин, без да се издвојува потписот на Вселенскиот. Зошто така – мислам дека е јасно и нема потреба од дополнително објаснување.

Значи, овој ќе беше новиот начин на создавање на автокефални цркви, доколку Москва се согласеше, а бидејќи ова не бидна, остана стариот познат начин.

Но зошто се навраќам на оваа стара историја?

Зашто, едноставно, со неа на многу свечен начин се открива како „битката“ за Украина што Москва ја води со толку голем напор, е само чад зад кој се крие една многу паметно камуфлирана „опсада“ на Константинопол.

Ако навистина прашањето за украинската автокефалија беше највисок приоритет на Москва, тогаш таа ќе беше првата која, не само ќе го потпишеше новиот правилник, туку и ќе им го „наметнеше“ и на останатите цркви.

Зашто врз основа на рамнотежата која е воспоставена во Православната црква веќе со децении, со новиот правилник Украина немаше да види автокефалија ниту по петстотини години. Никогаш немаше да постои неопходната сеправославна согласност, која се бара од правилникот и нејзината автокефалија ќе останеше во категоријата молби. Во веки веков…

Но зошто Москва не го направи тоа? Зошто го испушти единствениот начин со кој ќе си го решеше проблемот еднаш за секогаш? Можеби сепак Украина не е нејзиниот вистински проблем?

Ако ги разгледаме настаните методолошки, одговорот лесно се пројавува: секако дека не! Проблемот на Руската црква не е Киев, туку Константинопол. Имајќи го на врвот на приоритетната листа оспорувањето на правата и привилегиите на Константинопол наспроти останатите, Москва претпочиташе да го жртвува Киев, наместо да му признае на Константинопол барем една привилегија, па макар и „поткусурена“. Па дури да е таа привилегија истата која ја направила Руската да биде автокефална црква, а подоцна и патријаршија.

Затоа и го искористи украинското прашање за да ги оспори еднаш засекогаш и другите привилегии, како на пример еклитонот (апелацијата), па дури и називот „Вселенска патријаршија“.

Москва направи сè за да го доведе Константинопол во позиција да ѝ додели автокефалија на Украина, не затоа што ѝ недостига стратегија, туку зашто токму тоа беше нејзината стратегија!

Притисоците врз другите цркви да не ја признаат Украинската црква и нејзиниот претстојател, во стварноста целат кон престолот на Константинопол и неговите привилегии. Еднаш веќе имав напишано и настојувам: изградувањето или рушењето на Третиот Рим минува низ Киев.

Извор: Ортодоксија.инфо