Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Го празнуваме, мили мои, со голема чест и торжество, великиот празник на Вознесението Господово. Од првата глава на Делата Апостолски чувме дека Господ Исус Христос точно четириесет дена по славното Воскресение се вознесе на небесата со Своето обожено тело. Апостолот Лука раскажува дека Христос по Своето страдање им се претстави жив (на учениците), со многу верни докази, јавувајќи им се четириесет дни и зборувајќи им за царството Божјо (Дела 1,3). Со Своето јавување ги утврдувал во вистината на Своето воскресение, а на четириесеттиот ден Тој се подигна, и облак Го подзеде од пред очите нивни (9).
Со Христовото Вознесение се заокружува Божјата сотириологија. На човечката природа, преку телото на Богочовекот, ѝ се отвора патот кон спасението и обожението. Преку овој спасителен настан, на сите кои се во Христа крстени и во Него облечени, им се дарува можноста да станат непосредни учесници во животот на Триединиот Бог. На новиот човек во Христа му се дава една чудесна слава, неспоредливо поголема од таа што ја имале нашите прародители Адам и Ева во Рајот, кои го имале достоинството да општат со Бога. Сега, преку Вознесението, Божјата и човечката природа се целосно соединети, бидејќи, како што пее Црквата денес, „паднатата природа Адамова во најдолните места на земјата, создавајќи ја наново, Боже, си ја возвел со Себе денес над секое начало и власт“. Зборови силни и чудесни! Човекот станува сопричесник на Божјата слава и достоинство!
Спасителовото издигнување на Небесата ни го остава благословот на сите нас, нашите тела да бидат облагодетени и обожени, преку несоздадените Божји енергии, така што би можеле да станеме обожени личности, луѓе на Божествената красота. Говорејќи за тоа необично издигнување на Господ, Апостолот Лука на крајот го опишува чудењето на луѓето што го гледале сето тоа, како и одговорот од Ангелите: Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото (Дела 1,11). Овие зборови се однесуваат и на нас, кои духом ја гледаме славата на Вознесението. Ќе дојде пак на истиот начин. Зошто? „За да им суди на живите и на мртвите“, за да ги извика од правот телата на сите луѓе што живееле од Адама па до денес, да ги воскресне, и оние што Го љубеле да ги обожи, да ги облече во славата што ја има Он, заедно со Отецот и со Светиот Дух. Тоа и Самиот го вели во Неговата Првосвештеничка молитва запишана во Евангелието според Свети Јован Богослов: И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние (Јован 17,2). Тоа е првобитното предназначение за човекот во Божјиот Домострој, што второто Лице од Светата Троица, Синот Божји, го исполни, покажувајќи за која цел го создал највозљубеното Негово суштество во космосот.
Таквата слава може да се стекне единствено и само во Црквата Христова, која е тело Негово. Надвор од неа Христос не може да се разбере. Низ минатото и денес многу луѓе надвор од Црквата се обидувале да најдат некаков друг Исус; некои тврдат дека Он не постоел, или пак, дека откриле некаков Исус, кој не се сообразува со сведоштвата од Светото Писмо и со тоа како Он се доживува и се живее во Црквата. Денес можеме да прочитаме многубројни книги и да гледаме емисии и документарни филмови на оваа тема. Сепак, останува да повториме и да нагласиме дека Христос надвор од Црквата нема и не може да биде разбран. А за тоа колку е Он вистинит и каква преобразителна и обожувачка сила има, сведочат Мачениците, со тело и со совест, почнувајќи од Апостолите, па сè до Неговите посветени последователи денес. Фактот за Неговото Воскресение, Вознесението и испраќањето на Светиот Дух врз Апостолите е потврден и потпишан со крвта, телесна и духовна, на безбројните Маченици. Сите тие не умреле за некаков обичен учител или духовен водач. Никој, со здрав разум и правилна свест, не би отишол во смрт за некакво празно и бесплодно верување кое не може да спаси. Апостолите ѝ погледнале на смртта право в очи, без да се плашат од неа, затоа што знаеле каде одат; Го виделе нивниот Учител воскреснат, се увериле дека Он ќе им даде живот вечен, во заедница со Него, во Царството Небесно.
Вчера, на Вечерната богослужба, особен впечаток ми остави четивото од пророкот Исаија, кој е наречен уште и старозаветен евангелист, бидејќи нему, преку Светиот Дух, му биле откриени многу нешта од животот на Божјото Слово на земјата. Просто ми надојдоа солзи како тој во видение го видел човечкото тело на Христа како се искачува во небесните височини – нешто што било незамисливо дури ни за ангелите, кои се чуделе како е можно човечката природа да се возвиши до Божествените предели и да учествува на еден таинствен начин во единството на Светата Троица. Зошто Твојата облека е црвена, и твоите облеки – како на оној, што газел во каца? – прашуваат ангелите. А Христос одговара: Јас газев во каца Сам, и никој од народите не беше со Мене (Иса. 63,2-3). Што означува тоа: Јас газев во каца Сам? Моментот кога Он останал Сам на Крстот, за да ги згази гревовите на сите и да го спаси човекот со Својата Божествена крв. Да му го подари достоинството да учествува во животот на Троичниот Бог.
Ете зошто, мили мои, треба да го славиме и да му се радуваме на Вознесението на еден правилен начин, бивајќи во Црквата едно, како што Отецот и Синот и Светиот Дух се неискажливо Едно. Бог го бара тоа од нас – да се љубиме како што Он самиот е љубов и нè возљуби нас. Само така ќе можеме да се наречеме Негови ученици, љубејќи со пожртвувана љубов, слично Нему, оти Он преку жртвата на Крстот нè спаси сите нас. Во љубовта се состои и прекрасниот, неискажлив живот во Троичниот Бог, што никаква човечка дума не може да го опфати. Еден моќен и гласен сведок на тоа таинство, Светиот Апостол Павле, кој се искачил до третото небо, се изразува за ова на еден мошне характеристичен начин: Што око не видело, уво не чуло, ниту на срце човечко му паднало, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат (1. Кор. 2,9). Колку е силна и слатка макар и една најмала посета на Божјата благодат! Колку убаво чувство остава таа во срцето на човекот! Е сега, би можеле ли да замислиме какво блаженство им претстои на оние што во смирение се трудат да ги исполнуваат Неговите заповеди за љубовта?! Душите на бројни такви трудбеници во љубовта Божја веќе се успокојуваат во Божјата близина, за еден ден и нивните тела, обожени да застанат пред Оној, Кој е, и Кој беше, и Кој доаѓа (Откр. 1,4) и да преминат од смрт кон живот.
Со нивниот удел во Царството Небесно и во животот на Божествената Тријада да нè удостои и нас добриот Христос Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, а посебно на оние кои веруваат (1. Тим. 4,10)! Да се вознесеме и ние, браќа и сестри, во жртвената љубов, заедно со нашиот Господ, Кој сака да нè вознесе во Троичното Единство! Амин.