Вие не сте од овој свет

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештениот Бигорски Манастир, изговорено во Кнежинскиот Манастир, на празникот Ѓургиц, по читањето на Светото Евангелие на Божествената Литургија, на 3/16 ноември 2023 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени и мили верници,

Господ наш Исус Христос, преку Своето Свештено Евангелие, кон нас Христијаните упатува едни навистина чудесни зборови: Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот затоа светот и ве мрази (Јован 15,19). „Како е можно тоа повеќе да не си од светот?“ – прашува Светиот Симеон Нов Богослов, толкувајќи го овој исказ Христов и веднаш одговора: „Тоа може само кога некој ќе се распне себеси за светот и светот во себе, како што вели Апостолот Павле: за мене светот е распнат, а и јас за светот (Гал. 6, 14). […] Оној кој е распнат или умрен за светот, нема повеќе чувство за световните нешта; исто како што мртвото тело нема чувство ниту за живите, ниту за мртвите тела што лежат покрај него, така и оној кој по благодатта на Светиот Дух излегол од светот и почнува да пребива со Бога, не може да има чувство за светот или за нештата во светот“ (Слово 79).

Набљудувано низ призмата на овие силни зборови, ние Христијаните, според некоја таинствена смисла, гледаме на смртта како на еден вид Божјо допуштение, односно како на избавување од страданијата и од злото. Оти, откако човекот со непослушанието и падот во Едемската градина своеволно западнал во јамата на злото, Бог допуштил смртта да навлезе во неговиот род, за да не се случи тој да се претвори во едно крајно озлобено суштество. Смртта, значи, иако отпрвин не била според Божјата волја и предназначение за човекот, постанала своевидно превентивно средство, кое го скротува и скратува лукавството кај луѓето. Затоа Отците на Црквата велат дека доколку не сакаме да грешиме, треба да сеќаваме на смртта.

Се разбира, смртта не останала единствениот воспитувач на луѓето. Милосрдниот и сожалив Бог не го оставил човекот да живее во постојано притеснение од злото и во фаталистички страв од смртта, туку на секаков начин му го покажувал патот кон избавувањето и кон Своето Царство. Во времето на Стариот Завет Он испраќал пророци, луѓе на коишто Самиот им се јавувал и им откривал и со нив разговарал како со Свои пријатели, објавувајќи им ја вистината за Себе, како и патиштата што Му се Нему угодни. Тоа со црковен речник го нарекуваме натприродно Божјо откровение. Преку тоа чудесно откривање Бог го подучувал човештвото и го подготвувал за најважното нешто – доаѓањето на Месијата, на Спасителот на светот.

Накрај, кога се достигна полнотата на времето, Словото Божјо стана човек, земајќи плот од Пречистата Дева Марија, за да може на секој човек да му ја подари можноста за спасение. Он остана тоа што беше – совршен Бог и стана она што не беше – совршен Човек. Стана образец за човекот, за и самиот човек да може да постане боголик, да се обожи. И бидејќи, како што ни сведочи евангелистот Свети Јован Богослов, светот лежи во зло, Христос за Своите вели дека не се од овој свет. Он дојде за да сотвори нов свет, да го пресоздаде паднатиот Адам, кај секого кој во себе ќе Му даде Нему простор да дејствува. Оти, ако според Адама сите паѓале и умирале, сега во Христа сите воскреснуваат и живеат. Но за да се изврши тоа Божествено пресоздавање, потребни се и добра волја и труд од страна на човекот, за нештата да се управат кон вистинскиот правец. Човековото пакибитие се остварува само тогаш кога човекот за свој пример, за икона на својот живот ќе Го земе совршениот Човек, Синот Божји; кога Христос ќе Го постави над сè во срцето. Или, со други зборови, кога ќе Го пронајде Христа во себеси. Зашто, како што Самиот Он вели, Царството Божјо е во вас внатре (Лука 17,21). Кога ние во секојдневието се трудиме да живееме според Христа, според Духот што ни го дал при светото крштение, ние Него сè повеќе Го оприсутнуваме во своето срце и започнуваме уште одовде да го живееме духовниот, вечен живот на Царството Небесно. И така, оприсутнувајќи го Царството Божјо во нашиот секојдневен живот, ние го правиме видливо и пристапно и за другите; ја шириме Божјата љубов и пријатните Божји енергии. Оти токму во љубовта најмногу се состои царството на Христа.

Па така, мили мои, доколку сакаме да бидеме вистински Христови, не смееме да се поистоветиме со овој свет, туку напротив, треба во духовна смисла да излеземе од него. За тоа, се разбира, е потребна голема жртва и воздржание од нашата страна, како и цврст, бескомпромисен став во однос на гревот и на световните нешта. Било да се во прашање нашите имања, углед, позиција, па дури и животот, ние не треба да попуштаме пред она што е гревовно, лажно, неблагословено, туку бестрашно да Го сведочиме Христа со својот живот. Во тој случај, Он ќе биде со нас, нема да не остави беспомошни. Оти, токму на темелот од таа бескомпромисност кон овој свет и на бестрашното исповедание со дела, Христос ја основа Црквата Своја. Неслучајно Он ги испратил Своите Апостоли да го освојат светот како јагниња меѓу волци, не со некое световно оружје, туку со Неговиот чудесен и неискажлив мир одозгора. Отпрвин, цели три века, сè до Светиот рамноапостолен Константин Велики, Црквата Божја била подложена на страшни гоненија, токму затоа што на светот, кој бил до гуша заглибен во гревот, не му бил јасен и прифатлив христијанскиот концепт за воздржание, за морална чистота, за љубов и саможртва. Старите народи веќе одамна се имале навикнато да живеат во блудства и секакви гнасотии, така што нечистотијата и омразата им биле сраснати со природата. Затоа тие со гнев и омраза гледале на апостолската проповед, па насекаде ги гонеле и убивале Христовите следбеници. И како што знаеме, сите Апостоли завршиле со мачеништво. По нив и нивните ученици, па учениците на нивните ученици… Последователите Христови постојано биле изложувани на притесненија, измачувања, убивања.

Меѓу нив се вбројува и денешниот наш славеник, Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, кој по занимање бил трибун во римската војска. Кога требало да посведочи за Христа, тој не се двоумел, ниту за миг помислил да се поштеди себеси, својата младост, име, положба и чест, туку бестрашно Го исповедал Христа пред царот и целиот негов двор. Претходно, пак, како добар Христијанин, самиот ја увидел краткотрајноста и суетноста на овој живот и решил да Му го посвети на Христа, како би можел во Него да го стекне оној бескрајниот и да ја вкуси небесната радост. Затоа бескомпромисно и докрај Му останал верен на својот Бог и пострадал за Него. И со својот богоугоден живот и со своето страдање заради Христа, тој ни оставил бесценет пример за следење. Оти нашата вера, возљубени мои, е заснована имено на тоа: маченичкиот подвиг и крвта на Мачениците. На нивното сведоштво и пример, но не со зборови, туку преку дела и со живот.

Е сега, да се запрашаме колку ние Го живееме Христа. Колку се трудиме да бидеме боголики, да се обожиме? Колку знаеме и чувствуваме дека нашата онтолошка татковина е Христос – Местото на живите? Доколку сакаме искрено да одговориме пред себеси, ние, Христијаните, мора да си признаеме дека често забораваме на тоа дека Христос треба да ни биде над сè и дека треба постојано да се бориме со злото кое лесно нè обзема. Злото е насекаде, околу нас и во нас, додека, пак, нашата борба е слаба. Но доколку искрено и трудољубиво се усмериме кон вечниот, висински живот, за наши моќни спомагатели ќе ги имаме, пред сè, Пресветата Мајка Богородица, Светите Христови Апостоли и сите Маченици, на чело со денешниот славеник Свети Георгиј. Сите тие ќе бидат спремни во секое време да ни помогнат, доколку во нашите срца препознаат желба за доброто, доколку видат дека сакаме да ги исполниме своите срца со љубов. На тој начин ние постепено и секојдневно ќе се преобразуваме во Христа, а преобразувајќи се себеси, ќе го преобразуваме и светот. Оти – мислам дека сите ќе се согласите со мене – светот во којшто живееме стрмоглаво се враќа назад кон темните пагански времиња. Иако навидум се чини како да се развива и оди напред, сепак, очигледно е дека на духовен план нашето општество сè повеќе деградира кон состојбата во која се наоѓало во времето пред Христа, во времето на незнабожието и на мрачните обичаи. Денес повеќе не можеме да зборуваме за морал, за христијански вредности, а токму на нив била втемелена нашата досегашна цивилизација, со која човештвото можеше да се гордее.

Доколку погледнеме наназад низ историјата, ќе видиме дека само во Христа човештвото направи така величествени, славни и свети дела. Погледнете ги Христовите Маченици, Светиите, просветителите, коишто така блескаво го просветлиле светот. Колку само народи што живееле во темнина биле просветлени преку Светото Евангелие! Дури и надворешно, во физичка смисла, Христијанството го имаше обединето светот, извесен период завладеа мирот. Но, кога човечкиот род потполно ќе се оддалечи од Христа, тој запаѓа во крајна духовна и умствена темнина. Модерниот човек е во голема мера отуѓен од Христа, па следствено, во светот владее еден ужасен неопагански мрак. Гледаме дека првото нешто што пострада во процесот на дехристијанизација на западните земји е најсветото катче – семејството. А бракот и семејството се придобивка исклучиво на Христијанството. Бракот, дефиниран како света тајна на љубовта меѓу еден маж и една жена, му е својствен само на Христијанството. Претходно такво нешто немало дури ни кај најцивилизираните народи. Биле претежно присутни заедниците на  еден маж со многу жени, како и секакви други неприродни врски, коишто денес, за жал, повторно се пропагираат и озаконуваат. Нашата, пак, култура и философија на живот е втемелена на Евангелието, на Христа, на човековиот стремеж за вечниот живот.

И затоа нашите предци до скоро имаа аскетски дух, подвижничка размисла. Живееја во воздржание, во свето чување на дадените завети, било да е тоа заветот на бракот или заветот на монаштвото. Денес тој начин на живот постепено се руши пред нашите очи. Луѓето лесно и без грижа на совест го напуштаат својот завет, не го ценат она светото. Како последица на таа безобѕирност, сè повеќе исчезнува свештеното катче на семејството, каде што луѓето се раѓаа и растеа во духовно и морално здрави личности. И светот станува се поболен и поболен.

Мили мои, да го помолиме Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, овој вселенски Светија, славен насекаде по светот, и на Исток и на Запад, кој има огромно слободоречие пред Христа, да се застапува пред Него за Христијаните, та тие ревносно  да зачекорат по евангелскиот пат; да ни испроси и сили одозгора за нашите мали подвизи. Од нас сега не се бара со маченичка крв да ја посведочиме верата Христова, туку со правење добри дела. Нека милиот Свети Георгиј и сите Светии ни помогнат во тоа.

Амин!