Да го негуваме семето на Божествената култура

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Светата Литургија по читањето на евангелската Парабола за Сејачот, на 30 октомври 2022 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Господ Бог, мили мои, го создал човекот, за да се храни и да живее вечно. На сите ни е повеќе од јасно дека доколку не се храниме со телесна храна, кај нас ќе настапи биолошка смрт. Сосема истото важи и за вечното битисување: за да можеме да суштествуваме со вечна постојба, неопходно е да се храниме од вечниот Бог. Кога беспочетниот Творец го сотворил човекот и го поставил да пребива во Едемската градина, создал за него и соодветна храна. На првите страници од Книгата за Божественото создавање, читаме: Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна (Битие 1,29). Постоело само едно дрво, дрвото за познавање на доброто и злото, од коешто човекот не смеел да јаде без Божјото одобрение.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Уште, човекот се хранел и од постојаната заедницата со Бога: Создателот на сета твар доаѓал во Едем, за да разговара лице в лице со Своето создание. Меѓутоа, како што знаеме, кога Адам заедно со Ева ја прекршиле единствената заповед, тогаш се подложиле на најужасното нешто – на смртта. Оној кој беше створен да живее вечно, во наслада од лицето Божјо – умре, и духовно и биолошки. Неопходен беше животворен лек, витална храна која ќе го оживее умртвениот човек и ќе му ја возобнови неговата психосоматска хомеостаза, неговата првобитна убавина. Таква небеска храна ни дојде овоплотена во Личноста на Богочовекот Исус Христос, како што и Самиот Он сведочи во Своето Евангелие: Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот (Јован 6,51).

Во денешното Свето Евангелие, пак, ја чувме параболата за словото Божјо претставено како плодоносно семе. Мошне впечатлив е нејзиниот едноставен почеток: Излезе сејач да сее семе (Лука 8,5). Излезе. Од каде излезе? Од каде дојде Тој Божествен Сејач во овој свет? Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и се враќам кај Отецот (Јован 16,28) – им вели Господ Исус Христос на учениците пред да биде предаден на маки и распнување. Он е значи Сејачот Кој го сее Своето семе на благородство, величие и убавина; Он е Словото Кое стана вечна храна за секого од нас. Семето Негово треба да расте во нас, за да дава плод и да животвори, да биде залог наш за вечноста. Он е Словото животворно Кое од Отецот излегува и Кое од Пречиста Дева се воплоти, за да се излее врз светот како жива вода за воскресение и за живот вечен. Се сеќавате ли што ѝ рече Господ на Самарјанката крај изворот на Јакова, кога таа, зачудена, Го прашуваше каква е таа вода од која човек може да пие и никогаш да не ожеднува? Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен (Јован 4,13-14).

Господ Исус Христос, значи, е живиот леб и живата вода, од кои оној што јаде и пие, нема да умре, а ќе живее. Пред сè и над сè, Он е насушната храна за човекот. Како се молиме секојдневно во молитвата „Оче наш“? Лебот наш насушен дај ни го денес. Лебот кој ни е толку потребен, суштествен, неопходен, за ние да имаме живот во себе. Оти, човек е суштински жив само тогаш кога во себе Го има Словото Божјо, Кое излезе, се испразни Себеси од Божеството, се понизи и стана човек. Се разбира, остана Бог, но сепак, стана и човек по плот. Бидејќи совршен Бог стана и совршен Човек, за да го восоврши паднатото човештво. И еве Го сега, како го сее Своето семе на љубовта, добрината, радоста, ведрината…, говорејќи им на луѓето преку Евангелието Свое, преку Црквата Своја. И Он како единствен срцевидец, знае колку луѓето го примаат Неговото слово во своите срца. Затоа и ја кажал оваа парабола, како потсетник дека Божјото слово е посеано во сите, но не во секого наидува на плодна нива. Гледате, најбесчувствителните срца ги поистоветува со тврда, натапкана земја покрај патот, која воопшто не го ни прима семето. Таа ги претставува оние кои немаат никакво чувство за Божјите нешта и до толку внатрешно отапеле, што не ни сакаат да слушаат за нешто убаво и возвишено. Другите некако го примаат, но отпосле, поради многубројните искушенија, грижи и наслади од овој век, не се истрајни и се откажуваат. И најпосле ни ја истакнува добрата земја, која го прими семето, го одгледа во себе и тоа кога изникна, донесе стократен плод. А потем, запрашан од учениците за значењето на параболата, Христос додава дека тоа што падна на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го чуваат во добро и чисто срце, и донесуваат плод во трпение (Лука 8:8,15).

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Мили мои, семето што Бог го посеал во нас е бесценето. Господ Исус во Евангелието кажува и една друга парабола, за трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сè што има и го купува (Матеј 13,45-46). Тој бисер е токму словото Божјо, од кое нема ништо поубаво и послатко, нема ништо почисто и поблагородно. Култивирано во нас со грижа и со љубов, Божјото слово ќе вроди со стократен плод, со плодот на Духот Свети, кој е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост (Гал. 5,22-23). Знаете, поимот ‘култура’ доаѓа од латинскиот глагол colo, што во превод на македонски значи: ‘обработувам, работам, одгледувам, негувам, украсувам’. Па следствено, мили мои, да го култивираме вечното слово Божјо во нивата на нашето срце, та тоа да стане плодородно поле што ќе не израсне како жители на Рајот. Да бидеме културни земјоделци на Божествената култура, за спасение и за живот вечен.

Амин!