Богородица, Татковина на вечно живите

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на сеноќното бдение за празникот Благовештение, по читањето на Светото Евангелие на Божествената Евхаристија



Симнете ја проповедта на вашиот уред


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Денес, мили мои, славиме навистина голем празник, истовремено и Господов и Богородичен. Го славиме „почетокот на нашето спасение“, празникот на Светото Благовештение, односно зачнувањето на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос во утробата на Пренепорочната Дева Марија, нашата Богородица. Ако светот некогаш имал повод да се израдува за нешто, тогаш единствената и најголема причина за неговата радост е токму воплотувањето на Словото Божјо во неосквернетата и пречиста утроба на Пресвета Богородица.

Светиот и праведен прататко Ное

Доколку се навратиме на историјата од Стариот Завет, поконкретно на времето на праведниот Ное, ќе увидиме таинствено претсказание за денешново спасоносно собитие. Имено, кога Бог намислил да го сотре гревот што така силно се беше намножил во човештвото, најде еден единствен праведен човек преку кого ќе го продолжи човечкиот род – праотецот Ное. Во историјата за Ное, опишана во книгата Битие, има една интересна и загадочна реченица, би рекол, предвестие за она што го славиме денес. Кога таткото на Ное, Ламех, го добил својот син, тој ги искажал овие пророчки зборови: Овој ќе нè утеши во работите наши и во трудот на рацете наши на земјата, што Господ Бог ја проколна (Битие 5,29). На што би можеле да се однесуваат овие зборови? Знаеме од Светото Писмо дека кога Ное добил задача од Господа да направи кораб, бидејќи на Земјата ѝ претстоел целосен потоп, татко му Ламех бил веќе покоен. На кого, тогаш, се однесувале Ламеховите зборови, дека ќе бидат утешени и спасени преку неговиот син? Се разбира, тие не би можеле да се однесуваат на никого друг, освен на Спасителот Христос, Синот Божји и Синот на Дева Марија – телесната потомка на Ное. Само Христос можеше да ги избави душите на мртвите од владението на Адот. Како што ни кажува свештеното предание и Светото Писмо, пред Христа, душите на сите умрени, грешни и праведни, вклучително и на првосоздадените Адам и Ева, на пророците и на праведниците, сè до Свети Јован Крстител, биле задржувани во подземното царство, на еврејски наречено Шеол, а на грчки Ад, место на темнината, место на мачна тишина и мрак. Со распетието и смртта, Господ Исус Христос слегува при душите во Адот и со Своето славно Воскресение, ги совоскреснува душите на праведниците во Своето Царство Небесно. Според христијанската есхатологија и сотириологија, при Второто Христово пришествие и конечниот Суд, ќе воскреснат и телата на сите покојни, а на живите ќе се преобразат, така што Господ повторно ќе го соедини целиот човек и праведните и покајаните ќе влезат во Царството Негово. Па така, во Христа ништо не загинува, туку сè се обновува и запазува, бидејќи Он сака да го спаси и да го посини човекот.

„Адаме, каде си?“

Спасението, значи, на човечкиот род, т.е. неговото продолжение преку праведниот Ное, претставува праслика и пророштво за спасението и возобновението на човештвото преку Пресвета Богородица, преку Која „сета твар се обновува“. Со Пренепорочната и Богоблагословена Дева Марија човештвото не само што во потполност се препородува, туку и се соединува со Бога, зашто од Неа Синот и Словото Божјо ја прими човечката природа, за да ја соедини со Божјата. Обожението, соединувањето на Бог со човекот, било предназначено, односно утврдено во предвечниот Совет на Светата Троица, уште пред создавањето на светот и на човекот. Троичното провидение било Бог да го соедини човекот со Себе, да живее со луѓето овде на Земјата, во Едемската градина, во вечна заедница на љубовта и на неизмерната радост. И да не беше гревопадот на Првосоздадените, говорат Отците на Црквата, Втората Ипостас на Троичниот Бог, Словото Божјо, ќе станеше човек, за да го приопшти човечкиот род кон Божеството. На каков начин ќе станело тоа, не би можеле да знаеме, но дека таа била целта на создавањето на човекот и негово предназначение, гледаме и од првите страници на Светото Писмо, т.е. од тоа како Бог непосредно и лично им се јавувал на Адам и Ева во Едемската градина и разговарал со нив лице в лице. Тоа јасно се забележува кога прататкото Адам, наговорен од прамајката Ева, а таа – од ѓаволот, ја прекршиле Божјата заповед да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото. Тогаш го чуја гласот на Господ Бог, кога Тој одеше низ рајот во времето на дневниот ветрец; и се сокрија Адам и неговата жена меѓу рајските дрвја. Но Господ Бог го повика Адам и му рече: „Адаме, каде си?“ А тој одговори: „Го чув одењето Твое низ рајот, па се уплашив, бидејќи сум гол и се сокрив“ (Битие 3,8-10). Едно од својствата, значи, или да речеме, послушание на Синот и Словото Божјо, втората Ипостас на Троичниот Бог, било да стане човек, за целосно да ги соедини луѓето со Бога, за човекот да стане Син Божји, бог по благодат.

Меѓутоа, сите ние добро ја знаеме трагичната историја на Едем, т.е. како човекот го изгуби Рајот и блаженството да општи со врховната Љубов лице в лице. Но, зар Бог сакал да го отстрани човекот оттаму? Во никој случај! Главната причина за човекот да биде изгонет од Рајот беше злоупотребата на слободната волја што Бог му ја подарил, односно неговиот сопствен избор на погрешниот пат и на злото. Значи, не Бог го истерал човекот од првобитното блаженство, туку напротив, човекот Го отфрлил Бога од себеси, едноставно Го отстранил од планот за Негово соединување со човекот. Со други зборови, човекот Му ја затворил вратата на Бога, за да не може да влезе непосредно во неговиот живот.

Долго време Бог чекал да се појави таква личност, што со својата надразумна и надангелска чистота и со својата безусловна и беспрекорна љубов кон Него, би можела да Му ја отвори вратата, та да може Он Самиот да влезе во човечкото естество и во неговата историја. Таа личност беше несомнено Пресветата Дева Марија, скромната и Пренепорочната Девојка од Назарет. Таа е новиот спасителен кораб на Ное, во кого се спасува сето човештво; Таа е „мост и лествица помеѓу Небото и Земјата“, помеѓу Бог и човекот; Таа не беше „плод на гревот“, туку „нов цвет на правдата“; Таа постана сместувалиште на Несместливиот, „ново Небо и нова Земја“ – како што мошне убаво се изразува за Неа Свети Никола Кавасила; „Ветената Земја“, „Татковина на вечно живите“. Пресвета Богородица, како Онаа Која е поширока од Небесата, е наша Водителка што ги води верните од сите епохи кон Христа. Истовремено е Дарителка на сите Божествени добра кон луѓето и кон созданието. Затоа, обидот да се прикаже величието на Богородица ги надминува човечките сили.

Со Пресветата, Божјиот Домострој за спасението е извршен и вратата кон обожението е отворена за секого што сака да влезе. Господ не го остави човекот, иако тој самиот Го отфрли Него, туку правел сè, за да го пронајде и спаси. Им испраќал пророци, водачи и учители на луѓето и најпосле ја избрал чистата Дева Марија, преку Која лично дојде среде нив, зеде човечко тело, пострада со него на Крст, воскресна и ја вознесе човечката природа на Небото. Обратете тука внимание на личноста на Богородица, Којашто стана соработница на Бог Света Троица, за исполнување на Неговата замисла. Чудесно нешто! Ако во почетокот Троичното општество на Единиот Бог се советуваше во Себе, за да го создаде човекот – читаме во Библијата како Бог го создал човекот: Да создадеме човек според Нашиот образ и според Нашето подобие, како што сме Ние (Битие 1,26) – сега, на овој празник чувме дека Бог, преку Архангелот Гавриил, на предвечниот Совет на Света Троица додава уште една, четврта личност – Пресвета Богородица. Имено, Архангелот Гавриил, како врховен Божји гласник, бил испратен кај Пренепорочната, за да ја извести дека е благословена меѓу жените и од Бога избрана, за да Го зачне и роди Спасителот на Светот, Емануил, што значи Со нас е Бог (Матеј 1,23). Тука веќе беше неопходна и согласноста на Богородица, нејзината слободна волја, за да се оствари Божјиот план за спасението. Да не беше нејзината согласност, велат Светите Отци, Бог немаше да се воплоти и да стане човек. Човекот ќе беше оставен во мрачниот Ад, во злото што самиот го беше избрал. Така значи, со нејзиното: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои! (Лука 1,38) – Дева Марија, долгоочекуваната и од пророците пророкувана личност, станува Соработница на Светата Троица. Преку Неа Бог повторно влезе среде луѓето, во нашата историја, за да ја оствари првоначалната намера – да ја соедини човечката природа со Себе. Но, бидејќи сега во таа природа беше влегол гревот, а преку него и смртта, Синот Божји требаше со Сопствената смрт на Крстот да ја победи смртта и со Своето Воскресение да го совоскресне паднатиот и умртвен човек и да ја возобнови човечката природа. Тоа Господ и го направи со телото што Му го даде Пречистата Дева. Ете зошто Богородица ја нарековме „Татковина на вечно живите“, бидејќи преку Неа на луѓето им се обнови бесмртноста, им се даде вечен живот; Таа беше надежта на Ламех, таткото на Ное, кој уште пред потопот беше веќе мртов. Преку Неа се спаси и Боговидецот Мојсеј и огнениот Илија и Свети Јован Крстител и сите старозаветни пророци и праведници и преку Неа се отворија затворените врати на Рајот.

Настанот со Благовештението на Пресвета Богородица ни покажува колку голема улога има слободната волја што Бог ни ја дал. Ние сами избираме дали ќе бидеме со Бога, или, не дај Боже, во студениот и мрачен ад на отсуството на Неговата животворна љубов. Ќе избереме да бидеме деца на живиот Бог во вечноста на блажената радост, или пак, ќе го избереме патот кон смртта и небитието. Гледате, Троичниот Бог смирено ја прашал дури и кротката Девојка од Назарет дали ќе сака да стане Негова соработница. Така, Бог сака сите нас да нè направи Свои соработници, за да нè спаси и посини. Нè прашува и нас постојано; да Му одговориме и ние, мили мои, како што Му одговорила Марија: нека ни биде според зборовите Твои, та да станеме Негови вистински соработници. Тој нема никогаш да нè остави, бидејќи на дело ја покажа Својата несфатлива и крајна љубов. Направи сè што беше потребно, дури и отповеќе, за нашето спасение.

Ја имаме како наша Застапничка Мајката на Животот, Земјата на вечно живите, Царицата на земните и небесните, која е секогаш до Светата Троица и мајчински Ја моли за сите нас. Да ја молиме Неа, да Го молиме Спасителот Христос за сиот свет во кого гревот повторно многу се намножи, можеби дури уште повеќе отколку во времето пред потопот. Ние луѓето пак Му ја затвораме вратата на Бога. А Он што прави? Како просјак тропа на нашите срца, за да Му отвориме и да влезе во него. Со колку труд и жртва Он влезе во овој свет, стана и човек, беше понижуван и плукан, биен и распнат на Крстот, положен во гроб, од кого славно воскресна. Тој толку многу стори за нас, што ние не ќе имаме оправдание, овој свет нема да има никакво оправдание за злото што го прави, за тоа што Му ја затвора вратата на Господа.

Да ја возљубиме затоа, мили мои, Пресветата Богородица, преку Која ни доаѓаат сите дарови. Таа постана за нас вистинска Татковина, духовен Рај, дом во кого се враќаме во заедница со Отецот Небесен. Зашто, после непослушанието на луѓето, тие се лишија себеси од Рајот, од вистинскиот  дом и станаа бездомни, туѓинци во овој свет. Но, како што слушнавме вечерва од старозаветните читања на Вечерната: Премудроста, т.е. Синот и Словото Божјо, си изгради себеси дом (Изреки 9,1). Тој дом не е никој друг освен Пресветата Богомајка, Која го соедини човечкиот род со Бога, ги отвори вратите на Царството, каде небесните и земните се заедно со Троичниот Бог и со тоа го оствари предвечниот Божји Домострој. Затоа, непрестајно да ѝ благодариме за сè што направи за нас, молејќи ја за сите луѓе и за сиот свет. Неслучајно сите молитвословија во Црквата завршуваат со Богородични тропари. Црквата секогаш ја призива Неа како најголема и најблиска Соработница на Бог Света Троица. Нејзините свети молитви нека бидат со сите нас, та и ние да се покажаме како Божји соработници и да се вброиме во заедницата на вечната љубов и веселие во непосредното Божјо присуство.

Да сте благословени и нека ни е за многу години денешниот голем Господов и Богородичен празник!