Ерусалимска Патријаршија: Јубилеј од враќањето на моштите на Свети Сава Освештен

Извор:

Во средата 26 октомври, Ерусалимската Патријаршија го прослави Јубилејот од враќањето на моштите на нашиот свет отец Сава Освештен. На овој ден светите мошти на Светиот Сава, кои до ден денес се сочувани нераспаднати и во целост, беа вратени од Венеција по наредба на Римската Црква во 1965 година. Моштите биле одземени од страна на венецијанските крстоносци уште за време на Крстоносните војни, а чинот на нивното враќање бил проследен со свечен пречек пред портите на Јафа. Потоа биле поставени за поклонение во храмот на Светиот Гроб, за најпосле да се вратат таму каде што припаѓаат, во Лаврата основана од Свети Сава, за осветување и помош на монасите и поклониците.

Предвечерието на славата започна со вечерна која ја одржа Митрополитот Јоаким, од Илинуполис, а потоа следеше и сеноќно бдение предводено од Патријархот Теофил Ерусалимски, кој во својата беседа, меѓу другото, го рече и следново:

„Навистина, мои драги браќа, нашиот отец Свети Сава е живеалиште на Светиот Дух. Гледајте го вистинското сведоштво и видливиот доказ пред нашите очи: неговото нераспаднато и благоухано тело. Видете ја светлината, вистинската светлина, светлината на животот: ‘Ти си блиску Господи и сите Твои заповеди се вистина’, пееше Давид. ‘Јас, Господ, сум ти близу и не сум далечен Бог’, објави пророкот Еремија. Така со денешната прослава на враќањето на моштите на Свети Сава, од Венеција во местото на неговото монашко подвизување, сите ние сме повикани да се приближиме до Бога, бидејќи Он е Бог блиску до нас. А како да се приближиме до добриот Бог Кој е пријател на човекот, тоа ни го покажа токму самиот Сава Освештен“.