Крстот како начин на живеење

Слово на Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, на Вечерната богослужба за празникот Воздвижение на Чесниот Крст во Рајчица, на 13/26 септември 2024 лето Господово


Сечесни отци,

Возљубени браќа монаси и сестри монахињи,

Почитувани псалти,

Благословени и мили мои Христијани,

Светата Црква вечерва нѐ повикува да му се поклониме на Светото и Животворно Дрво на кое бил распнат нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Преку своето прекрасно богослужение нѐ воведува во светлото празненство на сесветското Воздвижение на Чесниот Крст, настан кој се случил по Божјата промисла и по силната волја и љубов на двајцата свети цареви, рамноапостолните Константин и Елена, особено на светата царева мајка. Овој настан се случил во Светиот Град, откако царицата Елена внимателно истражила меѓу тамошните жители, каде точно според преданието бил распнат, погребан и воскреснал Синот Божји. Со помош на верните ерусалимци, Светата Елена, со многу труд и залагање, најпосле успеала да го пронајде Животворното Дрво, кое веднаш ја покажало својата огромна благодат, воскреснувајќи еден мртовец што во тоа време го носеле на погребение. Потоа, заедно со тогашниот Ерусалимски епископ, Светиот Макариј, го издигнале тоа Свето и Животворно Дрво со големо торжество и почести пред очите на целиот народ и на Црквата Божја.

И не случајно Црквата на ова вечерно богослужение, преку вдахновените песнопенија што ги слушнавме од нашите драги псалти, го велича толку силно Чесниот Крст Господов. Ни говори со восхит за љубовната жртва на Спасителот, Кој се распна токму на тоа Свето Дрво и му даде живот на светот. Таа сака ние длабоко да проникнеме во тајната на овој празник, па преку паримиите што ги прочитавме, ни изнесува пророштва уште од Стариот Завет за спасоносниот Крст и за неговото славно Воздвижение. Со тоа ни покажува дека Бог, во Својот Домострој, уште од искони имал за цел да го спаси човекот, да го обожи и да го соедини со Себе. Он, и по гревопадот на нашите прародители и на драматичната историја што уследила потоа, никогаш не го остави човекот и преку разни симболи и праслики му претскажуваше на избраниот народ дека преку дрво ќе дојде спасението негово: имено, како што преку дрво човекот падна во Едемската Градина, така повторно преку дрво човештвото ќе биде спасено.

Чудесна тајна, предлабока мудрост! Затоа, првата паримија што ја прочитавме се однесува на дрвото кое Бог му го посочил на Мојсеј, кога овој бил напаѓан од разгневениот народ. Оти, по преминот преку Црвеното Море, во пустината Сур, на Израилците им снемало вода за пиење, и тогаш народот, како и обично, почнал да роптае против својот водач, прашувајќи го со гнев: „Што ќе пиеме?“ Тогаш, со силна вера и молитва, Мојсеј побарал од Господ начин да им обезбеди питка вода. Во местото каде што се наоѓале, викано Мара, имало вода, но таа била горка. И интересно, Бог му посочил едно дрво на Мојсеј, коешто кога го положил во водата, ја претворило во слатка (Исход 15, 22-25). Ова е јасно претсказание за Дрвото на избавлението, кое го престори нашиот горчлив живот во сладок. Бог, Творецот на сите нешта, можел да најде друг начин да ја направи водата слатка за Израелците, но посакал токму преку дрво да го оствари тоа чудо, како најава и пророштво за големата спасителна тајна.

Во Стариот Завет има многу такви претсказанија за начинот на кој Бог ќе го избави човештвото од тиранијата на гревот и на смртта. Уште еден пример за тоа е кога народот на Израил, талкајќи низ пустината, поради своето роптаење беше казнет со каснувања од змии. На едно место во пустината се појавила наезда на отровници и многу луѓе почнале да умираат. И повторно, каде ако не кај Мојсеј, народот се обратил за помош, со молби и жалби. Светиот Мојсеј, пак, вистински татко и народен водач, со молитва кон Бога побарал спас, и Господ му заповедал да направи бакарна змија, да ја закачи на стап и да ја издигне пред народот. И секој каснат од змија кој со вера ќе погледнел кон таа издигната змија, бил исцелуван и не умирал. Гледате, Бог го искористил симболот на смртта – отровот и змијата, за преку нив да даде исцеление. На ист начин, преку Крстот, кој некогаш бил орудие на казна и смрт, Господ ни дарува спасение. Во епохата на Римското Царство, крстот бил средство за најстрашни осуди и предизвикувал ужас – како што, на пример, подоцна во историјата луѓето се плашеле од: бесилката, гилотината или електричната столица. Таков инструмент на казна бил и крстот во тоа време, ужасен и одбивен. Но, Господ посака токму преку Крстот да го спаси човечкиот род, преку смртта да ја победи смртта.

Понатаму, читавме и паримија којашто говореше за премудроста Божја. Во изреките на царот Соломон, премудроста е опишана како дрво на животот за оние што ја придобиваат (Изреки 3, 18). А кое е тоа дрво на животот, ако не самиот Крст на Голгота? Тој стана Дрво на животот поради Христос, зашто Он е Премудроста Божја. Оној кој ќе Го бара Него, ќе спечали мудрост, разум и заедница со Бога и накрај ќе се здобие со Царството Небесно.

Ви благодарам на сите што вечерва се собравте овде, на ова свето место, за да се помолиме и заедно да го прославиме Воздвижението на Чесниот Крст. Иако можевте да бидете на кое-годе друго место, вие избравте да допатувате дотука, до ова Светилиште кое е навистина едно големо сведоштво за силата и моќна на Светиот Крст. Овој манастир се обнови во едно тешко време. Некогаш, додека се градел, пред речиси двесте години, било можеби полесно во однос на манастирското опкружение. Тогаш во селото немало иноверни, сите биле Христијани. А кога ние дојдовме, селото беше скоро целото муслиманско. Започнавме со обновата во 2000 година, а потоа, знаете, започна и војната во 2001 година. И така, манастирот се изгради во навистина многу тешки околности.

Темелите ги осветивме на денешниот празник, на денот на Чесниот Крст. И откако ги положивме и осветивме темелите, прочитавме дека овој храм бил осветен токму на празникот Воздвижение на Чесниот Крст, во 1835 година, во времето на игуменот дедо Арсениј. Тоа значи дека овој манастир е вистинско чудо на Светиот Крст. Дополнително, тој е посветен на еден голем сведок на силата на Крстот – Светиот Великомаченик Георгиј, кој ја избрал Премудроста и го засакал Дрвото на кое беше распнат Христос. Тој ја избрал љубовта, го избрал крстот како начин на својот живот, зашто Господ рече: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене (Марко 8,34). Секој, значи, е повикан по своја слободна волја да го понесе животниот крст. Свети Георгиј е еден од многуте сведоци на Крстот, зашто не направил никаков компромис со овој свет кога било потребно да Го посведочи Христа.

Доброволно земајќи го крстот на своите плеќи, Христијаните стануваат деца Божји. Затоа е особено важно да го носиме својот крст со љубов и без роптаење. Господ вели: Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди (Јован 14,15). Не можеме да зборуваме за љубов, ако таа не е доброволно избрана и не е потврдена со дела. Оној кој Го сака Бога, ќе ги твори и делата Негови, делата на љубовта, односно ќе ги исполнува Неговите свети и Божествени заповеди, како што тоа го направил Свети Георгиј и многубројните маченици и светии низ историјата.

Крстот не е само знак на страдање, туку пред сѐ на љубовта кон Бога, која се изразува преку дела на пожртвуваност. Со прифаќањето на крстот, стануваме учесници во Божјата љубов, и тоа не со зборови, туку со самото живеење. Еве, вечерва две наши возљубени сестри, Снеже од Скопје и Луминица од Романија, кои го избраа крстот како начин на живот, добија монашки апостолник и се на чекор до замонашување. Нашата сестра Снеже се одликува со искрено благочестие, и со послушание го исполнува своето дело. Со сестра Луминица, пак, се сретнавме на еден чудесен начин во манастирот на Свети Апостол Павле во Вечниот Град. Имено, точно во мигот кога ние, повеќемина монаси и монахињи, бевме на поклонение на големиот Апостол, таа, која во тоа време работела во Рим, отишла да се помоли на гробот на Свети Павле, кој се наоѓа под светата трпеза во неговата базилика. Го побарала со вера неговото застапништво, да ѝ го покаже патот по кој треба да зачекори, бидејќи размислувала за својот животен призив – монаштво или брак. Молејќи се, значи, таму, таа нѐ здогледала нас, и тоа ѝ било знак од Бога. Навистина, која случајност е да наидеш на православни монаси во Рим токму во мигот кога се молиш за одговор! Така, Свети Апостол Павле ѝ го покажа патот – да го прифати монашкиот живот и да дојде токму во нашиот манастир. Господ да им даде сили на двете да го износат својот крст достојно и без роптаење, за слава Божја и за спасение на своите души и на душите на мнозина.

Бог да ве благослови и сите вас, и да нѐ удостои со духовно настроение и молитвено да ја продолжиме оваа вечерна богослужба, а утре да се поклониме на Чесниот и Животворен Крст и да се причестиме со светите Божествени Дарови на Светата Литургија. Амин.