„Господи добро ни е да бидеме овде“

Денови претходно од срцето ми извираше неопислива радост, од помислата дека се приближува подвигот „Крчин 2019“.

Во споделувањето за целта и значењето на овој настан, пренесено од сестра Ефимија, длабоко во моето срце допреа нејзините зборови: „Најважното нешто на ова искачување не е само да се искачиш на тој врв, туку има нешто повеќе што треба да се доживее, а тоа е токму она што таму се случува“ (Светата Литургија).

Како личност и долгогодишен спортист, секогаш ми било голем предизвик да се натпреварувам со себе си, колку што можам повеќе да постигнам, едноставно бев љубопитна што ќе се случува во следната фаза. И всушност, секое животно и спортско искачување кон зацртаните цели, ме научи дека токму постигната цел ми кажува дека е неверoјaтно што се’ може да постигне еден човек. И сфаќам дека сум на целта, но можам уште! Можам да одам и повеќе и повисоко и подалеку.

Неопислива милост Божја! Да се качуваш и да гледаш нови цели за нови успеси.

Како што се наближуваше денот, радоста ми беше се’ поголема. Радост Божја – како и секоја радост, но оваа е толку посебна, толку поинаква и поразлична од сите други радости. Се видов себеси како неколку пати, во сосема друг разговор со пријателите, само ќе речев: „Леле, едвај чекам да дојде сабота за на Крчин!“

Како да сакав не само да речам, ами да го повторам тоа многу пати, да викнам. Изговарајќи го ова, чувствував Божја благодат, посакував да Го прославувам Бога за тој позитивен копнеж, затоа што е премилостив што ми дарува вакви чувства.

Кога ќе речев „едвај чекам“, јас како да бев веќе горе на врвот, копнеев во мислите да слушнам, да почувствувам и да доживеам што ќе се случува таму. Јас со срцето веќе бев на врвот и тие чувства преку насмевка ме преобразуваа и ја ширеа мојата радост.

Кога љубовта и желбата е голема, кога со молитва и себепознание тргнуваш кон тие Божји висини, поблиску до Него, тогаш… Тогаш забораваш на заморот, забораваш на физичките промени кои ти се случуваат во телото.

И ете ја саботата. Авантурата со чекорење нагоре започна. Движејќи се, на два три пати ќе ми дојдеше мисла колку сме далеку, колку сме високо.. А она второто „јас“ ќе се спротивставеше и од срцето ми излегуваше реченицата: „Бог ги создаде планините, езерата, морињата, небото, висините, копното. Се’ е од Бога“. Ние сме на Христовото копно. Така веднаш го чувствував мирот Божји. Христос е со нас, па и на крајот на светот да сме. Онаму каде што Го гледаш Христос постои голема надеж.

Сликата за она што ќе биде горе ме тераше да поттрчнувам, колку погоре одевме, толку ми се чини поблиску до Христа стасувавме.

Помислата дека искачуваш нешто, дека физички одиш нагоре, прави едно расположение во душата која се соединува со Бога. Што повисоко тоа поблиску до Господа…

Тивко, со молитва, со бројаницата во рака си ги следев чекорите.

Кога излеговме од шумата, првата глетка пред нас беше големата карпа, која светлеше со по некој сончев зрак. Чиниш ова е нашата Таворска гора, а ние сме во подножјето. Слава Тебе, Христе, слава Тебе! Прекрасно!

Љубов! Околу мене само љубов, огромен број луѓе со кои си ги видовме насмевките. А љубовта, пак, е символот на нашата христијанска вера.

Од тука врвот изгледа блиску, но сепак уште има за одење. Она што ме направи да скокнам беше моментот кога ја видовме првата група луѓе, кои како точки беа веќе пред врвот во далечината. “Ене гии, видетееее, горе се веќе!” Оваа глетка ми подари посебна радост во срцето. Како тројцата апостоли да беа напред и да се приближуваа до крстот. А тоа монасите и монахињите! Ангелииии! Христос да биде со вас, да ве гушне и да ве чува! – извикуваше моето срце.

Уште малку напор до горе, со насмевки и дружба бевме чекор до едната цел.
Оти секое искачување бара голем труд. Оти радоста е кога ти е тешко. Токму кога успеваш да направиш следен чекор, а мислиш дека е тешко, тоа е всушност, плод на борбата и упорноста.
Таму горе кај КРСТОТ!!! На врвот!!!

Прекрасно чисто време за убав поглед наоколу. Со нетрпение го барав крстот, да го видам, да му се израдувам. Слава Ти, Христе мој, и Ти благодарам за се’ Пред крстот! Многу сум среќна, многууу! Посакав да Го гушнам, да паднам пред Него, да клекнам… Цело време погледот го кревав во синото небо и си повторував колку е милостив Бог што ме удостои да бидам овде. Навистина се чувствував поблиску до Него. Како да не’ милуваше сите собрани овде, сите среќни лица што беа околу мене. И се прашував дали и другите се чувствуваат како мене исто. Сигурно се чувствуваа, насмевките нивни го сведочеа тоа.

Она најважното: Светата Литургија!!!
Да се молиш и да Ги славиш Бога на врвот е неопислива радост и чуден трепет на срцето. Да посакаш никогаш да не престане. Крстот пред мене! Погледот мој де во крстот, де во небото. Се обидов да ги насочам мислите тука.

Гласот на отецот и на сестрите беа едно прекрасни духовно ехо, кое ми ја топлеше душата уште повеќе.

Беседата… Кога отец Кирил рече: “Та и ние што денес се собравме овде, да извикаме: “Христе, добро ни е што сме овде!“ Посакав навистина да викнам така. Христе, добри ни е да сме тука!!!. Многу пати силно одекнуваше во мене таа реченица, иако физички не викав, срцето гласно извикуваше и само насмевка ми се ицртуваше на лицето. Само таа реченица ја повторував во себе. Како да ме слуша и пак и пак сакам да извикам и да не престанам: „Христе добро ми е што сум тука!“

Среде пустинската убост!“ Тоа дело, излеано низ зборовите кои ги пееја монасите заедно со нас… Текстот не може, а да не ја допре душата.

Причест! Многу се радував што добив благослов за причест.

Со страв и љубов телото Христово повторно да То примам и Духот Свет да ми биде поткрепа, надеж и мир.

Навистина беше така. Она што таму горе се случуваше беше многу силно, една нова духовна храна, која поттикнува на нови промени. Она што горе се случува го менува срцето.
Како го менува срцето? Сакам да сакам, сакам сите да ги гушнам, да се покајам повторно, да верувам и да се молам за милоста Божја. Сето тоа е Христово.

Да леташ, да потскокнуваш, телото да ти е уморно, но чудесна духовна сила што ме тера одново да претрчам. Радост, љубов, енергија кои те прават да леташ, а си пешачел 10 часа. Тоа е само од Христос и Неговата благодат. Е во тоа е разликата кај мене. Да споредам, кога последен пат се качив на планина, дојдов дома и од заморот веднаш сонот ме завладеа.
А кога дојдов од Крчин, сонот и дремката не можеа да дојдат на ред од радостите и духовната исполнетост.

Посакувам радоста Христова да допре до сите, и само со љубов да си ги храниме душите. Бог да Го прославуваме и во Него да се надеваме.


Пишува: Мими Стојаноска, Спортски центар „Форма вита“