Обраќање на Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, на Вечерната богослужба за Крстовден, на 13/26 септември 2023 лето Господово
Ваше Високопреосвештенство,
Ваше Преосвештенство,
Ваши високопреподобија и преподобија,
Високопреподобна Игуменијо и мајки старешинки
Чесни и себлагоговејни отци,
Возљубени браќа и сестри,
Распнатата прегратка од Страшната Голгота повторно нѐ собира во свештено единство, за да го чествуваме големиот Господов празник на сесветското Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст – настан од историско и надисториско значење, кој предизвикува восхит и душевно воздигнување. Овој ден, со торжественост и духовен блесок нè потсетува на неспоредливата жртва и неуморната љубов на нашиот Спасител Господ Исус Христос.
Овој празник ги прави оние што со љубов го слават садови на Божјиот мир и љубов, мисија која го наоѓа своето олицетворение во Крстот Христов. Крстот, мили мои, не е само симбол на страдањето и смртта, туку многу повеќе – тој е знаме на воскресението, котва на надежта и печат на неисцрпната љубов Божја. Крстот нè повикува на живот во служење и смирение, од кои, пак, произлегува трајната и нелажна радост. Тој е патот по кој стануваме Христови. Крстот е знамение на нашиот идентитет. Кога го носиме својот животен крст, ние се уподобуваме на нашиот смирен Спасител, Царот над царевите, Кој во Своето смирение не избира престол, туку Крст. Со тоа, Он ни ја даде најдлабоката лекција за добродетелта на смирението, несебичноста и безусловната љубов.
Нашиот свет, со своите непрестајни предизвици, притесненија, конфликти и болки, е жеден за пораката што ја носи Крстот. Маргинализираните, несреќните, од гревот повредените, околината и целото создание, копнеат по животворната смисла за помирување и обновување, што произлегува од Светиот Крст. Како следбеници и поклоници на Крстот, наша должност е да ја шириме оваа порака и да ја сведочиме крстовоскресната смисла во нашето секојдневие.
Крстовоскресниот начин на живот во Црквата е култура на средби. Крстот е, пред сѐ, средба на Бог и човекот. Подножјето на Крстот е местото каде што Небото ја допира Земјата, каде Божествената љубов ја прегрнува човечката слабост, за да го востанови првобитното достоинство и убавина на човекот. На нас останува да ги направиме нашите животи продолжение на оваа средба. Оти, кога Крстот ги обединува Небото и Земјата, тоа значи дека и ние, поклониците на Крстот, треба да се учиме да ги премостуваме поделбите, да ги лекуваме расколите и да бидеме миротворци, воплотувајќи ја Христовата молитва „сите да бидат едно“. Да се носи крстот во смирение е благослов за себе и за целото опкружение, зашто кога е носен, тој како светилник, при средбата со другиот, го просветува секој сочовек од нашето секојдневие.
Исклучителен благослов за годинешнава слава на оваа Свештена Обител на славниот Великомаченик е присуството на нашиот драг и возљубен во Христа брат и сослужител, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил. Светиот Имвроски, пожртвуван и трудољубив работник на Господа и докажан пријател и спомагател на нашата Црква, ни доаѓа за празникот на Чесниот Крст од една распната Црква, но која постојано го наговестува и го живее Воскресението. Ни доаѓа од Мајката Црква Константинополска, која се распнува и бдее за своите рожби, за тие да напредуваат во добро и да растат во слобода и вистина. Навистина неизречива е нашата благодарност кон Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, што повторно ни го испрати својот татковски благослов преку Архиерејот на неговиот роден Имврос. Ви благодариме, Ваше Високопреосвештенство, за трудот што го понесовте, за да дојдете како драг претставник од центарот на вселенското Православие и како благослов од Неговата Сесветост.
Возљубени,
Посебна радост вечерва за нас преставува и присуството на Преосветениот Дремвицки г. Давид, викарен Епископ на Неговото Блаженство Архиепископот г. г. Стефан. Со Светиот Дремвицки се знаеме долги години, уште од почетокот на обновувањето на монашкиот живот кај нас. Впрочем, тој е една од првите рожби на возобновеното општежително монаштво во нашата татковина и тоа ја прави нашата чест уште поголема што го имаме вечерва заедно со нас. Ерудит, елоквентен теолог, поет на црковното слово, врз кого во еден дел од неговиот живот исто така падна неблагопријатниот товар на денешните мачни состојби во Православието. Знаете, отците учители на монаштвото говорат дека монасите се посебната духовна војска на Црквата, би рекле нејзината авангарда, кои се секогаш на првите борбени линии против злото во овој свет, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата (Ефес. 6,12). И токму затоа, копјата и стрелите од разните искушенија и бранувања што ја зафаќаат Црквата, паѓаат најмногу врз нивниот грб. Оти, многу луѓе даваат многу за Црквата, но монасите даваат сѐ – се даваат себеси целосно во жртва жива. Тие се секогаш идеалисти за нивниот единствен и неменлив идеал – Господ Христос и ревнуваат за Црквата како синови за својата Мајка, за очите нејзини правини да гледаат (сп. Пс. 16,2) – како што глаголи Божествениот Давид. И ако некогаш се случи тие да се најдат дури и во спротивставени табори, доколку се искрени во својата љубов и во идеалот за вистина и правда, еден ден повторно ќе се најдат на истата страна, како соборци за доброто на нивната мајка Црквата и како ревнители со иста цел. Следствено, нашата благодарност кон помирителот и дародавец Христос Бог е бездруго неизмерна, што по толку години со братот во Христа, Преосветениот г. Давид, се наоѓаме под истата сеница, на патот кон едното заедничко смествувалиште на благословот и благодатта Божји – точната и права еклисиологија. А тој пат бездруго води кон свештениот центар на Првиот Престол во Православието, градот на Великиот Константин, од каде што и очекуваме да се потврди и запечати нашата црковна постојба, со Томос за автокефалија, заверен од светите канони и од свештеното предание на Црквата од Исток.
Во сето ова, неизоставна е нашата благодарност кон саканиот наш архипастир, Високопреосветениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој со својата мудрост и грижа за Црквата е наша цврста потпора и окрилување. На сите вам присутни овде, ви го пренесуваме неговиот архиерејски благослов.
Како заклучок, додека го славиме и почитуваме Чесниот и Животворен Крст, да ја интернализираме неговата преобразувачка моќ. Нека ни биде тој непресушно вдахновение, за да живееме живот во христијанско творечко смирение, љубов и служење во доброто. Да се вооружиме со крстот како со оружје на мирот и непобедлива победа. Оти, Крстот не е само еден симбол што го почитуваме. Тој е начин на живот. Повик за љубов без условувања, за давање без пресметки, за служење без земски награди, жртва која не бара отплата, туку послужува зашто така е научена да живее. Според Христа, во Христа и заради Христа.
Нека Чесниот Крстот ни биде водич во сѐ, наша сила и вдахновение. На Распнатиот, пак, на него и воскреснат во слава наш Господ Исус Христос, Кого да Го имаме за Господар на нашата целост, вечна слава, чест и поклонение.
Амин!