Успението – празник на животот

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено пред почетокот на сеноќното бдение во чест на Успението на Пресвета Богородица

 

Возљубени чеда на Пресвета Богородица,

Најнапред ви посакувам убава и благодатна вечер и едно најтопло добро дојдовте во овој наш заеднички молитвен дом, светата и славна Обител на чесниот Претеча и Крстител Јован!

Вечерва Пречистата Владичица, Мајката Царица, повторно нѐ собра во чест на нејзиниот најголем празник, светлото и преславно Успение – упокоението од овој привремен живот. Колку необично и навидум парадоксално! Празнуваме и славиме смрт, а всушност чувствуваме животна радост. Но токму такво е ова упокојување: наместо смрт – една непосредна средба со Животот, со Бога. Погледнете ја иконата што денес е поставена на целивалната и на која е преставено Успението Богородично. Таа најдобро ја изразува суштината на овој празник. На неа ја гледаме Сепреблагословената, положена на смртниот одар, како да спие, лежи упокоена, оплакувана од насобраниот хор апостолски, а во исто време над одарот Го гледаме нејзиниот Син, опкружен од сета ангелска слава, како ја држи в раце нејзината пренепорочна душа, која зрачи со живот. Значи, наместо смрт, препознаваме соединување со Жизнотворецот, нов живот во полнота. Во Христијанството смртта не се поима како крај, а само како почеток на нов живот, совршено повистинит од овој овде, суетниот, печалниот.

Меѓутоа, денес – ќе констатираме со тага – во поголемиот дел од општеството, христијанското разбирање на смртта е отсутно и затоа гледаме како насекаде околу нас владее стравот од смртта. Луѓето се плашат да се соочат со овој страшен феномен, не можат храбро да ја погледнат в очи, туку панично бегаат од грдиот лик на нејзиното суштествување, како и од реалното страдание во овој суров свет. Но бегството и игнорирањето не ги прави овие непостоечки, а, напротив, уште повеќе го зголемува ужасот од нив. Одговорите што гордо се обиде да ги даде безбожничката пропаганда, веќе одамна се разобличени во сета своја грдотија, а ништо подолу не се ни празните фрази на современата философија на живеење. Пак и пак луѓето не се задоволуваат и сакаат да избегаат од таквата студена реалност. И бегаат, но не кон нешто утешително и избавувачко, туку кон уште посуровото, помрачното; стануваат робови на алкохолот, на наркотици, на душеразорителни страсти и пороци, се самозалажуваат, а залажуваат и други со бедните трошки на непостоечката животна надеж. Некои, пак, се предаваат на одредени душевни заблуди, на некаква лажна вера во божественото и апсолутното. Но – со право ќе праша некој – зар и преку верата во Бога може човек да греши и да пребива во заблуда? И тоа како! Не вели ли Самиот Христос во Евангелието: многумина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: „Јас сум Христос!“ и ќе прелажат мнозина (Матеј 24,5); и на друго место: Не секој што Ми вели: „Господи, Господи“, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен (Матеј 7,21). Значи, човек може и преку верата да биде измамен. И не сме ли сведоци како некои, во име на верата, се полнат со омраза кон своите, се озлобуваат против другите, оние неистомислениците, па дури и убиваат, мислејќи дека со тоа на Бога Му угодуваат? Ете пример за прелест преку верското убедување. Затоа во Црквата секогаш се поставува прашањето не дали веруваш, туку во кого и како веруваш. Бидејќи тоа е многу значајно. Доколку човек има правилна перцепција за Единиот вистински Бог, Кој е Творец и Татко на сето создание, Кој има безгранична љубов кон целиот свет и особено кон човекот, тогаш таквиот не би можел да има омраза кон некого, а, напротив, би бил исполнет со љубов и сострадание.

Правилната претстава за Бога, вистинската вера и заедничарење со Него, неминовно ни ги оцртува ликот на Пресветата Богомајка. Не во смисла дека нејзиниот лик ќе го засени оној на единствениот Спасител, Христос Бог, туку како еден чудесен прозорец кој отвора поглед кон Него. Зашто Таа беше Девојката низ Која Бог влезе во овој свет, „вратата небесна“, „зората на таинствениот ден“, „смирената Слугинка Господова“, преку Која Бог го изврши Домостројот на спасението и го направи човекот бесмртен. И, ете, таа тајна на бесмртноста во полнота ни се открива денес со овој празник. Иако, нели, празнуваме смрт, ние, сепак, славиме живот вечен. Затоа денес нема тагување, нема „надгробное ридание“ и безнадежност, туку откровение на вечното веселие. Богородица, со целиот свој живот, па и сега со своето Успение, ни ја открива смислата и тајната на нашиот живот, целта на нашето суштествување. Овој празник светло нѐ озарува со зраците на Божјото Царство и ни го осветлува патот на сите нас, кои полека се приближуваме кон својот земен крај, знаејќи дека тоа и не е во суштина крај, туку само едно ново раѓање, пакибитие за вечноста. Како што денес се случи со Богородица. И секој Христијанин должен е да се труди колку што може повеќе во добродетелите да се уподобува на Неа, оти Таа уште додека живеела на земјата, била вистинско подобие Божјо, и со својата чистота, и со своите дела, и со својот утешителен мајчински лик. Додека сме во ова тело, во овој привремен живот, неопходно ни е да ја подражаваме таа нејзина љубов и посветеност кон Бога, доколку сакаме, по заминувањето одовде, подобно на неа, смртта да ни биде една преслатка средба со Оној Кого нашата душа Го возљубила и по Кого копнеела целиот свој живот. Следствено, за Христијанинот нема место за страв од смртта.

Затоа, мили мои, да ја помолиме вечерва Пресветата наша Богомајка, за сите оние души, особено младите, кои заблудено талкаат по модерниот свет, барајќи одговор за смислата на животот и кои трагаат по една поубава реалност од таа што во моментот ја живеат. Да се помолиме Мајката наша да им помогне на сите нив да Го пронајдат Оној, Кој единствен, со Божествен авторитет извикал: Јас сум Патот, Вистината и Животот (Јован 14,6) – и да се радуваат во Него. Богородица тоа го може: Таа постојано нѐ принесува сите нас кон својот Син и Бог и ни Го подарува Христа во срцата наши, како залог за вечниот живот. Вечерва сме овде собрани токму тоа да го побараме; да ги отфрлиме сите наши стравови, да се украсиме со даровите на Светиот Дух: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, благоста, добрината, верноста, кротоста, воздржливоста (сп. Гал. 5,22) – односно со сето она со што била украсена Пресветата наша Богомајка.

Богородица да ни дарува сили бдението да можеме да го поминеме бодро, трезвено, умилително, молејќи се со многу љубов за целиот свет, кој бара одговор на многу прашања. А одговорите на сите егзистенцијални прашања целосно и непроменливо ги има само во светото Евангелие на нашиот Господ Исус Христос.

Да сте благословени и Пресвета Богородица да биде со сите нас! Амин.