Празнично сослужение во Пјаченца, Италија

На покана на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Европски г. Пимен и со благослов на нашиот почитуван надлежен Митрополит, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј Дебарско-кичевски и на нашиот  Старец, Преосветениот Епископ г. Партениј Антаниски, бигорскиот собрат Архимандрит Доситеј денеска сослужуваше на Светата Литургија во храмот на Свети Апостол Вартоломеј и на Свети Прохор Пчински во градот Пјаченца, Италија.

Митрополитот г. Пимен го покани отец Доситеј по повод споменот на Преподобниот Прохор и храмовата слава на нашата православна заедница во северна Италија. Заедно со владиката и со архимандритот, во присуство на множество верни, сослужуваа: протојереј Климент – старешина на храмот, протојереј-ставрофор Григориј од Православната црква на Романија и протојереј Горан Мантароски – свештенослужител во Лозана и Тринген.

Среде бројните присутни во храмот беше и градоначалничката на Пјаченца г-ѓа Катја Тараскони и македонскиот конзул во Италија г. Стојан Витанов.

Во своето празнично слово, Митрополитот г. Пимен се осврна на прекрасното и поучно Житие на Преподобниот Прохор Пчински и земајќи го за пример неговиот свет живот и подвиг, повика да живееме во христијанско единство, да не ги мразиме и гониме нашите непријатели, па дури ни така да ги нарекуваме. Напротив, ние како Христови следбеници сме должни да имаме прошка и љубов кон сите луѓе.

„И кога родителите сакаа преку неговата женидба Прохор да им го продолжи родот, светиот во црква ги чу зборовите Христови дека оној што љуби татко и мајка повеќе од Христа не е достоен за Него, па се одалечи од градот, родителите и луѓето, та да постигне совршенство во растот Христов. И така молејќи се постојано ги исполни зборовите Христови и ги спроведе во живот да го љуби Бога над сѐ. И сѐ тоа не само за свое спасение, туку и на сите нам да ни даде пример како да се разликуваме од сите другите луѓе во љубовта кон Бога, кон ближните, но и кон непријателите. Оти, како би чекореле кон вечноста кога би застанувале да вратиме на секој камен фрлен по нас? Но, не. Не е наше да враќаме, Туку на нас е тие камења со благодарење да ги собираме и да го поплочуваме со нив патот кон вечноста, та и ние и нашите ближни и нашите непријатели да стигнеме онаму каде што сме повикани уште од нашето создавање чекорејќи по нив. И ете зошто треба да ги љубиме и непријателите, да Му благодариме на Бога за нив и да се молиме за нив“.

Потоа, Владиката му даде збор на отец Доситеј, кој јавно се заблагодари за поканата и сослужението од име на нашиот Старец и му подари на Митрополитот изобразба на Витлеемската икона на Пресвета Богородица, донесена токму оттаму, а во чест на првото сослужение во Светата Земја на архиереј на Охридската Архиепископија по повеќе од два и пол века. Архимандрит Доситеј ги поучи верниците дека нашиот основен генетски код е Православието и затоа треба да знаеме и да го чуваме. Тој, исто така, истакна дека Црква не се само храмовите, туку, пред сѐ, верниците собрани околу својот Епископ, бидејќи, според зборовите на Св. Кипријан Картагински, „каде што е Епископот, таму е Црквата“.