Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Чесни отци,
Почитувани членови на благочестивата фамилија Џиковски – ктитори на овој свет храм,
Мили верници,
Денешниов ден го краси споменот на нашите свети родоначалници и просветители, Божествените Кирил и Методиј, рамноапостолните учители на словенските народи. Според календарското совпаѓање, денес исто така, го одбележуваме и Одданието на централниот празник во нашата Света Црква – Воскресението Христово, Света Пасха. Затоа во текот на богослужбата, исто како и на самиот празник Велигден, многу пати го испеавме победниот тропар на Воскресението.
Денешната благодат, значи, е удвоена: го воспеваме славното Воскресение на Спасителот Христос, придружено со празничните химни во чест на богомудрите наши духовни татковци. Едната радост се надополнува со другата. И навистина така доликува, оти кој друг ако не Апостолите, Мачениците и Светителите Божји, се сведоци на Воскресението, на тој надразумен сеспасителен настан?! Денешните славеници, великите просветители и учители, со целото свое битие и со сето битисување овде на земјата, биле а и уште се громогласни проповедници на Воскресението Христово: и со премудрите зборови и преку достофалните дела и со богопреданиот живот. Вистински сведоци, маченици за словото Христово. Тие станаа беспрекорен израз на Словото Божјо преку тоа што беа непоколебливо послушни на Светата Црква. Историјата ни сведочи дека Светите Браќа, од послушание кон Светата и Велика Христова Црква во Константинопол, по послушание од Светиот Патријарх Фотиј Велики и од ромејскиот цар Михаил, го зеле врз себе маченичкиот крст за просветување на словенските народи, а и на многу други коишто живееле во темнина. Оти, животот без Христа не е ништо друго освен темнина. Тие непросветлени народи немале ни права вера, ни цивилизација, ни писмо. Тоа биле народите за кои говори пророкот Исаија: Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка, ќе болсне светлина (Иса 9,2).
Овие двајца Божествени мажи, воспитани во тоа светло православно Ромејско царство, тргнале ревносно да ја проповедаат Пресветата Троица среде непросветлени и сурови народи. Нив ги испратил автократорот како државни мисионери, но не со воено оружје, ни со човечки инструменти, ниту со некаква политичка сила од овој свет, туку со она со кое тие уште од младини биле совршено вооружени и обучени: со зборот Божји, со Христа во срцата свои, со мудрости Божји на усните како со силен нож, односно со духовниот меч, кој е словото Божјо (сп. Ефес. 6,17). Знаел царот дека ова оружје нивно е неспоредливо помоќно од кое било друго земско оружје и дека преку него тие ќе можат да направат едно свештено дело, привлекувајќи ги грубите народи кон Бога и преобразувајќи ги жестоките луѓе во синови Божји. И навистина, Светите наши првоучители Кирил и Методиј извршиле славно и бесмртно дело, најнапред во моравските краеви, во денешните Чешка и Словачка, а оттаму и во многу други предели и кај други народи. И иако зад нив стоела една голема и моќна империја, тие, сепак, го имале истиот удел како и Апостолите, биле пратени како јагниња меѓу волци. Претрпеле навистина многу маки и силни гоненија, пред сè, од тогашните еретици тријазичници, кои лажно учеле дека има само три јазици на кои може да биде проповедано Евангелието и на кои треба да Му се служи на Бога, а тоа се јазиците на кои бил напишан написот на Господовиот Крст на Голгота: еврејски, грчки и латински. Оваа своевидна етнофилетистичка ерес ги сметала другите јазици како недостојни за со нив да се слави името Божјо. Но Светите солунски Браќа, израснати во правоверна и правомислена средина во Ромејското царство, добро ја знаеле и со срце ја имале усвоено евангелската заповед на Спасителот, Кој испраќајќи ги Апостолите на проповед по Своето Воскресение, им рекол: Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух (Матеј 28,19). Тогаш, на Светата Педесетница, Он им испратил на Апостолите Дух на разум, та да ги разбираат нејасните и сокриени нешта на премудроста Негова (сп. Пс. 50) и да говорат на разни јазици, иако тие немале никакво образование за такво нешто. Примајќи го од Христа апостолскиот дух, Светите рамнопостолни Кирил и Методиј цврсто останале до крај во маченичкиот подвиг и успеале да испишат во срцата на Славјаните нова Христова историја; го сотвориле Христовиот нов свет во срцата на нашите предци и ги направиле избран род, царско свештенство, свет народ (сп. 1. Петар. 2,9). Поткрепен од молитвите на својот брат монах Методиј, Светиот Константин – Кирил Философ, кој имал особена мудрост и познавање на многу јазици, создал дури и писмо, за да може да го преведе Светото Писмо на јазик разбирлив за Словените. И првото нешто кое го превел и напишал со новите букви било Светото Евангелието според Свети Јован Богослов: Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото (Јован 1,1).
Значи Светите Браќа, тие од Христа милиот испратени учители и отци наши, од послушание кон Црквата Божја, создале дури и писмо за да нè просветлат. Да нè просветат и да нè облагородат, а не за со тоа писмо денес да се помрачуваме и да се јадеме едни со други, убивајќи се духовно. Знаете, во постаро време словото било привилегија и должност само на оние кои биле повикани да го користат, за општа полза на сите. Пишувале образовани луѓе, кои го имале образот и подобието Божјо во себе, луѓе кои навистина биле достојни да пишуваат и со своето творештво позитивно да влијаат во општеството. Низ историјата Црквата многу се трудела да го описменува и облагородува народот, да строи училишта, за луѓето да го читаат словото Божјо и да се просветлуваат од него. Писменоста требала да им помогне на луѓето да стануваат нова твар во Христа, а не да го злоупотребуваат писмото, погубувајќи се себеси и другите со лукавства, навреди и клевети. Оти, писмото е, пред сè, свето нешто, создадено за света дејност. Денес, за жал, гледаме како писмото што преку огромен труд и маченичка жртва ни го оставија во наследство Светите Браќа и нивните ученици, е така ужасно осквернувано. Тоа свештено наследство ние денес го користиме за да се ругаме едни со други, да пишуваме разноразни гадости; секој си зема за право да го користи тоа писмо за да ги валка другите, да пишува против владици, против свештеници, против Црквата, да пишува против браќа и сестри. А кога свето нешто употребуваме за несвети цели, тоа се нарекува светогрдие и хула.
Мили мои, чувме денес од Светото Евангелие што се чита на светителски спомен: повикани сме да бидеме светлина, а не мрак. Сите треба да придонесуваме во мисијата на Црквата да се шири светлината Христова. А тоа можеме да го постигнеме само доколку самите стекнуваме духовна светлина. Поправајќи се прво себеси, преку личниот пример ќе можеме да ги поправаме и другите. Во тоа, пак, најважен е пристапот со љубов. Само љубовта го поправа човека, ништо друго. Впрочем, така постапуваше и милиот наш Спасител. Он со најголема љубов му пристапи на паднатото и озлобено човештво, до тој степен што дури и дозволи да биде исмеан, исплукан, пострада и се распна за него. А навистина човечкиот род во тоа време бил во најголем морален пад. Тоа го сведочат и тогашните философи и мислители. Едни народи биле во крајна темнина, речиси со животински инстинкти; другите, а и оние цивилизираните, како пагани, идолопоклоници, не биле нешто многу поразлични. Некој философ, во очајание пророчки изјавил: Или Бог нека слезе меѓу луѓето, или луѓето сосема ќе загинат. Значи, човештвото се наоѓало токму на тоа најдлабоко духовно дно кога Спасителот дојде и нè посети. Па така, кога Он не го укори и не го казни човештвото, туку се распна за него за да го спаси, кои сме ние да судиме за луѓето? Зарем не беше Истиот Он Кој со Својата уста кажа: Не судете, за да не бидете судени? (Матеј 7,1) Он ја втемели Црквата Своја врз крвта Своја и врз крвта од мачениците и врз духовната крв на богоносните луѓе како Светите Кирил и Методиј, и затоа таа е бесценета. Ние, пак, кои сме дел од таа Црква имаме голема одговорност за тоа како живееме и што правиме. Оти, во најголема мера, од нас зависи дали тие кои се надвор од Црквата некогаш ќе влезат во неа. И немојте да мислите дека ним не им треба Христос. Напротив, насушно им е потребен. А ние сме тие кои треба да им покажеме дека тука, во Црквата, е убаво, дека тука е патот на спасението, дека тука човек се просветлува и облагородува. Ќе им покажеме доколку сме вистински ученици Христови, деца на љубовта и на светлината. И тоа само на истиот начин, мили мои, како што направија и овие Светии Божји коишто се жртвуваа за Евангелието. Да се жртвуваш за Евангелието значи да го освоиш вечниот живот и Царството Небесно. Следствено и ние треба да се жртвуваме за Светото Евангелие, за да го придобиеме Царството на Бога. Така ќе станеме радост за сите оние кои во родот наш и во целиот род Христијански толку многу се потрудија, за да го впишат во срцата на луѓето најсветото нешто, радосната вест, Евангелието Христово.
Нека биде со нас благословот на Светите Браќа Кирил и Методиј, кои секогаш ни се тука блиску! Ние треба само да го прегрнеме нивното дело, да продолжиме по патеките што тие ни ги покажаа и да им ветиме дека ќе бидеме добри Христијани, дека од нашата уста секогаш ќе излегуваат единствено добри и полезни слова. А тие, пак, кои имаат дар и призив за пишување, нека пишуваат само убави нешта, за надоградба и радост на Црквата Христова. Да ми сте благословени!
Христос воскресе!