Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!
Му благодариме, мили мои, на Троичниот Бог, и се разбира, на Пресветата Владичица наша Богородица, што нè удостоија овој Акатистот, односно третата статија од радосните поздрави кон Богородица во Великиот пост, да ги упатиме токму од овој свет храм, кој е едно од живите чуда на нејзиното присуство.
Црквата уредила ова песнопение, наречено Акатист – што на старогрчки јазик значи „неседење“ (ἀκάθιστος) – да се пее во петоците навечер (а тоа литургиски спаѓа веќе во сабота) низ целиот пост, заклучно со петтата недела. Тоа е една исклучително свечена богослужба, за разлика од останатите великопосни служби коишто имаат претежно покајно-подвижнички карактер и во кои повеќе читаме, отколку што пееме.
Зошто Акатист? Зошто стоење? Тоа не е само обреден пропис; тоа е израз на она што Црквата секогаш го знаела за молитвата: дека вистинската молитва е состојба на трезвеност и будност на целиот човек – на умот, на срцето, на телото. Кон Богородица прибегнуваме со почит и со добро стоење, затоа што е мајка и нè разбира. Преку неа човечкиот род најде спасение. Ги чувме поетските епитети со кои Акатистот ја нарекува света Богородица: „мост што ги води земните кон небото“, „живеалиште на Несместливиот“, „ѕвезда што Го најавува Сонцето“. Тие не се само поетски украси. Тие се вистински, соодветни описи за неа, бидејќи таа навистина свето се подготвувала да стане Мајка на Оној Кој предвечно сопостои со Отецот и со Светиот Дух, та Он да слезе преку неа во времето и да стане како еден од нас. Со тоа, Дева Марија стана мајка и заштитница на човечкиот род, која им помага на сите кои искрено ќе ѝ пристапат.

Ова песнопение има значајна историска подлога. Настанало по чудесното избавување на Константинопол во 626 година, во времето на императорот Ираклиј, кога христијанската Ромејска Империја, била напаѓана од сите страни.[1] Имено, персиската сасанидска држава, првобитно основана на територијата на денешен Иран и Ирак, веќе со години водела крвава војна против Ромеите. Уште во 614 година, Персијците го зазеле Светиот Град, го оскверниле Пресветиот Гроб Господов, го оштетиле храмот и го однеле Чесниот Крст Господов во Персија како воен трофеј[2].
Царот Ираклиј, по почетните тешки порази, решил да собере сили и лично да тргне на поход против Персијците, во Кавказ, Ерменија и Месопотамија. Но со тоа, градот Константинопол останал без царска војска. Одбраната ја доверил на двајца луѓе: на патријархот Сергиј и на патрикијот Бонос, висок воено-административен достоинственик[3]. И во тоа лето, во месец август 626 година, аварскиот каган, заедно со словенски, бугарски, гепидски и други тогаш некрстени племиња, го опколил Градот од европската страна. Истовремено, персискиот војсководец Шахрбараз бил стациониран на азиската страна, кај Халкидон, обидувајќи се да ги префрли своите сили преку Босфорот и да се соедини со аварската војска. Градот останал без императорот и без главнината на војската. Непријателски бродови, словенските моноксили, го исполниле морето. Христијаните почнале да губат надеж: бродовите успеале да ја пробијат одбраната и за почнале да навлегуваат во Златниот Рог, стратешки важниот залив на Градот. Имало страшни напади од сите страни. Оние кои можеле да се борат, со крајни сили се обидувале да ги оттурнат освојувачите. Во една таква безизлезна ситуација, христијаните се свртиле кон најсилното оружје – молитвата: со благослов на Патријархот и на духовниците, организирале литии и молитвени прозби кон Пресвета Богородица, заштитничката на Градот.[4]
Патријархот Сергиј, лично зел икона на Пресветата, ја ставил околу вратот и заедно со монаси и свештеници тргнал на опход по ѕидините на големиот Град. И во еден момент, кога словенските бродови почнале да навлегуваат во заливот, започнала толку силна бура, неочекувана, натприродна. Се кренале такви бранови, што ги потопиле бродовите на непријателите. Голем број од напаѓачите се издавиле, а останатите побегнале. Галиите на Бонос ги уништиле преостанатите бродови. Копнениот аварски напад, пак, на 6 и 7 август, исто така, неочекувано пропаднал. Во рок од два дена, Аварите се повлекле кон балканската внатрешност и никогаш повеќе сериозно не му заканиле на Константинопол.
Целиот христијански народ станал очевидец на ова моќно чудо на заштитата на Пресвета Богородица, на која усрдно ѝ се молел и со чии икони го обиколувал Градот. Неколку дена жителите останале во храмовите, оддавајќи ѝ чест и благодарност во молитви и славословија, со стоење простум, од каде што и оваа химна се нарече Акатист.[5]
А потоа, императорот Ираклиј, на кого Бог очигледно многу му помогнал, по низа победоносни походи, ги победил Персијците и успеал да го врати Чесниот Крст во христијански раце. Тој свечено го вратил Христовиот Крстот во Ерусалим во 630 година.[6]
Ова е историјата на оваа прекрасна богослужба, која ние во постот ја пееме толку свечено. Таа ни служи како потсетник дека Богородица никогаш не нѐ остава во неволјите. Колку и да се креваат животни бури против нас – а тие бури се, всушност, многубројните искушенија, притесненија, демонски напади и нашите сопствени страсти што го помрачуваат нашиот ум – доколку ние се обратиме со вера кон нашата Мајка небесна, сѐ ќе се стиши. Таа ни Го роди Христа, Лекарот на нашите души и Спасител, и затоа сите тие бури ќе бидат стивнати, токму како што биле потопени непријателските бродови. Сите наши духовни непријатели ќе бидат потопени во океанот на нејзината мајчинска љубов, под услов ние искрено, со љубов и смирение да ѝ се обраќаме.
Во текот на постот, како што знаете, се трудиме понапрегнато да се подвизуваме. Храната е скромна. Но, овој телесен пост не е цел сам за себе, туку е терапевтско средство за очистување. Најважно од сѐ е да се научиме на една голема добродетел, втемелена на љубовта – а тоа е милосрдието. Во постот треба да бидеме особено милосрдни. Да се учиме што повеќе да ги сакаме оние кои нѐ опкружуваат, нашите ближни. Да знаеме да се жртвуваме за нив. Бог нѐ сака такви. Не заборавајте го евангелскиот критериум: нашиот Христос се поистоветува со обесправените во овој свет, со сиромашните, со оние кои страдаат; се поистоветува со секој човек кој нѐ опкружува. Страда ли нашиот татко? Христос е во него. Христос се поистоветува со него. Страда ли нашата мајка, а ние се однесуваме нечовечно кон неа? Тогаш кон Христа се однесуваме нечовечно, бидејќи Он Самиот ни кажа дека сѐ што сме му направиле на еден од Неговите најмали, Нему сме Му го направиле[7]. Има ли некој сиромашен во нашата улица, кој можеби нема да јаде ни мрсно, ни посно, додека ние имаме изобилство од добра посна храна? Ако не му помогнеме, на Христа не Му помагаме, зашто Он е гладниот во нашето соседство. Он е таму, чекајќи да го победиме нашиот егоизам. Да не го заборавиме тоа.
Само ако станеме милосрдни, ќе бидеме вистински пријатели на Христа и на Неговата Мајка, која ни е патоводителка во процесот на нашето исцеление. Богородица низ целата историја правела безброј чуда. Исто, ако го читаме Светото Писмо од Стариот завет, ќе видиме како Бог, за да го зачува избраниот народ во вистината и за да го подготви за воплотувањето на Словото, правел многу чудеса во кои се пројавувале праслики за Дева Марија. Евреите, кога биле во најголеми маки и трпеле ропство, се сеќавале на чудата и се охрабрувале. Така и ние, православните христијани. Какви неволји и да нѐ снајдат во овој свет, треба да се сеќаваме на големата поддршка што сме ја добивале низ историјата како народ. На безбројните интервенции на нестворената благодат. Бог секогаш ни помагал и нѐ избавувал од искушенијата на чудесни начини. Ова не важи само за големите историски настани поврзани со цели народи и држави, туку, што е најважно, важи за нашиот личен, емпириски духовен живот. Сите ние имаме такви лични сведоштва. Сите сме биле во некоја тешка неволја и сме ѝ се обратиле на Царицата Мајка, и таа не нѐ оставила.

Кога кадев во храмот додека браќата пееја „Алилуја“ и „Радувај се, Невесто неневесна“, мојот поглед втренчено се насочи кон овој лик на Пресветата, кон оваа икона пред која ѝ се молев и ѝ се обраќав уште како дете. Знаете, оваа икона некогаш се наоѓаше во мојата таткова куќа во Битола. Меѓу другото, во срцето тајно ѝ реков: „Мајко, многупати си ми сотворила чудо. Многупати си ме услишала. Јас грешев и страдав од своите страсти, застранував, но целата своја надеж ја положив на тебе. Чувај ги манастирите кои ти самата ги возобнови. Чувај нѐ сите нас, оти ти нѐ повика. Чувај го овој свет храм и овој свет крај…“ Ако се навратиме наназад, ќе се сетиме дека, кога дојдовме да живееме во манастирот, христијанскиот живот овде беше речиси на залез. Тогаш, дури и некои црковни луѓе, гледајќи ја пустелијата, ни велеа: „Тешко дека ќе успеете овде. Нема надеж. Нема христијани, нема кој да ви помага, немате средства – како ќе преживеете во Бигорски?“ Но, погледнете го Бигорски колку е силен денес! Сѐ има. Има верен народ кој доаѓа од секаде, за да бара духовно лекување. Има и такви кои сакаат да го посветат животот овде, живеејќи го секојдневно чудото на благодатта. Сето ова го прави таа, Великата Мајка. Таа е изворот на ова возобновување.
Затоа, браќа и сестри, немојте да се обезнадежувате. Само да се трудиме да го очистиме срцето, да бидеме милосрдни едни кон други, и тогаш ќе Ги имаме Христа и Неговата Мајка за наши најголеми пријатели и сопатници. И тогаш никој и ништо нема да ни може. Ќе можеме слободно, заедно со пророкот Исаија, да ги извикаме оние библиски зборови кои ги пееме на Големото повечерие:
„Со нас е Бог! Разберете народи и покорете се, зашто со нас е Бог!“
Да сте живи и здрави, и нестворената благодат Божја, по молитвите на Богородица, секогаш да биде со нас. Амин.
[1]Опсадата на Константинопол во 626 г. е подробно опишана во повеќе примарни извори, меѓу кои хрониката Chronicon Paschale, поемите на Георгиј Писидијски (Bellum Avaricum), и подоцнежните хронографии на Теофан Исповедник и патријархот свети Никифор I Константинополски. Види: Howard-Johnston, J. “The Siege of Constantinople in 626”, in: Constantinople and its Hinterland, Aldershot, 1995; Hurbanič, M. The Avar Siege of Constantinople in 626, Palgrave Macmillan, 2019.
[2]Персијците го зазеле Ерусалим во 614 г., го оштетиле храмот на Пресветиот Гроб и го однеле Чесниот Крст во својата престолнина Ктесифон, на територијата на денешен Ирак. Повеќе во: Antiochus Strategos, “The Capture of Jerusalem by the Persians in 614 AD”, transl. F. Conybeare, English Historical Review 25 (1910), 502–517.
[3]Патрикијот Бонос бил висок царски достоинственик со титула magister militum, задолжен за воената одбрана на Градот во отсуство на императорот. Повеќе во: Kaegi, W. E. Heraclius: Emperor of Byzantium, Cambridge University Press, 2003, 133–137.
[4]Настаните околу Златниот Рог се раскажани во Chronicon Paschale (Corpus Scriptorum Historiae Byzantinae) и кај Георгиј Писидијски. Голем број на словенските моноксили биле уништени од бурата, а останатиот дел од галиите на Бонос во заливот, додека копнениот напад на аварскиот каган на 6-7 август, исто така, пропаднал. Видете: Hurbanič, M. The Avar Siege of Constantinople in 626, глава 5.
[5]Самиот Акатист постоел во одредена форма уште пред 626 г., но почетокот на кондакот „Тебе, Богородице, Поборнице…“ бил додаден по чудесното избавување на Градот. Авторството им се припишува на патријархот Сергиј или на Георгиј Писидијски (ѓакон и архивар на Света Софија), а поетската разработка на химнографот свети Роман Слаткопеец. Во подоцнежниот период, делот со „Радувај се“ се усовршувал од повеќе химнографи, меѓу кои и преподобниот Јосиф Химнограф (IX в.). Повеќе за Акатистот во: Козлов, М. „Акафист в истории православной гимнографии“, Журнал Московской Патриархии, 2000; сп. Wellesz, E. The Akathistos Hymn, Monumenta Musicae Byzantinae, Copenhagen, 1957.
[6]По низа победоносни походи во Кавказ и Месопотамија (622–628), императорот Ираклиј го поразил персискиот цар Хозрој II. Синот на Хозрој, Кавад II, склучил мир со Византија и го вратил Чесниот Крст. Ираклиј свечено го вратил Крстот во Ерусалим на 21 март 630 г. Повеќе во: Flusin, B. Saint Anastase le Perse et l’histoire de la Palestine au début du VIIe siècle, vol. II, Paris, 1992; Zuckerman, C. “Heraclius and the Return of the Holy Cross”, Travaux et mémoires 17, 2013.
[7] Матеј 25, 40.











