Со покајание да се вратиме во прегратките на Отца

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Светата Литургија во Неделата на блудниот син, на 19 февруари / 3 март 2024 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ја чувме сега, мили мои, Параболата за добриот татко и за двајцата синови, изречена од устата на Синот Божји. Таа е опишана во петнаесеттата глава на Светото  Евангелие според Апостолот Лука. Оваа глава започнува со описот на две спротивни настроенија кај луѓето. Од една страна, на Христа Му пристапувале митници и грешници за да Го слушаат, да се насладуваат и да се утешуваат, а од друга, пак, Него Го следеле и книжниците и фарисеите, народните првенци, но не за да се поучуваат, туку само за да негодуваат и да Го осудуваат дека седи и јаде со блудници и грешници. И како одговор на лошите помисли од овие вторите, Господ започнал да зборува во параболи, односно приказни. Најнапред ја кажал Параболата за загубената овца, потоа за загубената драхма и накрај за загубениот син. Параболата за блудниот син.

Би можело да се каже, мили мои, дека во лицето на овие два сина е отсликано целото човештво, сета негова историја. И двајцата го претставуваат отпаднатиот од Бога човек. За помалиот син тоа е повеќе од очигледно. Тој ја зема половината од татковиот имот и заминува во туѓа и далечна земја, далеку од домот, каде што  безумно го расфрла наследеното богатство, живеејќи грешно и развратно со блудници и грешници. Но и во врска со постариот син, колку и да ни се чини парадоксално, не можеме да кажеме дека бил прав и вистински близок со таткото свој како што ни изгледа на прв поглед. Иако тој останал во татковиот дом, сепак, неговото негодување против враќањето на брат му, покажува дека го немал духот на таткото, не бил духовно близок со него. Од историјата на Светото Писмо знаеме дека само еден народ го имал запазено откровението за едниот вистински Бог – Јудејскиот народ. Сите останати народи отпаднале од Бога како блудниот син, заминале далеку од вистината, во туѓината на идолопоклонството, каде што им се поклонувале и им робувале на творенијата, а не на Создателот. Затоа уште на самиот почеток од Библијата се спомнуваат две категории на луѓе: синовите човечки, кои сосема се заблудиле и застраниле од вистинското Божјо откровение, и синовите Божји, т. е. оние кои сѐ уште го чувале преданието на Адама, односно тоа дека човекот е создаден од Бога и за Бога и дека целта на неговото постоење е да се врати повторно при Бога, за да живее во заедница со Него. Тогаш на синовите Божји им било забрането да општат и да се соединуваат со синовите човечки, како не би го оскверниле своето сеќавање за Рајот и за Творецот, па постепено и сосема да заборават на Него. Но тие не ја запазиле оваа заповед и почнале да се мешаат едни со други, предизвикувајќи го така Божјиот воспитен укор што следел. Сепак и тука се покажало Божјото трпение. Имено долготрпеливиот Отец Небесен го избрал срцето на праведниот Ное и го нашол достојно за преку него да им се обрати на луѓето, опоменувајќи ги дека треба да се разбудат, да се поправат, да се покајат, да ги остават лошите дела и злобата, да си дојдат на себеси, за да не предизвикаат една сеопшта катаклизма. И затоа, според неизмерната милост Божја, изградбата на коработ од страна на пророкот Ное траела цели сто години, еден цел век, за луѓето да имаат што повеќе време да се покаат. Но, за жал, годините минувале и никој од луѓето не го сфаќал сериозно повикот на пророкот за покајание. Синовите човечки, синовите блудни, биле до толку потемнети духом, што не умееле да ги препознаат ниту милоста Божја, ниту опасноста што претстоела. И настанал потопот и така загинал целиот стар свет.

Но и по обновата, човештвото се наоѓало во постојан лелек поради оддалеченоста од Бога. Се чини дека немало човек кој не го чувствувал тој грамаден духовен печал. Дури и праведниците воздивнувале со душевен скрб и од името на народот Божји ја призивале Божјата милост. Тоа можеме силно да го забележиме во воскрикот на пророкот и цар Давид: Станав како човек без помош, слободен меѓу мртвите, како изранети што спијат в гроб, за кои не си спомнуваш веќе и самите одлачени биле од раката Твоја…  Зарем ќе раскажува некој во гробот за милоста Твоја и за вистината Твоја во гибелта? Зарем ќе се препознаваат во мракот чудесата Твои и справедливоста Твоја во земја заборавена? 

И дојде време, мили мои, кога Бог повторно го прегрна човештвото. Отецот Небесен татковски го прегрна заблудениот и отуѓен човек преку прегратката на Синот од Крстот. Денешната парабола ја осветлува токму таа Божествена прегратка за заблуденото човештво. Учените водачи на народот израилски негодувале што Христос проповедал спасение за сите луѓе и народи подеднакво, не можејќи никако да сфатат и прифатат дека Бог љубовно се грижи за сите и сака сите да ги прегрне и спаси. И тие кои Го познаваат и Му се молат, но уште повеќе и оние заблудените, кои треба да се вратат при Него. Во секој случај, и двете категории на луѓе, претставени преку двата сина, се во тешка состојба. Иако на почетокот се чини дека постариот син останал во послушание на својот татко, подоцна, сепак, станува јасно дека тој очекувал награда за тоа, работел за придобивка, не со безусловна љубов. И што е најкобно, од параболата не е јасно дали тој се вратил во домот или останал надвор, гневен на својот татко.

Ова ни покажува, мили мои, дека на сите нам ни недостасува Бог. И тоа во голема мера! Душата човечка непрестајно Го бара и копнее по Бога. И тука е трагедијата, оти човекот честопати, барајќи ја прегратката на Господ, се заблудува и заталкува на погрешни места. Ние сме целосно во заблуда кога си мислиме и се надеваме дека ќе можеме да најдеме спокој и радост, и утеха и сладост на места и преку начини надвор од Бога. Да, неопходна ни е Божјата прегратка, но не треба да ја бараме на неблагословен, погрешен начин.

Вчера, со една група верници, поклоници во Манастирот, разговаравме за проблемите и искушенијата со кои се соочува современиот човек и констатиравме дека денешниот свет се наоѓа во една многу тешка и духовно болна состојба. Меѓу другото, зборувавме и за западните европски земји, кои до пред скоро важеа за седиште на една напредна цивилизација. А какви закони се носат таму денес! Се протежираат и пропагираат иницијативи што имаат за цел да го урнисаат целокупното културно и духовно наследство на Христијанството, врз коешто се темели самата Европа. И природно, дојдовме до заклучокот дека единственото решение е Христос. Нема друг начин освен да си дојдеме на себеси, да се вратиме при Бога. Оти, злоупотребувајќи ја слободата што Творецот ни ја дава, ние стануваме робови. Затоа денес се читаше посланието од Апостолот Павле во кое тој нѐ поучува: Сè ми е позволено, но не е сè полезно. Сè ми е позволено, но не сакам нешто да завладее над мене (1. Кор. 6,12). Гледаме од параболата дека синот имал слобода пред татка си. И кога тој го побарал имотот – што всушност и не бил негов! – таткото не рекол ништо, туку молкум го испратил онаму каде што овој сакал. Што е тоа што Бог му го даде на човекот, испраќајќи го во светот? Слободната волја, словесноста, разумот, господственоста, привилегијата да биде цар над сите творенија и да може да напредува во секоја смисла. Човекот, пак, сето тоа го злоупотреби, станувајќи роб на бездушните страсти и на господарот од овој век, ѓаволот. Токму тоа го означува кажаното во параболата: Отиде кај еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своите полја да пасе свињи. И страден беше да го наполни својот стомак макар и со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше (Лука 15,15-16). Станал слуга кој пасел свињи, односно се продал како роб на суров и нечовечен господар. Кога човек ќе се оддаде на страстите, без никаква контрола, без духовна борба, без воздржание, неминовно станува нивен роб, бидејќи не може со ништо на светот да ги задоволи. И ете, синот останал крајно гладен. Оти, ништо од овој свет не може да ја задоволи човечката душа, којашто е воедно и Божествена, создадена според лика и прилика Божја, за вечност, за синовско општење со Христа. Местото на човекот е да биде со Бога и неговата цела е да се обожи.

И навистина, доколку човек не си дојде на себеси, не се врати при Бога, тогаш овој свет, како што се вели во Параболата, за него станува една туѓа и безмилосна земја; едно тесно и мрачно место за живеење, каде што не вирее Божјата љубов. Сите ние го забележуваме тоа во нашето секојдневие. Го гледаме, за жал, и во Црквата. Кај луѓето кои можеби редовно одат во храмот, но судат и се немилосрдни, слични на постариот син од параболата. Тие не се радуваат искрено кога некој од заблудените и големите грешници ќе се врати при Бога. Напротив, дури и го попречуваат покајанието на другите, со тоа што постојано судат и озборуваат, во својата самобендисаност, како книжниците и фарисеите кои Го следеле Христа, не за да бидат во заедница со Него, туку за да Го искушуваат и да покажат колку знаат, колку се умни и верзирани во Светото Писмо и Законот Божји. И денес имаме таква категорија на верници на кои Црквата им е само мегдан за да ја покажат својата наводна ревност и знаење. А за другите осуда и расфрлање со канони и цитати. Прочитале нешто и веднаш станале проповедници, користејќи ги социјалните мрежи за да внесуваат само смут и соблазна кај оние кои допрва треба да се вратат при Отца. Многу е жално кога човекот влегува во Црквата без вистинско покајание и смирение. Ете зошто денешната парабола, подготвувајќи нѐ за Чесниот Пост, нѐ призива да си дојдеме на себеси. Да погледнеме длабоко во своето јас и да ја увидиме сопствената немоќност и грешност. И кога човек ќе се согледа и спознае себеси во смирение, веднаш доаѓа покајанието. Од душата избива молитвениот крик: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници (Лука 15,18-19). Тогаш веќе сè почнува да си доаѓа на своето место. Доаѓа покајанието, доаѓа просветлението. Само што блудниот син посакал да се врати во татковиот дом, милосрдниот татко веднаш прв потрчал кон него, за да го пресретне. Го прегрнал и го примил кај себе, без да му приговори ни збор. Па им наредил на слугите да го облечат во убава, нова облека – којашто го симболизира светото крштение, но исто така и покајанието, соблекувањето на стариот човек и облекувањето во Христа; потоа му дал прстен на раката, како символ за синовството и за верноста и го седнал заедно со себе на вечера. Таткото го заклал угоеното теле за да ја нагости својата покајана рожба. Како што Бог Отецот го даде на заколение Својот Син за спасение на изгубениот човек. И сега сите сме повикани на таа Божја вечера, на Божествената Литургија. Со покајание и смирение, седнуваме на трпезата Господова како синови Божји. И Отецот Небесен се радува заедно со сите синови Свои, со сите нас, и ни ја дарува Својата неизмерна и неискажлива слава.

Да се молиме, мили мои, добриот Татко небесен да ги собере кај себе сите заблудени чеда Свои, како нас, кои веќе доаѓаме во храмот, така и сите оние кои сè уште не знаат за Него вистинскиот, давајќи ни на сите делотворно покајание, та да бидеме заедно во Неговата родителска прегратка, на вечерата, каде што нè чека Божествената храна, која е залог за идното и вечно царство.


Денеска, исто така, се прославува и еден голем Светија од монашкиот род, имено Преподобниот Доситеј, кој живеел многу кратко, но останал бесмртен пример за монашко послушание. Неговиот живот е опишан во книгата на поуките на Авва Доротеј, и таа е една извонредна монашка лектира, којашто особено ја препорачувам на секој почетник во монаштвото. Имено, таа беше првата книга што ја прочитав кога заминав на Света Гора. Тука го сретнав и житието на Светиот Преподобен Доситеј и неговото чудесно послушание до смрт. Токму затоа и нашиот брат Доситеј, економот на манастирот, го доби тоа име. Инспириран од неговото послушание, со кое уште од самиот почеток како млад искушеник наликуваше на Преподобниот Доситеј, решив да му го дадам неговото име. И до ден денес тој е навистина таков, послушен до смрт и е пример за сите монаси – прв е на богослуженијата, никогаш не враќа збор на својот духовник и за него велам дека понекогаш тој е мои очи и мои уши. Кога ќе го испратам некаде, спокоен сум и знам дека сѐ што ќе чуе и ќе види верно ќе ми го пренесе како и самиот да сум бил таму. Сето тоа го прави за доброто на манастирот и братството. Го чува братството со истата грижливост како мене и затоа денес со радост и благопожеланија му го честитам именденот, посакувајќи му секогаш да биде со истото настроение, какво што го имал и блудниот син од параболата, кога со покајание се вратил при својот татко. Сите ние треба да бидеме такви, доколку грешиме а грешиме постојано, треба веднаш да си доаѓаме на себе, да трчаме во прегратките на Отецот. На многу години, отец Доситеј!

Исто така, денеска празнува и нашата сестра Филотеја, која се удостои да го носи името на Светата Филотеја Атинска. Таа дојде заедно со своите сестри, за сите заедно да земат удел во ова молитвено собрание. Да си ми жива и здрава и Света Филотеја да те чува секогаш, докрај да издржиш во подвигот на кој си се ветила. На многу лета!