Убавина на животот

Душата моја ги пази Твоите сведоштва и јас многу ги засакав.

Дојди, убавино Моја, на убавината наслади се од Твојот Син и Создател.

(Од статиите на Успението Богородично)

                                                                         

Нема поголема вистина, како што и нема поголема убавина во нашите животи од Онаа Која Го роди Спасителот на нашите души. А нашите души се основа на нашите животи и при првиот живот и при второто доаѓање. Тој, пак, е основа на вселената, неизмерна сила на екумената, основно Битие… Кое доаѓа од Нејзината света утроба. Сврзаност и во раѓањето и во распнувањето, сврзаност и во Успението и во Воскресението, сврзаност во животот како едно. Животот како основна убавина, дадена на нас.

Пресветата го напушти овој свет, но никогаш не нѐ остави, никогаш не нѐ заборави, не нѐ остава сами. Мајка Милостива ќе остане засекогаш, насекаде, за секого. Молитвеница, Послушница, Сецарица, Владичица, извор на радоста, милоста, утеха, мир, спокојство, кротост …

До животот наш е да го живееме и утврдиме врз Нејзините дела, Нејзините чудеса, Нејзиниот лик, Нејзините солзи пред Синот распнат, Нејзината милост… Нејзините сведоштва останати пред нас. Останати во секој дел на светот и векот. Останати пред секого од нас. Дарувани.

Затоа тие сведоштва треба да ги засакаме и да ги пазиме и запазуваме. Да ги негуваме, да ги користиме, да ги живееме, да ги применуваме, да битуваме на нив, да учиме од нив… Нема поголем патоказ во секого од нас, по патот на спасението, по патот кон смирението, по патот кој води до Него и до Неговиот суд, до Неговата волја, до Наговата милост, до Него од правековите до праутрината… Од сведоштвата кои Таа ни ги оставила, со мајчинска насмевка и мајчинска прегратка.

Со Нејзиниот свет покров нѐ покрила, друг покров не ни треба, со Нејзиниот свет појас нз заобиколила, та светот граница нема. Со нејзиното Успение се врати при нас и дојде како Мајка со најголема љубов да ни ги озари срцата, во кои треба да Го носиме Нејзиниот Син, Кој треба да го сведочиме дење, ноќе, насекаде и секогаш… За да живееме. Да живееме значи да сведочиме и твориме по Нејзините спасителни молитви, со приклонети глави кон Нејзиниот свет одар, изустувајќи искрени молитви за спас на нашите срца.

Да живееме со радост во убавината на нејзините градини кои ги засадила и распослала насекаде околу нас. Да ги отвориме со насмевка нашите души и срца, со песна, да дишиме и мирисаме од Нејзините цветови расеани безгранично. Пламенот на убавините, радоста и утехата кои Таа ни го праќа од небесата, да ги пламне нашите мисли, да ги пламне нашите дела, нашиот разум, та бескрајно да се насладуваме во мирот Божји.

Да дојди Пресветата како Убавина наша, како Мајка, врз убавините на нашите мајки и мајките на нашите деца и нивните деца, како Мајка на Нејзиниот Син, Создател и Спасител, да се наслади од убавините, затоа што заслужила и затоа што заслужува… Затоа што постои, затоа што е тука. А таа убавина, ние грешните, недостојните и непоправливите, треба да ја негуваме, да ја распалуваме сѐ повеќе и повеќе, та вечно да ја сведочиме…

Едноставно е добро и доволно, понекогаш, секогаш, со насмевка, со радост, во тага, во среќа, да погледаме кон небесата и тивко да проговориме: Пресвета…

Севселенска Господарке, Милостива Мајко Исусова, застапи се за нас грешните пред Твојот Единороден Син, Господ Исус Христос, да нѐ спаси и помилува како добар и човекољубив и прости ни, Мајко, како што им прости и на оние кои ги наполнија со солзи Твоите очи, кои како никогаш ја осветлија целата наша постојбина. Убавината Твоја да ја живееме вечно…