Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Шестата недела по Педесетница, изговорено во манастирската трпезарија
Денес, мили мои, чувме од Евангелието за чудото што Господ го направил со фатениот човек, положен на постела и носен од своите роднини или пријатели. Станува збор за настанот, опишан од евангелистите Марко (2,4) и Лука (5,19), во кој носачите на болниот, не можејќи да стасаат до Исуса поради големото мноштво народ, го пробиле покривот од куќата каде што Он се наоѓал и го спуштиле фатениот пред Него. Апостолот Матеј тоа накратко го објаснува со зборовите: И ете, донесоа кај Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: „Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!“ (Матеј 9,2) И го исцелил болниот.
Зачудува љубовта на Бога кон човекот, како и начините на кои таа се пројавува. Господ дејствува методично, мудро, промислено. Неговата љубов секогаш се јавува таму каде што треба и како што треба. Христос забележал дека фатениот човек чувствувал стрес, страв агонија. Сигурно, додека неговите пријатели го носеле при Христос, во главата му се вртеле црни мисли, стравување – бил свесен за својата грешност: „Ќе ме исцели ли? Нема ли да се одврати од мене, да се згнаси од моите гревови? Но што ако ме укори, ме посрами пред сите?“ Бил исплашен и тоа е сосема природно. Меѓутоа, Господ го видел сето тоа во неговото срце и затоа му рекол: „Не плаши се! Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!“ Уште со првите зборови му дал храброст, го ослободил да не се плаши, а потоа и го нарекол чедо, Свое дете. Му дал до знаење дека Он има родителска љубов и татковски пристап, па затоа и не треба да се плаши. Тука Господ ни се открива како Родител, како наш Татко. Сетете се што ги поучил Своите ученици, како треба да се молат: вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да Го помолите. Затоа вие молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата… (Матеј 6,8-9) Во епохата на Стариот Завет, Евреите Бога не Го нарекувале Отец, Татко. Го ословувале како Јахве (Оној Кој е, Кој суштествува), Елохим (Бог), Адонај (Мој Господ), Саваот (Господ на силите) итн., но не се осмелувале да Му се обратат на Бога со Татко. Тоа претставувало голема дрскост.
Но, Бог е, пред сѐ, родителско начело, совршена љубов и затоа кога Второто Лице на Света Троица слегол на земјата како човек, нѐ поучил да Му се обраќаме на Бога со Татко. Тоа го заклучил и Апостолот Павле, кој на Римјаните им пишува: вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посиновението, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“ И веднаш додава: Самиот Дух му сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји (Рим. 8,15-16). Ова родителско начело, од Бога се пренесува и на луѓето. Добриот родител ги воспитува своите деца во духот на благословената слобода, им покажува блискост, им укажува дека можат да разговараат со него за било што и да го бараат од него она што им е потребно. Детето оди кај родителот и со синовска слобода му вели: „Тато, мамо, ми се случува ова, ми треба она…“ И родителот се труди да го сослуша, да го разбере, да му го обезбеди на своето чедо она што му е од полза. Христос нѐ научи на ист таков начин да Му се обраќаме на Бог со Татко и да го бараме од Него она што ни е потребно. Нѐ охрабрува во молитвата, нѐ охрабрува да бараме, да бидеме силни и истрајни: Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори… И така, ако вие кои сте лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку ли повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат? (Матеј 7:7,11)
Природно е и благословено земниот родител да ги охрабрува своите деца, да им влева позитивна надеж, смелост, истрајност. Сепак, тука е потребна и голема внимателност, за случајно да не се претера со тоа окрилување на сопствените деца, па слободата да прерасне во дрскост. Едно е, значи, храброста, а сосема друго дрскоста. Добро е да се поттикнува храброста, но не да се потхранува дрскоста, бидејќи тогаш тоа не претставува добродетел, ами грев и срам. За жал, денес многумина од луѓето сметаат дека дрскоста е добродетел, а некои родители дури и се гордеат со дрскоста на своите деца. Тоа е многу страшно! Претераната слобода неминовно води кон ропство. Нека нѐ варди Бог од дрскоста и нека нѐ ободрува во храброста, во молитвата, во упорното барање на она што ни е потребно за нашето спасение!
Не постои можност Бог да остави некого празен, ако овој искрено бара и Му се обраќа со љубов како на вистински Татко небесен. Во Евангелието, како и во целото Свето Писмо, наоѓаме многу примери за тоа како Господ ги охрабрува луѓето. Ги охрабрувал своите апостоли. На пример, после чудото со благословувањето на петте лебови и наситувањето на пет илјади души, Исус ги испратил учениците во кораб, да минат од другата страна на езерото, а Он се искачил на планината да се помоли насамо. Во длабоката ноќ, среде морските длабочини, им се појавил, одејќи врз водата како по суво. Учениците се ужаснале – си мислеле дека е некаква нивна фантазија, некое привидение, некое искушение. Тогаш Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“ (Матеј 14,27). Ја охрабрил и жената грешница којашто посакала да ги помаза нозете Негови. Другите околу Него се побуниле, но Он рекол: Оставете ја неа; зошто ја буните? Таа направи добро дело за Мене! (Марко 14,6) Исто така направил и со жената која дванаесет години страдала од крвотечение. Кога таа со страв и треперење јавно го исповедала своето долгогодишно страдание, но истовремено пристапила со силна вера и благочестива намера, Христос ѝ рекол: Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си во мир! (Лука 8,48). Понатаму, веднаш после овој настан – бидејќи Господ се беше упатил кон домот на Јаир, чијашто ќерка била на умирање – кога му соопштиле на началникот на синагогата дека неговата ќерка веќе умрела, Он му рекол: Не плаши се! Само верувај и ќе биде спасена! (Лука 8,50)
Гледате ли? Бог на секој начин нѐ охрабрува. Постојано нѐ охрабрува во молитвата, во љубовта, во подвизите, во болестите. Нѐ охрабрува во сите добродетели, секогаш, непрестајно, но ние, луѓе како луѓе, слаби сме, паѓаме, свенуваме. Понекогаш, во немоќта наша, кога ќе нѐ потопат искушенијата од овој свет, кога ќе нѐ снајде некој бродолом, некоја внатрешна катаклизма, се прашуваме: „О, Господи! Си не оставил ли? Ближи ли крајот? Остана ли некој праведен, некој чесен? Има ли сѐ уште добри луѓе?“ Сето тоа природно ни се наметнува, зашто понекогаш бараме потпора и утеха од луѓе, имаме потреба некој да нѐ охрабри, да застане покрај нас, а ни се чини како да нема ниеден таков. Нешто слично му се случило и на светиот пророк Илија. Имено дури и големиот и ревносен Илија, во еден момент, соочен со нападите на богопротивничкиот цар Ахав, почувствувал слабост, човечка немоќ и страв, но Бог го охрабрил дека и покрај сето богоотпадништво околу него, сѐ уште има добри луѓе: Оставив меѓу Израилците седум илјади мажи; сите тие не ги свиткувале колената пред Ваал (3. Цар. 19,18). И доколку забележиме добро, нивниот број и не бил баш така мал. Истото важи и за денес. И во наше време има добри, исправни луѓе, кои искрено веруваат и се молат. Ви сведочам дека навистина има такви, бидејќи како исповедник на многу души, знам дека постојат луѓе коишто поседуваат една прекрасна, природна добрина, имаат многу добри срца, предадени на Бога. Човек со добро срце лесно станува добар Христијанин, бидејќи го има веќе здравиот темел. Но и оние кои имаат, можеби, лош и незгоден карактер и чиишто срца се наклониле кон лошото – и тие со малку повеќе труд можат да постанат многу добри Христијани. Господ и таквите ги охрабрува: „Дојдете“, им вели, „не плашете се! Нема зло што не можам да го победам или грев што не можам да го простам. Вие само дојдете и доверете ми се: Гревовите ваши и да се како бакам – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели (Иса. 1,18)“.
Неопходна ни е, значи, храброста. Сите на некој начин неа ја бараат. Некои се потпираат на своето јас, т.е. се обидуваат да ја црпат храброста од себе. Други ја бараат во созданието, си мислат дека во природата се наоѓа изворот на храброста. Постојат многу такви философски учења и религии, како гностицизмот, пантеизмот, натурализмот, теософијата, масонеријата итн. Меѓутоа, сите тие, претставуваат, да се изразам со терминологија на физиката, еден затворен круг. Јас, на пример, како човек можам да подигнам нешто повеќе од седумдесет килограми, можеби и до сто. Можам, значи, да подигнам товар што ја надминува мојата телесна тежина, но парадоксот е што јас самиот не можам да се подигнам себеси. Што може тогаш човек да направи повеќе? Ако земам да се кревам себеси, да се тргам за коса, нема да можам да се подигнам. Затворен круг. Кога самиот себеси не можам да се подигнам, како тогаш можам да барам сила и храброст во себе? И ако ги најдам, тие би биле само прикриен израз на мојата немоќ и ништо повеќе.
Сосема друго нешто е храброста и силата што доаѓаат од Бога, од Неговото откровение. Он е Кој може вистински да ни помогне. Храброста што произлегува од Него е врховна и највозвишена. Преку неа, всушност, доаѓаме до Бога, се соединуваме со Него. Со сета моја храброст, вели Апостолот, како секогаш, така и сега, ќе се возвеличи Христос во моето тело – било со живот, било со смрт (Филип. 1,20). Бог во суштина е љубов и како што рековме – на различни начини ја пројавува таа Своја љубов, педагошки, методично. Он секогаш знае што ни е потребно и кога и на кој начин да ни го овозможи. Притоа, како што говореше и Преподобен Паисиј Светотогорец, „Бог никогаш не прави само едно добро, туку повеќе добра одеднаш, за полза не само на еден, туку на многумина“. Така што, не плашете се и одете напред во доброто. Не е исправно поради страв и неодлучност да се повлекуваме во себеси. Многу луѓе не сакаат да се осмелат, да се охрабрат, просто не се одлучни, ги совладало мрзоволието. Таквите не можат ништо да направат. Има една стара еврејска приказна во врска со ова. Му кажале некогаш, вели приказната, на некој нерешителен човек: „Излези надвор од градот, појди некаде подалеку“, а тој одговорил: „слушнав дека има лавови надвор од градот и ги јадат тие што ќе ги сретнат“. „Па, добро“, му рекле, „излези тогаш во градот, на плоштадот, прошетај малку“. „Таму, пак“, им возвратил тој, „разбрав дека има убијци и ги убиваат тие што шетаат“. Обично мрзливиот човек е нерешителен и секогаш наоѓа оправдание за да седи, да не оди никаде, да не работи. Но и тоа е грев, да знаете. Слично нешто на оваа приказна наоѓаме и во Светото Писмо: Кога го испраќаат мрзливиот на пат, тој вели: „Ѕвер е на патот, лав има на плоштадот!“ (Изреки 26,13)
Бог сака да бидеме решителни во доброто. Никогаш да не се колебаме, зашто Он постојано ни вели: „Не бојте се, Јас сум вашиот Татко, не плашете се. Дојдете при Мене и кажете ми: Татко, Отче…“ Впрочем, Он и за тоа дојде во светот – да го охрабри очајниот човек, да го подигне свенатото човештво. Евангелистот Матеј во 12-та глава од своето Евангелие го повторува старото пророштво од Исаија, кое вели: Нема да се кара, ниту ќе вика, и никој нема да го чуе гласот Негов по крстопатите. Трските прекршени нема да ги докрши, ниту фитилот што тлее ќе го угасне, додека не го доведе судот до победа. И во Неговото име народите ќе се надеваат (Матеј 12,19-21). Целта, значи, на Божјото доаѓање на земјата е да ги воскресне свенатите души и да ги разгори срцата што тлеат со пламенот на Неговата Божествена љубов. Затоа, бидете уверени дека нема да нѐ остави! Да го разбереме тоа. Со вера да бараме, охрабрени но не и дрски.
Да сте благословени!