Лествица кон Воскресението: вера, пост и молитва

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено по читањето на Свештеното Евангелие на Божествената Литургија, во Неделата на Свети Јован Лествичник, на 17/30 март 2025 лето Господово


Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!

Возљубени мои,

Според благоволението на дародавецот Бог, стасавме веќе до четвртата недела од Светата и Велика Четириесетница. Денеска го чувме одбраното евангелско четиво за исцелението на бесомачното момче. Ова чудо Господ Исус Христос го сотворил откако се преобразил на гората Тавор. Имено, пред самото Свое распетие, Синот Божји се искачил на планината Тавор и се преобразил пред тројца од Своите ученици. Потоа слегол долу и таму, во подножјето на гората, го чекале останатите ученици. Заедно со нив чекал и еден намачен татко, кој имал болно дете, обземено од духовите на злобата. Тој најнапред ги замолил учениците Христови да му помогнат, ако е можно, да се ослободи момчето од демонската болест што го зафатила. И бидејќи учениците не можеле да го сторат тоа, тој очајно Го чекал Христа да се симне од гората. Кога Господ се вратил кај народот, таткото Му пристапил и паѓајќи на колена, Го молел да го исцели син му: „Ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни! А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш – сè е можно за оној што верува!И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие! (Матеј 17,15-17). И Господ се смилува и го исцели детето.

Преку ова чудо, мили мои, Господ и денес ни предочува колку е важна верата, колку се важни постот и молитвата, односно, колку верата треба да биде поткрепена со подвиг, со истрајност, со молитвен живот. И не е случајно тоа што Светите Отци уредиле токму ова Евангелие да се чита во четвртата недела од Великиот Пост – неделата којашто е посветена на преподобниот отец наш Јован Лествичник. Овој велик монах и учител на монаштвото од египетската пустина ни оставил едно бесценето духовно наследство, едно божествено дело, напишано, пред сè, за монасите, но многу ползено и за мирјаните: книгата Лествица, или Рајска скала, во која со длабока духовна мудрост, личен опит и вдахновение одозгора, ја опишува внатрешната психологија и динамика на христијанскиот подвиг, на аскетизмот, на молитвата, на борбата со гревот и со страстите. До ден-денес, оваа книга останува основен прирачник за монашкиот живот, но и жива инспирација за секој што сака да Му се доближи на Бога.

Значи, гледаме денес од Евангелието дека Господ најнапред ја испитува верата на таткото. Очигледно е дека таткото приоѓа со сомнеж, зашто, запрашан од Христа дали верува дека неговиот син може да биде исцелен, тој вели: „Ако можеш, помогни ми!“ А Господ одговара: „Ако можеш да поверуваш, сè е можно за оној што верува!“ Во продолжение Христос го исцелува момчето. Но што ни покажува овој евангелски настан? Ни покажува колку е неопходна и важна верата на родителот. Колку неговото срце, неговиот став, неговата љубов и доверба во Бога, се пресудни за добробитот на неговите рожби. Колку е важно неговото однесување како родител, односно дали тој е еден добар пример за своето дете. Овој татко, доведен поради несреќата до работ на силите, очајно приоѓа, бара помош насекаде. Но дали тој претходно го поучувал своето дете во верата? Дали самиот живеел според Божјиот Закон? Веројатно не доволно. Еве, гледаме дека само во таа крајна болка, тој го пронаоѓа патот кон Бога.

И се разбира, сожаливиот Христос не го отфрла овој страдален родител, туку го прима и го исцелува неговото дете. Зашто Он е Лекарот наш вечен, и на душите и на телата. И Неговата исцелителна моќ не престанала да чудотвори – таа не е нешто што било некогаш во историјата, таа е реалност која и денес силно дејствува. Многу родители и денес ги носат своите деца во храмовите, во манастирите, кај духовниците, барајќи помош со вера. И Господ ги прима. Се случува чудото. Зашто само Христос е Патот, Вистината и Животот.

Меѓутоа, за жал, поголемиот дел од родителите ја немаат потребната вера, го немаат потребното знаење за Бога, како би можеле да влијаат благотворно врз своите деца. Погледнете само колку младината денес страда. Од зависности, од духовна празнина, од безнадежност, од меланхолија. Како никогаш порано во историјата, младите луѓе паѓаат и страдаат – не затоа што се лоши, туку затоа што никој не им покажал исправен пат. Никој не ги поучувал за тоа дека душата човечка е вечна по благодат, дека животот не е само биолошко преживување. Наместо тоа, тие насекаде слушаат само за еден празен поглед на светот, за една деструктивна филозофија: „Еднаш се живее, затоа живеј го животот како што сакаш, уживај во него, земај сè што ти пружа“. Оваа страшна флоскула изродена од безбожничката идеологија што извесен период господареше и во нашето општество, го обесмислува целиот човечки подвиг, целата смисла на животот. И таа бедна идеологија произвела родители што, можеби и без да се свесни, погубно влијаат врз своите деца. И денес има многу родители кои го гледаат своето дете како сака да оди во храм, во манастир, како Го бара Бога, и му велат: „Што ќе ти е да одиш таму? Тоа не е за тебе. Тоа е за луѓе што си имаат мака, проблеми. Ти треба да си го живееш животот, да се забавуваш“. Во контекст на ова, дозволете ми да ви раскажам за еден случај што лично го слушнав, и силно се запрепастив. Имено, една млада девојка, смерна и паметна, која сака често да доаѓа в манастир се соочува со негодувањето на своите родители. Тие ѝ се противат и не сакаат таа да доаѓа в манастир, туку ја советувале наместо тука, да оди често во кафулињата, да излегува, да се забавува. Една вечер таа излегла во некое место за забава, се поднапила и се вратила дома подоцна од вообичаеното. И замислите, кога си дошла дома, нејзините ја пречекале со зборовите: „Е, вака треба ќерко! Вака се живее!“ Кога го чув ова, занемев од болка. Која трагедија: родителите наместо да бидат оние кои ќе ја водат мудро и правилно низ живот, стануваат причина за духовната смрт на своето чедо.

Ете зошто денешното евангелско четиво е толку важно за секој родител. Господ Христос нè повикува на дејствителна вера, не само на верата како чувство – туку на вера што воспитува, вера што води, вера што љуби и се жртвува.

Бог не нè остава, мили мои. Он ни говори и нè повикува низ сите векови, низ сите епохи преку Своето Свето Евангелие, преку благодатта што ја излева во Црквата, преку Своето присуство во светите тајни. Христос е нашиот Исцелител, нашето прибежиште, нашата надеж, нашиот живот. И денес Он повторно ни говори: ако имаме вера, ако Му се предадеме Нему со доверба, тогаш сè што е вистински добро ќе стане возможно. А најнапред, возможно ќе стане нашето исцеление: пред сè духовното, а потоа и телесно. Тука редоследот е важен – без духовно исцеление, телесното останува само привремено олеснување, без вистинска преобразба за спасение.

Откако го извршил чудесното исцеление на детето, Господ се повлекол во некој дом и таму учениците Го запрашале зошто тие не можеле да го истераат лошиот дух од момчето. И Он им одговара со одговор што останува една вечна поука за сите луѓе: „Овој род (демонски) се истерува само со пост и молитва“. Овие Христови зборови одекнуваат како клин забиен во нашата духовна немарност. Ни укажуваат дека постот и молитвата не се опционални, туку суштински. Не е доволна само површната желба, ниту само зборот, ниту надворешниот подвиг – потребно е срце што гори со вера и љубов, пост што е повеќе од обично воздржување од храна. Зашто постот без духовен подвиг, без молитва и без добри дела е ништо повеќе од една обична диета. А молитвата без срце е збор без сила. Постот треба да биде, пред сè, духовен. Се разбира, телесното воздржување ни е од голема помош, како обука, како вежба. Ни покажува дека можеме и со помалку – и од храна, и од удобност, и од светски разоноди. Но тоа треба да нè води кон повозвишена цел, кон духовна преобразба. Постот е време кога учиме да се одвикнуваме од лошите навики и се трудиме да стекнеме добри, да се извежбаме во добродетелите. Оти нашиот живот се состои од навики – и добри и порочни. На тој начин, човекот преку своите навики се изградува или се разградува. Оној кој живее во добри навики, кој се труди да биде добар, да проштава, да љуби, да биде милосрден, тој го гради во себе Царство Божјо. И напротив, оној што гревот го прави своја навика, тој веќе не само што паѓа надолу, туку и се заглавува. Станува заробен. Порокот е грев кој нè поробува, нè претвора во сенки. Свети Јован Златоуст вели дека не е толку страшно кога човек ќе падне во грев, туку кога ќе остане во него. Кога гревот веќе не го чувствува како рана, туку како навика, како стил на живеење. Човечки е да се падне, но демонски е да се остане во гревот.

Затоа ни е даруван постот – како духовна гимнастика, како тренинг за душата, како обнова на нашата сила, како будење на духот. Како што телото, доколку не се движи, доколку не се храни со здрава храна, пропаѓа, заслабнува неговата мускулатура и сè останато – така и душата без подвиг, без пост и молитва, без добри дела, станува слаба, бавна, бесчувствителна. Постот е школо за животот. Тој нè води кон она што е вечно и вистинито. Но не заборавајте: сè што правиме треба да биде со љубов и заради љубов. Постот, молитвата, милостината – сето тоа ако е без љубов, не допира до Бога. Љубовта е солта на секој подвиг. Таа му дава вкус, смисла и убавина. Само со љубов, подвигот станува дар, станува светлина.

Така, возљубени мои, од денешното евангелско четиво повторно слушнавме еден благовестителен повик на нашиот премил Спасител – дека сè е можно, сè станува светло, сè добива смисла, доколку со вистинска, жива вера Му пристапиме и Му се молиме. Христос не е далеку, Он стои пред вратата на нашето срце и тропа. Но нашето срце треба да се отвори, нашата вера да се разбуди. Живееме во време во кое, како никогаш досега, светот тоне во безверие, во една тажна духовна апатија. Тоа е новиот мрак на нашето време – не толку по форма, колку по дух. Цела Европа, некогаш израсната врз темелите на Христијанството и на Христовите заповеди, денес заборава, се откажува, се отуѓува. Младите, оние кои некогаш ја сочинуваа христијанската иднина, денес сè почесто се изгубени, далечни од Божјото присуство, вперени кон лажни надежи и празни слободи.

Но, возљубени, во овој севкупен мрак, има и светилки што допрва се палат. И тоа е нашата надеж. Во нашата мила татковина Македонија, сè повеќе гледаме млади луѓе кои се враќаат кон Евангелието, кои Го бараат Христа, кои се разгоруваат од копнеж за вистинската Светлина. Тоа е најдлабоката радост на Црквата – кога млад човек Му пристапува на Господа и се преобразува однатре. Тоа е знакот дека Црквата не е институција од минатото, туку живо Тело Христово, полно со Дух Свети, полно со исцелителна сила и љубов. Христос, Лекарот на душите и телата, и денес е тука со истата моќ, со истата љубов, со истата блискост. Он чека. Не со укор, туку со љубов. Не со осуда, туку со отворена прегратка.

Да Му пристапиме сите со вера, со доверба, со желба за преобразба. И тогаш, како некогаш во подножјето на Тавор, Он и денес ќе нè исцели, ќе нè врати на благодатниот пат и ќе нè поведе кон животот што не завршува, кон светлината што не заоѓа, кон светото и светло Воскресение.

Амин.