Празнично сослужение за споменот на Светите Отци од Седмиот вселенски собор

Светите Отци од Седмиот вселенски собор, тие прекрасни богољубиви и вистинољубиви столбови на Црквата Христова, засветлија како многубројните ѕвезди на духовното небо, бидејќи без да го сожалуваат и штедат своите животи, се предадоа на големи опасности, мачења, па и смрт за одбрана на ликот Христов, иконата Христова, но и на охристовените икони, Неговите светии. Тој голем благослов и поткрепа го чувствуваме дури до денес, кога непречено и со најголема набожност ги целивме, оддавајќи им чест и молејќи се на нив.

Благословот на тие Светии од Седмиот вселенски собор ни подари голема радост и празник на душите за нивниот спомен вчера и денес, бидејќи Отци наши ни испратија дел од отците, односно Високопреподобниот Архимандрит и Игумен г. Хрисостом и сепреподобниот јеромонах Евлогиј, од Обителта на Преподобната девственомаченица Параскева во Мази, Мегара, Атина. А заедно со нив, на наша голема радост, допатуваа и околу педесетина христољубиви души, духовни чеда и поклоници на нивната света Обител.

Манастирски пречек на Архимандрит г. Хрисостом

Отецот Архимандрит г. Хрисостом и неговата прекрасна синодија, најнапред беа пречекани со свечен манастирски пречек (иподохи), во чијшто склоп, двајцата манастирски Старци, нашиот и гостинот, разменија поздравни слова.

Нашиот Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, во своето обраќање за добредојде до ценетите гости ја искажа нашата чест и радост што ни се даде можност да пречекаме кај нас отци и браќа од Манастирот на Света Параскева во Мази и на тој начин да им возвратиме за големото гостољубие со кое тие нè примија за нивната слава во месец јули оваа година. „Вашиот манастир за нас е еден братски манастир и затоа за нас денес е голем празник. Нашата прва Литургија во близина на главниот град на Грција, Атина, беше токму кај вас. Кога дојдовме, откако нè поканивте за славата и таму сослужувавме со сите, почувствувавме, всушност, што значи една, би рекол, вселенска (соборна) манастирска слава“. Нашиот Старец го истакна, исто така, значењето на Манастирот Мази и во процесот за востановувањето на канонското општење на нашата Црква, бидејќи член на тамошното братство е и Митрополитот Адријанополски г. Амфилохиј, наш голем пријател и борец за единството на православната Црква. Тој како архиереј на Вселенската Патријаршија, поткрепен од благословот и молитвите на Старецот и братство каде што припаѓа, пожртвувано се вложи во решавањето на нашето црковно прашање. Накрај, Епископот г. Партениј му се заблагодари на Архимандритот г. Хрисостом за добрините што ни ги има направено и им посака на гостите топло добредојде.

 Во одговор на поздравното слово на нашиот игумен, Старецот Хрисостом ги изговори овие прекрасни и вдахновени зборови:

„Преосвештен и возљубен свет Игумене на оваа Свештена и Света Обител на Чесниот Претеча и Крстител Јован, кој нè удостои денес со тоа што ги донесе нашите чекори овде, на врвот на убавините, во царството на красотата и во дијадемата на добрините од раката Господова создадени, за време на Создавањето и неговиот развој и тек; нè удостои, значи, да бидеме овде, во овој пресвет Храм на Чесниот Претеча и да Ве гледаме повторно со многу радост, заедно со сите наши сопатници, луѓето од Мегара, пријатели на нашата Обител…

И ни сочува Бог луѓе, како нашиот преподобен Старец Дамаскин, но и блаженоупокоениот Митрополит Вартоломеј, коишто беа луѓе навистина со најширок ум, со вселенско срце, и таа соборност и нам ни ја вдахнаа. Затоа Митрополитот Амфилохиј, нашиот возљубен брат и столб на нашиот Манастир, кога се најде во нештата, можеше да ги управи, да помогне да се насочат кон единството на верата и заедницата на Светиот Дух, Кој ја устројува таквата заедница, за да ја доживееме соборноста. Навистина, славата годинава беше најсвечена со Вашето присуство и со присуството на свештенослужители од Украина и од Африка и од други цркви, за Светиот Дух да нè води во секоја вистина, а вистината е тоа дека суштествува Отецот и Синот и Светиот Дух, Троица едносуштна и неразделна и следното е тоа што токму ова е единството на Црквата…

Ние, значи, православните сме должни да го чуваме единството на верата и во тоа се обидуваме да послужиме како монаси. Не разединување, не какол, не клевети, не претерувања, не крајности. Молете се за нас и Ви благодариме многу што го правите тоа. Сите ние заедно да го одржуваме тој тој пламен, Преосвештен Старче, пламенот на единството во Светиот Дух, да ги обединуваме луѓето со Светиот, Трисвет и единствен Бог. Ви благодариме за примањето, за пречекот, за гостопримството, од името на сите наши поклоници и ги замолувам светите отци и браќа на овој Манастир да се молат, за да ја имаме секогаш таа заедница во Светиот Дух. Молете се за нас“.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски и Високопреподобниот Архимандрит и Игумен г. Хрисостом, од Обителта на Преподобната девственомаченица Параскева во Мази, Мегара, Атина.

Старец Хрисостом ја исползува посетата на нашиот Манастир и за да упатува поучни наставленија за монасите:

„Да сте живи, отци, да му се радувате на вашиот Старец, да го правите тоа што го сака Бог, а знаете ли што Бог сака? (Ќе дозволите ли да им го кажам тоа на отците, Старче?) Тоа што е суштината на монашкиот живот: да се радувате на вашиот Старец, да го поткрепувате, правејќи послушание. Оти едно нешто треба да знаете. Само едно нешто и ќе завршам. А тоа е, да знаете, дека Бог е со Старецот… Ништо друго, освен да се радувате на Старецот и да го чувате“.

Гостите од Грција, покрај огромниот труд што го вложија за да допатуваат, ни го разубавија воскресенското бдение со нивните молитви и со монашкото молитвено пеење од страна на отците. А пак, денешниов светол неделен ден помина во радост, молитва и благодарење, најнапред со Светата и Божествена Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот Старец, Епископот г. Партениј. Изобилен Божји благослов се излеа како небесна плата преку евхаристиското сослужвање со Архимандритот г. Хрисостом и јеромонахот Евлогиј од Манастирот во Мази, нашите ценети гости од соседна и братска Грција. Духот на единството и радоста од него го почувствуваа сите присутни, низ пеењето и молитвите произнесувани наизменично на двата јазика.

Вкусот на небесната храна со која нè насити денес Бог, нашиот Старец и Епископ г. Партениј го преточи во зборови, преки својата евангелски вдахновена беседа по читањето на Светото Евангелие:


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Господ Бог, мили мои, го создал човекот, за да се храни и да живее вечно. На сите ни е повеќе од јасно дека доколку не се храниме со телесна храна, кај нас ќе настапи биолошка смрт. Сосема истото важи и за вечното битисување: за да можеме да суштествуваме со вечна постојба, неопходно е да се храниме од вечниот Бог. Кога беспочетниот Творец го сотворил човекот и го поставил да пребива во Едемската градина, создал за него и соодветна храна. На првите страници од Книгата за Божественото создавање, читаме: Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна (Битие 1,29). Постоело само едно дрво, дрвото за познавање на доброто и злото, од коешто човекот не смеел да јаде без Божјото одобрение.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Уште, човекот се хранел и од постојаната заедницата со Бога: Создателот на сета твар доаѓал во Едем, за да разговара лице в лице со Своето создание. Меѓутоа, како што знаеме, кога Адам заедно со Ева ја прекршиле единствената заповед, тогаш се подложиле на најужасното нешто – на смртта. Оној кој беше створен да живее вечно, во наслада од лицето Божјо – умре, и духовно и биолошки. Неопходен беше животворен лек, витална храна која ќе го оживее умртвениот човек и ќе му ја возобнови неговата психосоматска хомеостаза, неговата првобитна убавина. Таква небеска храна ни дојде овоплотена во Личноста на Богочовекот Исус Христос, како што и Самиот Он сведочи во Своето Евангелие: Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот (Јован 6,51).

Во денешното Свето Евангелие, пак, ја чувме параболата за словото Божјо претставено како плодоносно семе. Мошне впечатлив е нејзиниот едноставен почеток: Излезе сејач да сее семе (Лука 8,5). Излезе. Од каде излезе? Од каде дојде Тој Божествен Сејач во овој свет? Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и се враќам кај Отецот (Јован 16,28) – им вели Господ Исус Христос на учениците пред да биде предаден на маки и распнување. Он е значи Сејачот Кој го сее Своето семе на благородство, величие и убавина; Он е Словото Кое стана вечна храна за секого од нас. Семето Негово треба да расте во нас, за да дава плод и да животвори, да биде залог наш за вечноста. Он е Словото животворно Кое од Отецот излегува и Кое од Пречиста Дева се воплоти, за да се излее врз светот како жива вода за воскресение и за живот вечен. Се сеќавате ли што ѝ рече Господ на Самарјанката крај изворот на Јакова, кога таа, зачудена, Го прашуваше каква е таа вода од која човек може да пие и никогаш да не ожеднува? Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен (Јован 4,13-14).

Господ Исус Христос, значи, е живиот леб и живата вода, од кои оној што јаде и пие, нема да умре, а ќе живее. Пред сè и над сè, Он е насушната храна за човекот. Како се молиме секојдневно во молитвата „Оче наш“? Лебот наш насушен дај ни го денес. Лебот кој ни е толку потребен, суштествен, неопходен, за ние да имаме живот во себе. Оти, човек е суштински жив само тогаш кога во себе Го има Словото Божјо, Кое излезе, се испразни Себеси од Божеството, се понизи и стана човек. Се разбира, остана Бог, но сепак, стана и човек по плот. Бидејќи совршен Бог стана и совршен Човек, за да го восоврши паднатото човештво. И еве Го сега, како го сее Своето семе на љубовта, добрината, радоста, ведрината…, говорејќи им на луѓето преку Евангелието Свое, преку Црквата Своја. И Он како единствен срцевидец, знае колку луѓето го примаат Неговото слово во своите срца. Затоа и ја кажал оваа парабола, како потсетник дека Божјото слово е посеано во сите, но не во секого наидува на плодна нива. Гледате, најбесчувствителните срца ги поистоветува со тврда, натапкана земја покрај патот, која воопшто не го ни прима семето. Таа ги претставува оние кои немаат никакво чувство за Божјите нешта и до толку внатрешно отапеле, што не ни сакаат да слушаат за нешто убаво и возвишено. Другите некако го примаат, но отпосле, поради многубројните искушенија, грижи и наслади од овој век, не се истрајни и се откажуваат. И најпосле ни ја истакнува добрата земја, која го прими семето, го одгледа во себе и тоа кога изникна, донесе стократен плод. А потем, запрашан од учениците за значењето на параболата, Христос додава дека тоа што падна на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го чуваат во добро и чисто срце, и донесуваат плод во трпение (Лука 8:8,15).

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Мили мои, семето што Бог го посеал во нас е бесценето. Господ Исус во Евангелието кажува и една друга парабола, за трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сè што има и го купува (Матеј 13,45-46). Тој бисер е токму словото Божјо, од кое нема ништо поубаво и послатко, нема ништо почисто и поблагородно. Култивирано во нас со грижа и со љубов, Божјото слово ќе вроди со стократен плод, со плодот на Духот Свети, кој е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост (Гал. 5,22-23). Знаете, поимот ‘култура’ доаѓа од латинскиот глагол colo, што во превод на македонски значи: ‘обработувам, работам, одгледувам, негувам, украсувам’. Па следствено, мили мои, да го култивираме вечното слово Божјо во нивата на нашето срце, та тоа да стане плодородно поле што ќе не израсне како жители на Рајот. Да бидеме културни земјоделци на Божествената култура, за спасение и за живот вечен.

Амин!


Празничното дружење во љубовта Господова продолжи и по богослужението во храмот и трпезата на љубовта, во големиот манастирски синодикон, каде што отците, браќата и сестрите пријателски разговараа и го славеа Бога.