Ехо од Вечноста: Празнување на Светиот Георгиј Победоносец во Кнежино

Среде мистичниот одек на молитвите принесувани со векови, врз немите но историски многугласни остатоци од камени ѕидови, мермерни капители и столбови, во молитвената исихија на древниот Кнежински Манастир, вчеравечер и денеска радосно и благодарствено се празнуваше споменот на неговиот славен патрон – Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец. Празникот на возобновување на Храмот на Свети Георгиј во Лида Палестинска беше вистински повод за дел од нашата монашка заедница, мудро и красно предводена од нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, да се собере околу својот возљубен Светија, кој до ден денес, и по седумнаесет века од своето славно мачеништво, е жив пример за дејството на Божествената благодат во светот. Оти, со своите маченички подвизи и непоколебливата вера, тој сè уште го покажува патот кон духовното совршенство и кон причестувањето со Божествената светлина; непобитно сведочи за благодатните преобразувачки дејства на Божјите несоздадени енергии присутни во животот на Црквата.

Кнежинскиот Манастир, значи, на овој велики кнез Христов – Светиот Георгиј, изминативе два дена беше духовно средоточие во кое многу верници благодатно се среќаваа и другаруваа со Христа Бога.

Нашиот богољубив Старец, пак, имајќи предвид дека обновувањето на физичките градби како што е преславниот Храм на Свети Георгиј во Лида е и симбол на постојаната потреба од обновување на нашите души и срца за Бога, го исползува денешниот празник за радосно прославување на триумфот на верата и на постојаното присуство на Христа во животот на верните. Поттикнувајќи нè да го следиме примерот на Свети Георгиј во нашата секојдневна борба за стекнување на добродетели и на светост, Светиот Антаниски во своето инспиративно слово на денешната Света Литургија говореше за неопходноста да се издигнеме над овој свет, распнувајќи се за него и воскреснувајќи за Христа.