Човечноста на Господ и неблагодарноста на човекот

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, во неделата на Раслабениот, изговорено во манастирската трпезаријата, 19 мај 2019 лето Спасителово

 

Возљубени браќа и сестри,

Денес, на Светата Литургија, го прочитавме прекрасното и поучно четиво од Евангелието, каде е опишано чудото што Господ наш Исус Христос го направил во бањата Витезда, со раслабениот човек, кој цели 38 години лежел болен и неподвижен во еден од тремовите на бањата. Почетокот на ова евангелско зачало го слушаме секогаш при чинот на осветување вода и може да се каже дека донекаде ни е добро познато на повеќето од нас. Но, неговиот втор дел претставува навистина една трогателна сторија за болниот човек, каде излегува на површина уште потрогателното сочувство и човекољубие Божјо.

Имено, кога Господ Исус се искачил во Ерусалим заради празникот Јудејски, отишол еден ден да ги посети болните во познатата лековита бања. Кога велам лековита не мислам на полезноста за телесното здравје на термалните води, туку, како што раскажува евангелистот, на чудото што Господ го правел преку Свој ангел, кој одвреме-навреме ја раздвижувал водата и ја правел исцелителна за првиот што ќе влезел во неа. Тоа било едно постојано сведоштво за присуството Божјо и за Неговата сила. Пројавата на Божествената енергија и чудодејствие преку стихиите на земјата не била ретка појава во Стариот Завет. Да се потсетиме само на огнениот столб, на раздвојувањето на Црвеното Море, на Несогорливата Капина, на тивкото ветре на пророк Мојсеј итн.

Архимандрит Партениј Бигорски

 

Но, да се вратиме на конкретниот евангелски настан. Во бањата лежеле мнозина болни, слепи, куци, исушени, кои очекуваа да се раздвижи водата (Јован 5,3). Сепак, од сите нив, само оној што прв ќе влезел во облагодатената вода, оздравувал. Сигурно, кога ќе го забележеле необичниот феномен, стотици се втурнувале во водата, ама само еден излегувал здрав, од каква и да било болест да боледувал. Во една таква очајна средина на човечко страдање, болест, немоќ, каде слегувањето на ангелот Господов и раздвижувањето на водата била единствената и последната надеж, влегол сочувствителниот Господ, кога сите други во Ерусалим се подготвувале за празникот, или пак, ја живееле празничната атмосфера. Ги посетил, значи, страдалниците во бањата и од многуте што се наоѓале таму, избрал да го исцели токму оној кој веројатно најдолго престојувал таму, па би можело да се каже дури и дека живеел таму. Замислите 38 години живот во јавни тремови, без роднини, пријатели, познаници! Можеби само некој од помалку болните, од сочувство ќе му оставел малку храна пред неговата постелка, колку за да може да преживее. Какво ли трпение имал тој човек! И покрај својата физичка немоќ, покрај невозможноста самиот да влезе во водата, тој не губел надеж, туку трпеливо чекал да се најде човек што ќе го спушти во водата веднаш по нејзиното раздвижување. И најпосле, после скоро четири десетлетија, се појавил пред него Синот Човечки, Христос Бог, Кој заради овој човек од Витезда, заради мене, тебе, заради секој човек на овој свет, стана Човек во сѐ еднаков со нас, освен во гревот. Ги знаел Срцезналецот страданијата на овој човек и неговото несфатливо трпение, па застанал до него и го прашал: Сакаш ли да оздравиш? Се разбира, Господ знаел дека тој сакал да оздрави – рековме Нему Му биле познати и маките и трпението на овој страдалник – но, го поставил тоа прашања за и другите наоколу да ја слушнат трагичната приказна на едно заборавено Божјо создание. Да, Господи! – одговорил со искра надеж човекот кој 38 години барал човек – Само немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се раздвижи водата; додека јас да дојдам, друг слегува пред мене (Јован 5,7).

Има ли поголема трагедија од тоа да немаш покрај себе човек во животот, но човек во вистинска смисла?! Сите имаме потреба од присуството на другите, од нивната грижа, од нивната љубов. Околу болниот во бањата имало многу луѓе, во градот околу бањата уште повеќе. Меѓу нив и свештеници, левити, книжници – тие кои верувале и се молеле на Бога, но никој од нив не се сетил да отиде во бањата и да помогне некому, кој не можел сам да слезе во водата кога ќе се случело чудото. Затоа Господ Исус, со ова негово јавно чудо во бањата Витезда, го истакнува она што е непоходно за секој човек: човечноста на човекот, или како што уште современо се нарекува – хуманоста на човекот (од лат. придавка humanus, ‘човечки, човечен’).

Човекот, завладеан од егоизмот и поробен од гревот, од сопствените грижи, стравови, од сопствената распадливост и смртност, заборавил што значи во суштина да се биде човек. Се оддалечил од неговото првобитно предназначение, целосно се изгубил. Се отуѓил најнапред од Бога, а со тоа и од себеси. Неопходно било да дојде еден друг Човек, новиот Адам, Христос, за да го пресоздаде човекот и да му ја врати неговата божествена вредност. Овој совршен Човек, Богочовекот Христос, стана единствен пример за вистински човек, па следствено, хуман човек, човечен човек, во онтолошка смисла може да биде само оној што ќе Го земе Него за образец во својот живот.

Големи се Божјите добротворства во нашето секојдневие, неизмерни се. Доколку подлабоко погледнеме во својот живот, ќе забележиме како Бог постојано нѐ чува, ни помага. Ни испраќа и луѓе да ни помагаат и да нѐ сакаат. Следствено, треба постојано да Му бидеме благодарни. Сега го врвиме периодот кога го славиме и благодариме за највозвишеното Божјо добротворство – Воскресението од мртвите, поништување на династијата на смртта и дарувањето на бесмртен живот на човештвото. Нашиот поздрав во текот на овие четириесет пасхални денови, до празникот Вознесение, се состои во радостотворните зборови: „Христос воскресе – Вистина воскресе!“ Но не треба само сега да благодариме за Воскресението Христово и за нашето лично воскресение. Нашата благодарност кон Бога треба да биде постојана.

Во денешното Евангелие го видовме Христовото сопатие со родот човечки и Неговото безмерно човекољубие. Но, во исто време поразува и избликот на човечката неблагодарност со која се соочил Господ. Болниот човек бил исцелен во саботен ден, и согласно тоа што му заповедал Исцелителот, ја кренал својата постела и си заминал. Овој настан, т.е. божемното нарушување на саботата со кревањето на постелата, ги разлутил Јудејците до тој степен што дури сакале да Го убијат Исуса. Замислете, наместо да се радуваат и да благодарат за исцелението на нивниот сограѓанин, на нивниот собрат, тие збеснале против Добротворот, поведени, секако, од несовладлива завист и од нивното идолопоклонство, од слепото поклонение на буквата од Законот, а не на неговата суштина. Првосвештениците кои особено Му завидувале и Го мразеле Христос, се ужаснале како му дозволил на човекот да ја крене својата постела и да замине од бањата. Нив не ги интересирало тоа што ова бедно човечко суштество толку години лежело како жив мртовец и сега е здраво, туку тоа кој го натерал во сабота да направи нешто „забрането“. До каде може да стигне човечката завист и неблагодарност!

Според преданието, исцеленииот човек бил истиот оној, кој кога Спасителот Христос бил одведен на судење пред првосвештеникот Ана, Го удрил Господа по образот (Јован 18,22). Ова ме зачудува. Кога сум го прочитал прв пат, се чудев како е возможно човек, кому некој му направил толку големо добро, да се осмели да го удри својот добротвор. Секако, тој тоа го направил во својата помраченост и збунетост од гревот. Бил заслепен од суетноста на овој свет, но веројатно и заведен од првосвештениците и книжниците. Кога после исцелението го запрашале кој бил човекот што му рекол да си замине со постелата, тој не знаел да одговори, бидејќи Господ Исус веднаш се изгубил во мноштвото народ. Но, подоцна, Он го сретнал во храмот и му рекол: Ете, сега си здрав и не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо! (Јован 5,14) Потоа овој им кажал на Јудејците дека Исус е тој што го исцелил. Тие веднаш побрзале да го убедат дека не Тој, Кој е маѓепсник и соработува со демоните, ами Бог за кого тие имаа сосема други перцепции. Тој го исцелил. Кутриот човек, најверојатно им поверувал на нивните лукавства и се предал на гревовен живот. Затоа, според зборовите Господови, навистина го снашло нешто полошо: станал злотвор на својот Добротвор. Ако 38 години беше физички болен, сега неговата душа е смртно разболена.

Се прашувам, не сме ли и ние некогаш такви, неблагодарни? Да, ужаснува тоа како може човек на кого му е направено толку големо добротворство да возврати со таква неблагодарност. Но, не сме ли и ние слични? Му возвраќаме ли на Бога за Неговите добри дела со љубов? Мислам многу ретко. Се будиме од сон секое утро, а некогаш не ни сакаме да Го поздравиме, да Му се заблагодариме, да Му кажеме дека го љубиме. Стануваме и веднаш трчаме да направиме тоа што ни е нам угодно. Не благодариме што нѐ удостоил тој ден повторно да ја видиме светлината. Навечер не Му благодариме за добротворствата што ги направил во текот на денот и што нѐ оставил живи. Исто така,  за жал, не знаеме да им благодариме ниту на оние што Господ ни ги испраќа во Негово име, да ни помагаат. Благодарноста е добродетел што Господ особено ја сака и наградува.

Затоа, мили мои, сеќавајќи се на денешното евангелско собитие, да се потрудиме да го стекнеме блаженото трпение, за кое видовме дека е од Бога наградувано. Он го исцелил човекот кој најмногу трпел и искрено се надевал. Колку и незгоди да ни се случуваат во животот, колку искушенија, напади од лукавиот, од луѓе, никогаш да не негодуваме, туку трпеливо да се надеваме на милоста Божја. А таа ќе дојде задолжително. И потоа, откако ќе пристигне Неговото исцеление, Неговата милост, Неговата љубов, откако Он ќе нѐ пресретне, како што тоа секогаш го прави, да го чуваме тоа со благодарност. Да не бидеме како раслабениот од бањата Витезда, кој заборавил на добротворството од Господа и затоа го снашло нешто уште полошо. Ако во бањата бил само телесен мртовец 38 години, а неговата душа сепак живеела со надеж и очекување на Божјо чудо, после Неговото исцеление и отпаѓање од Бога, тој станал веќе духовен мртовец.

Да ни дава Господ трпение и да нѐ чува од неблагодарноста!

Да сте живи и здрави!

Христос воскресе!