Воскресението е веќе реалност

Во ова се состои оригиналноста на христијанството: тоа учи не само за бесмртноста на душата, како големите грчки филозофи, ниту за воскресението на мртвите на крајот од времињата, како што и евреите и муслиманите со право се надеваат, туку нашето воскресение во Христа веќе присутно тука и сега. Вечниот живот започнува овде на земјата: „Јас знам дека нема да умрам“, вели свети Симеон Нов Богослов на почетокот на IX век, „бидејќи ја чувствувам полнотата на животот како извира во мене“.

Човештвото и светот често го вкусуваат горчливиот вкус на смртта. Нашето сегашно време ја чувствува оваа горчливост интензивирана до неподносливо ниво. Колежите на двете светски војни, на револуциите, геноцидите, особено Холокаустот, нацистичките и комунистичките концентрациони логори, војните и гладот, нѐ оставија со спомени на ужас, варварство и апсурдност. Изолираниот човек, затворен во себе си и препуштен на неговата неизвесна судбина, и покрај крајната опседнатост со својата безбедност, се чини е осуден да ги следи или тоталитарните идеологии или проповедите на себепоклонство. Правејќи така, тој допушта една перверзна празнина да го обземе светот, да ја изобличи природата, да го загрози созданието

Сепак човекот од сите времиња, од сите раси и возрасти, од секогаш ја негирал смртта со сето свое битие. Преку љубов и убавина, но исто така и преку телесните страсти и наркотици, тој копнее по исполнување во животот. Трагајќи по животот но не знаејќи каде, барајќи го и не наоѓајќи го, тој го мрази самиот факт на постоењето и кај себе си и кај другите. Тогаш доаѓа во искушение да го прекине сопствениот и туѓиот живот, што е крајната и апсурдна форма на себе-обожавање! А токму во горчливата средина на нашата нихилистичка цивилизација, ние треба да го сведочиме Воскреснатиот. Да се сведочи, значи да се верува во живот допрен од вечноста. Николај Федоров, руски религиозен филозоф од 19ти век, вели дека има само едно злосторство: Препуштање на смртта. Во воскреснатиот Христос, ние повеќе не се согласуваме да умреме, ние повеќе не сакаме да ги убиваме другите и себе си. Ние чекориме, рака под рака кон бесмртноста, кон незалезниот ден во Царството. Нежноста, храброста и силата на воскресението се таинствената вредност на светот. Солзите, крвта, срамот и очајот, ни пречат да го видиме ова. Но таа се појавува во смирената убавина на нашата литургиска служба. И каде и да сме, еден обичен акт на доверба или љубезност ја прави видлива.

Воскресението е порака на слободата, бидејќи смртта е коренот на нашето ропство, кој нѐ спречува да љубиме, ропство кое ја претвора нашата љубов во нешто привремено и презрено. Скриената агонија на смртта, според Максим Исповедник, води кон двете главни страсти: алчноста и гордоста. Ете зошто целиот Христијански живот е вкоренет во воскресението. Нашата доверба, нашето смирение, нашето предавање на Христа немаат друга цел освен длабоко во нас самите, (во нашето срце, како што го нарекува Библијата) да ја заменат агонијата на смртта со радоста на Воскресението. 

И покрај тоа што условите се често неповолни, Православието ја живее и дише непрестајната пасхална вера; а оваа вера води кон единство, бидејќи Бог кој ни се открива преку Воскреснатиот Христос, и Самиот е заедница.