Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Вечерната богослужба во чест на Свети Партениј Лампсакиски Чудотворец, на 6/19 февруари 2022 лето Спасителово
Ваше Високопреподобие, многу почитуван Архимандрит г. Доситеј од братската православна Црква на Србија,
Многу почитуван Ректоре на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски
Преподобни мои браќа и сестри, монаси и монахињи,
Сечесни отци,
Возљубени мои браќа, сестри и чеда во Христа,
Има работи за кои може и треба да се говори, но има и работи за кои може само со созерцание во срцето благодарно да се молчи. Гледајќи го сега пред себе и околу себе ова свештено собрание, ова царско свештенство, овој избран род и осветен наред од љубовта Христова (сп. 1. Петр. 2,9), јас, навистина, не наоѓам во себе соодветни и доволно моќни зборови, со кои би можел достојно да се заблагодарам, најнапред на Отецот на светлините, од Кого доаѓа секој совршен дар и секој добар подарок (сп. Јаков 1,17), потоа на мојот небожителен застапник и закрилник, Светиот Отец наш Партениј Лампсакиски, за чиј светол спомен сме собрани денес овде, а потоа и на сите вас, присутни љубовно, телом или духом.
Поразен и завладеан од вашата света љубов, се чувствувам бесснажен, за сообразно да ви одговорам и навистина не знам што да кажам. Во главата ми се вртат зборовите на големиот тајновидец и боговидец, Светиот пророк Исаија, кој по видението на Бога Саваот, со душевен трепет извикал: Тешко мене, сокрушен сум! Оти, иако сум човек и имам нечисти усни… Царот Господа Саваот Го видоа очите мои! (Иса. 6,5) И навистина, оваа љубов ваша што ја излеавте сега врз мене, не е ли, на еден таинствен начин, јавување среде нас на нашиот Бог на љубовта?! Токму така ја доживувам јас сега неа, бидејќи и Самиот наш Спасител вели: Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив (Матеј 18,20).
По Божја промисла, споменот на Светиот Лампсакиски Чудотворец, Великиот Божји угодник Партениј, чие богопрославено име речиси три десетлетија недостојно го носам, се слави во попразненствениот период на празникот Сретение Господово – Празник на средбата на човекот со Бога, или можеби, поточно, на Бог со човека. Тоа сретение, таа средба ја претставува вистинската среќа на човекот, зашто и зборот ‘среќа’ во словенските јазици доаѓа од средбата, од Сретението Божјо. Следствено, и ова наше празнично собрание е вистинска среќа за сите нас, бидејќи ние се среќаваме во името на љубовта Божја.
Би можело да се каже дека суштествуваат три видови на средби: средба на човекот со Бога, средба на човек со човек и средба на човек со себеси. Во суштина, сите три средби се нераскинливо поврзани меѓу себе и започнуваат од најважната, средбата на човекот со својот Творец. Зашто, кога во своето срце разговараме со Бога во смирение и покајание, во љубов и благодарност, преку молитвата, преку воздишките, преку срдечниот плач на нашиот скрушен внатрешен човек, тогаш во нашето битие се остварува тоа таинствено сретение, таа благодатна посета Божја, преку несоздадените енергии на Светиот Дух. Тогаш тоа наше битие се исполнува со неземна радост, бива преплавено од некоја чудесна убавина одозгора, ја доживува праисконската среќа што ја живееле првосоздадените луѓе во Едем пред гревопадот. Наоѓајќи се во таа атмосфера на Божјата исцелителна благодат, човекот ја чувствува полнотата и смислата на постоењето; започнува да живее автентично, богопредвидено, битисува во орбитата на Божјата сеопфатна љубов. Иако со духот тој пребива надвор од време-просторот, во вечното пространство на Бога, за него логичност добиваат сите нешта и во овој живот, правилно значење имаат нештата и од овој свет и тој човек на сите луѓе гледа како на икони Божји. Облагодатен од Светиот Дух, тој воспоставува правилна врска, средба, и со себеси и со другите луѓе, во кои го гледа образот на Создателот.
Мислам дека нашето вечерашно заедничко среќавање во Бога и меѓусебно претставува една токму таква средба во вечната љубов и затоа нашата взаемна радост е толку голема. Дај Боже секогаш да се среќаваме со Христа во срцата свои, па нашата внатрешна радост да остане непоматена и трајна!
Ви се заблагодарувам уште еднаш на сите, од сето срце свое и од сета душа своја, за обилната љубов со која ме опсипавте вечерва, за вашите искрени молитви и желби, коишто се толку драгоцени за мене и без кои не ќе можев да го носам тешкиот крст на архиерејската и игуменска служба, за вашите радосни лица и за вашите христољубиви души.
Особено сакам да му се заблагодарам на мојот возљубен брат во Христа, Архимандрит г. Доситеј, Старец и Игумен на Манастирот Гргетег во Србија, кој вечерва ни сотвори голема чест и радост со своето ценето присуство. Имено, тој е пријател на нашиот Манастир и на нашето Братство и за него можам да кажам само дека е човек на Христова љубов.
Утре го очекуваме доаѓањето и на нашиот многу почитуван архипастир и надлежен архијереј, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој со својата љубов и со своите молитви е секогаш заедно со нас.
Благословот на нашиот Отец меѓу Светиите, Партениј Лампсакиски Чудотворец нека биде со сите вас! За многу години!