Да си ја чуваме верата прататковска – да останеме на своите прататковски огништа

Мили мои, најнапред би сакал топло да ви се заблагодарам што ме поканивте да служам во овој храм, токму денес, кога го празнуваме светиот отец наш Николај, Архиепископ Мирликиски Чудотворец. Всушност, на овој ден го славиме споменот на пренесувањето на неговите свети мошти од некогашниот славен град Мира Ликиска, што се наоѓа во денешна Турција, во италијанскиот град Бари. Многу силен впечаток ми остави вашата неодминлива ревност, љубов и желба да отслужиме денес света Литургија. Го кажувам ова затоа што во последно време голема реткост е во нашите села да живеат луѓе што сакаат да присуствуваат на Литургија. Но, на моја голема радост, тоа не е случај со вашето село.

Архимандрит Партениј Бигорски

Како што знаете, младите од ова село почнаа сѐ почесто да доаѓаат на богослужби, отпрвин во Пречистанскиот манастир, а потоа и во нашата Бигорска Обител, и не можев а да не ја забележам во нивните срца таа голема љубов кон нашата прататковска вера, која нѐ сочувала како народ до овие дни. Имено, и овој прекрасен храм сведочи за љубовта на нашите предци кон Бога. Гледате, дури и во тие тешки времиња од почетокот на 19 век, кога народот не бил воопшто економски силен, ниту пак слободен, сепак им градел прекрасни храмови на Бога и на Неговите светии, како што е случајот со овој храм посветен на Св. Николај Мирликиски Чудотворец. Славата на овој светија се раширила по целата вселена и нема место во светот каде што не знаат за него и за неговите бројни чудеса.

 

Но, што е тоа толку посебно во личноста на Св. Николај? Тој бил човек како нас, ја наследил, како и ние, слабоста на човечката природа, но кога тргнал по патот на светото Евангелие, по патот на Светлината, по Оној Кој рекол: Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот (Јн. 8, 12), и самиот станал светлина. А како се преобразил во светлина? Правејќи добри дела, татковски љубејќи го народот што Господ му го доверил. За таа служба тој се подготвувал уште порано, додека бил дете. Се разбира, тогаш тој не ни помислувал дека еден ден ќе биде епископ, но ревносно и со сето срце се подготвувал да Му служи верно на Христа. И задоен со таа пожртвувана Христова љубов, целиот свој живот им правел големи добрини на луѓето, исполнувајќи ја така најважната Божја заповед за љубовта, бидејќи таа е најголемата христијанска добродетел. Св. Апостол Павле вели: А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта (I Кор. 13, 13). Гледате, овие три добродетели се најголеми, но најважна помеѓу нив е љубовта. И доколку го прочитате житието на Св. Николај, ќе видите до кој степен тој им помагал на сите, особено на сиромашните. Затоа и се овенчал со неовенлив венец во Царството Небесно,  стекнал смелост пред Христа. Иако живеел во 4 век, пред цели 17 века, еве и до ден денес неговиот спомен толку силно се впечатил кај луѓето, кои сѐ уште му се обраќаат во невоља, просејќи ги неговите молитви пред Бога. Така и ние можеме, доколку сакаме, да го побараме, да му се молиме, оти тој човекољубиво ги слуша нашите молитви и ги благословува нашите добри прозби, зашто стекнал слобода пред Господа. Тој е жив, како што ќе бидеме и сите ние, само ако тргнеме по патот на Светлината. Затоа ајде да го последуваме Христа и да станеме светлина. Тоа ни го порачува и Св. Николај, оставајќи ни завет да ја чуваме верата Христова на секое место, па и во ова село, да го чуваме Христијанството.

Колку и да имаме искушенија, колку и да е тешко, ние треба да останеме на своите христијански огништа и да го продолжиме патот што ни го покажаа нашите славни предци. Да се биде Христијанин е голема одговорност. Да се биде Христијанин значи да се биде човек кој постојано ќе светли со своите добри дела и со тоа ќе сведочи за Бога. Оти Бог рекол: Така треба да свети вашата светлина пред луѓето за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Небесен (Мт. 5, 16). Гледате, луѓето ќе судат за нашата вера според тоа какви сме ние и какви се нашите дела. Затоа, ајде и ние да се потрудиме, онака како што ревнувале некогаш нашите предци, кои успеале да се одржат низ многуте искушенија што ги носело тоа време, токму заради евангелските пораки. Нашите предци не само што ги почитувале тие пораки, туку и ги спроведувале во живот, па затоа и станале светлина. Тие се оние кои и денес ни содејствуваат, кога ни е најтешко. Бидејќи Бог, освен што ни ја испраќа Својата помош преку светиите, како што е Св. Николај, Он ни помага и преку предците од нашиот род. Родот наш се удостоил со многу славни светии, а бројни се и оние наши незнајни прародители што се осветиле и со својот живот Му угодиле на Бога. Сигурно и ова село чува спомени за некои светии, за нас непознати и невидливи, но духовно присутни тука каде се засадени нивните корени. Нивните духови тагуваат сега кога се иселуваме, кога сме обземени од очај поради тешката економска положба, поради помислата дека во нашата Татковина не може да се живее и дека треба неизоставно излезот да го бараме надвор. Не! Треба само малку да потрпиме, а тоа трпение Господ ќе го награди. Затоа, да се охрабриме сега во искушенијата, да бидеме бодри, полагајќи ја сета своја надеж најпрвин во Спасителот наш Господ Исус Христос и Пресветата Му Мајка Богородица, а потоа и во молитвите на Св. Николај, кој е заштитник на вашето село и на кого е посветен овој соборен храм. Нема зошто да очајувате. Не сте малку, гледам дека има многу млади меѓу вас. Вие можете да бидете квас за една добра христијанска заедница. Вашето село ги има сите услови за тоа и можат да се направат многу нешта доколку се има волја и доколку се препуштите на Бог да ве води. Најголемиот проблем на нашиот народ денес е тоа што ја изгубил волјата. Сме ја изгубиле надежта, а тоа значи дека не сме веќе добри Христијани. Добриот Христијанин никогаш не ја губи надежта, тој и во најтешките моменти не се предава, се бори до крај. Така правеле сите Христијани низ историјата. Оние од првите векови после Христа биле подложувани на толку страшни гоненија и маки во Римската Империја, па сепак не ја губеле надежта што немаат никаква поткрепа од овој свет, односно од властите на овој свет. Тие во својата немоќ биле силни во Бога и направиле светот да стане христијански. Тоа треба да биде и нашиот пат. Ние треба секојдневно да Го сведочиме Христа, онака како што и Св. Николај Го сведочел со својот живот и го добил од Христа дарот на бесмртноста. Затоа и до ден денес неговиот спомен е толку силен, што народот му изградил храмови насекаде по светот, од исток до запад, на север и на југ.

На крај, уште еднаш ќе повторам – бескрајно ви благодарам што ме поканивте во вашето село. Овде се чувствувам навистина прекрасно. Иако сум бил поканет да служам и во други села, скоро никаде не сум забележал толкава желба за богослужение. Се радувам кога ја гледам вашата силна волја за молитва. Сега кога го завршивме првиот дел од Литургијата, ни останува уште со благодарност да ги осветиме принесените дарови, а оние што се подготвени, ќе можат да се насладат од бесмртната храна што ни се дава, од самиот Христос. Но и сите вие присутни овде духовно ќе се насладите од благодатта што ви ја испраќа од Бога светиот Мирликиски Чудотворец. Затоа кога ќе заминете од овој храм понесете го со вас и неговото завештание: бидете храбри и трпеливи во искушението, не го напуштајте селото. Молете Му се на Бога и на светиот за селото уште повеќе да расте и да напредува во благочестието.

Да сте живи и здрави и од Бога благословени!

Христос воскресе!