Слово на Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Вечерната богослужба за празникот Преображение, во манастирот Пречиста Кичевска, на 18 август 2020 лето Господово
Да Му благодариме на Бога, мили мои, што и оваа година нѐ удостои да го прославиме навечерието на овој голем празник – Преображението Господово.
Оние кои од вас го читаат Светото Евангелие знаат дека овој необичен настан од животот на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, се случил непосредно пред почетокот на Неговите страданија и Распетието. Он ги зел со Себе Своите тројца ученици, Петар, Јаков и Јован, ги искачил на гората Тавор и телесно се преобразил пред нив. И се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина (Матеј 17,2) – вели Евангелистот. А се преобразил за да ги утврди учениците во верата, откривајќи им ја јасно Неговата Божественост, но и за да им покаже која ќе биде целта на Крстот, на Распетието, како и причината за Неговото доаѓање на земјата, а тоа е обожението на човекот, т.е. човекот повторно да го стекне своето Божествено достоинство. Господ се преобразил пред тројцата Свои ученици, кои, според учењето на Светите Отци, симболично ги претставуваат трите основни добродетели: верата, надежта и љубовта – и заблескал со Својата Божествена слава до оној степен, колку што тие можеле да издржат, односно онолку колку што на човечката природа ѝ е дадено да види и да поднесе. Така, апостолите станале очевидци на Неговото величие (2. Петр. 1,16), сведоци на Неговата Божествена светлина, причесници на Неговите несоздадени енергии.
За време на Преображението, Господ разговарал со двајцата старозаветни праведници и пророци Мојсеј и Илија, покажувајќи со тоа дека Он е Бог на живите и на мртвите, или поточно кажано, дека во Него сите се живи. Потоа, светол облак ја опфатил Таворската гора и од Небесата се слушнал гласот на Бог Отецот: Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го! (Матеј 17,5)
Со оваа необична преобразба и со сведоштвото на Отецот, Синот Божји ги увери учениците во Неговата Божественост, но им покажа, исто така, дека само преку послушание човек ќе може да дојде до состојба на обожение и да се одзве на неговиот исконски призив, на неговото првобитно предназначение при создавањето – да биде син Божји по благодат. Зашто, како што знаеме од Светото Писмо, секој човек е создаден според образот и подобието Божјо. Образот Божји се состои во нашата словесност, а подобието во светоста што ни ја дал Бог, а којашто сме ја изгубиле со гревопадот, претворајќи ја земјата во пекол и долина на плачот. За да го обновиме подобието Божјо во нас, неопходно ни е христијанското смирение и послушанието кон Господа, изразено преку послушанието кон Црквата, која е тело Негово.
Убавината од тоа да се биде во Божјата близина не може да се опише и објасни. Тоа може да се заклучи од зборовите на апостолот Петар, кој чувствувајќи ја Божјата благодат, благоста од Божјото присуство, чудесната љубов која ги галела нивните срце, во занес извикал: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш, да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија (Матеј 17,4). Едноставно посакувал засекогаш да остане во таа состојба. Тој и другите двајца апостоли го вкусиле блаженството на вечноста, на Рајот.
Благодатта од Преображението Христово не е ексклузивитет само на тројцата апостоли Петар, Јаков и Јован. Да, во тоа време, на високата гора Тавор биле присутни само тие, но по Воскресението и Вознесението на Господа и по слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, Таворската благодат може да ја почувствува секој посветен Христијанин. Таа е присутна во светите тајни на Црквата, особено на Светата Литургија, во која моќно дејствуваат несоздадените Божји енергии, преку кои верникот се обожува. На секоја Литургија, светите дарови, лебот и виното, преку дејството на Светот Дух, се преобразуваат во тело и крв Христови и преку нив ние се соединуваме со Божеството.
Причестувањето со Божјите обожувачки енергии се одвива и преку умно-срдечната молитва. Знаете, при чинот на монашки потстриг, монасите даваат завет дека ќе се трудат непрестајно да ја кажуваат Исусовата молитва, согласно заповедта на Апостолот Павле: Молете се непрестајно! (1. Сол. 5,17) Целејќи кон непрестајната молитва, монасите ги правеле своите живеалишта обично на високи мести, во горите и во пустините. Токму тие монашки пребивалишта се сениците за кои во Божествен занес зборувал Апостол Петар. Оние кои целосно го предале своето срце на Бога, кои посакале вечно да бидат покрај Него и со Него, се искачувале на високи и оддалечени места, за непречено да општат со Него.
Сепак, овој внатрешен копнеж да се биде во убавината на Божјата близина не важи само за монасите, туку и за сите луѓе. Оти, кој ја вкусил сладоста од Божјата благодат, знае дека не може да постои ништо поубаво од неа. Сите земски радости, благодети и уживања никогаш не можат да се споредат со радоста, љубовта и спокојот коишто произлегуваат од Бога. Со Неговата благодат човек се враќа во неговата вистинска состојба и го исполнува призивот на неговото предназначение. Кој, пак, не ја почувствувал таа духовна сладост, не знае што е вистинска и трајна радост. Кога бев во прва година во Богословијата, имавме еден професор кој милуваше сликовито да ни ги објаснува нештата. Еднаш, сакајќи да ни претстави што е тоа благодат, што значи човек да се наоѓа во Божја близина, ни рече: „Деца мои, доколку некој човек никогаш не пробал некоја убава торта, или пак, воопшто не пробал нешто благо, колку и да се трудите да му објаснувате какво е чувството од тој вкус, вие нема да успеете да му доловите. Исто е и со благодатта. Доколку некој не ја вкуси лично во себе, тешко дека некој друг ќе може да му објасни што претставува таа“.
А за тоа како да стигнеме до неа, ни покажува денешниот настан, со кој Господ нѐ поучи дека треба да се издигнеме високо, над сите земски суетни работи, над страстите кои нѐ влечат надолу, во адот на овој свет, во мракот на егоизмот. Потребно е, значи, духовно издигнување, за да стасаме во пределите на благодатта Божја. За тоа, рековме, неопходно ни е смиреното послушание. Зашто, не апостолите Го одвеле Христа на високата гора, ами Тој нив: А по шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Јован, и ги изведе на висока гора сами (Матеј 17,1). Егоизмот што го имаме сите во нас и е последица од падот, се надминува само преку послушанието. Во спротивно, тој секогаш ќе нѐ држи закотвени долу. Егоизмот е исполнување на страстите. Тие го прават човека егоист. Човек кој постојано се оддава на страстите, обидувајќи се да ги задоволи, не мисли на никого, не води грижа дури ни за најблиските. Мислејќи дека е среќен и задоволен, таквиот во стварност си го гради својот пекол и крајната несреќа.
Затоа, мили мои монаси и верници, свето послушание! Помладите творат послушание кон постарите, но и постарите кон помладите. Всушност, постарите им служат во доброто на помладите. Епископот им служи на своите свештеници и на народот, а свештениците и народот – нему. Во бракот, во малата црква, истото: жената е повикана да прави послушание на својот маж, но и мажот да ѝ служи на својата жена. Тоа е Христијанството, чијашто придобивка е светото таинство на бракот. Впрочем, сѐ што е убаво, благородно, возвишено произлегува од Христијанството, зашто негов Основател, Втемелувач на Црквата е Оној Кој е Светлина, Пат Живот и Вистина – Христос нашиот Бог.
Имајќи ваква голема одговорност, мили мои, да ги молиме Светиите од небесната Црква, за да ги услиша Господ молитвите на членовите на земската Црква, та да се смилува и да го направи чудото на преобразба со оние кои живеат во незнаење и во мрак. И тие со своите срца да Го побараат Него, Најпрекрасниот, да се приопштат кон благодатта на Неговата светлина и да станат вистински Христијани, деца Божји, луѓе обожени.
Да ја помниме секогаш благодатта на овој празник, кој ни покажува што е целта на нашиот живот – соединување со Него, та уште во овој живот да извикуваме: „Господи, добро ни е да бидеме со Тебе!“ Тогаш Неговата близина ќе ја преплавува нашата душа со умиление и сладост, така што не само нам, туку и на оние што нѐ опкружуваат ќе им биде многу убаво. Да се биде Христијанин значи да се биде светлина; да се носи блесокот од Тавор во сопствената душа.
Простете ми и молете се сите да ја почувствуваат благата убавина на Божјата благодат!
Амин!