Воплотената Љубов во Витлеем

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Светата Литургија за празникот Рождество Христово


Денес, возљубени мои, е навистина еден велик ден, преисполнет со неискажлива благодат. Ова деноноќие не е само уште еден миг во нашето време – тоа е денот кога Бог го посети Својот свет. Рождеството Христово е најголемата и најсветлата посета што некогаш му се случила на човештвото. Создателот на сè влезе во Своето создание. Вечниот Бог стана човек, стана како еден од нас, за да го спаси она што беше загубено. Во текот на светото богослужение, низ прекрасните празнични стихири, слушнавме вдахновени зборови што силно нè поттикнуваат на задлабочено размислување. Една од тие химни особено ми остави впечаток: „Гледајќи го Исус човекот создаден според образот и подобието, кој поради престапот истлеа, ги преклони небесата и слезе, и се всели во утроба девствена, неизменето, за да го пресоздаде во неа изгниениот Адам кој вика: ’Слава на Твоето јавление, Избавителу мој и Боже!‘ Замислете, Христос, Кој е над сите и над сè, го гледа Адама – симболот на паднатиот човек, распаднат од гревот и смртта – и од љубов не можеше да остане настрана. Он слезе, стана човек, за да ја победи смртта во нас и за да ни го покаже патот кон животот и кон обожението. Токму тоа е тајната на Рождеството: Бог стана човек, за човекот да стане бог по благодат. Он го направи првиот чекор и сè останато и потребно од љубов, а ние сега сме призвани да Го следиме, исто така во љубов и смирение. Зашто, само преку смирението можеме да го победиме стариот човек во нас, паднатата природа што ја носиме од Адама, и да се воздигнеме кон обожението, кон Царството Небесно.

Погледнете само колку смирено Христос се роди! Не во царски дворци, не во удобност и раскош, туку во сиромашна, студена пештера, среде животни. Слушаше како животните рикаат, ја дишеше нивната смрдеа, се положи во валкани јасли. Тој избор не беше случаен. Тоа беше Негов начин да ни покаже дека вистинскиот пат кон спасението не е во гордоста и во удобноста, туку во смирението и во љубовта. Он, Кој е Цар на сè, се роди во најбедни услови, за да ни покаже дека и со малку можеме да живееме, и дека не е во материјалното нашата сила, туку во духот. Патот на смирението и на воздржанието е оној што го победува ѕверот во нас – ѕверот на гордоста, на себичноста, на непослушноста кон Бога. Токму тие страсти нè оддалечија од Бога, кога за првпат ја прекршивме Неговата заповед. Затоа, гледате, возљубени мои, колку е важно да се смируваме! Колку е важно да го следиме примерот на Христа, Кој доброволно слезе во нашата немоќ, за да го победи стариот човек во нас и да ни го отвори патот кон вечноста. Со Своето Рождество, Христос ни ја подари таа можност – да го обновиме нашето единство со Бога, да зачекориме по патот што води кон единство со Него.

Бог го пресоздаде човекот. Ако на почетокот, во Едемската градина, еднаш го создаде Адам од прав и му вдахна дух животен, сега повторно го создаде – но како нов човек. Христос создаде ново човештво, нова твар. Затоа и вели: Ете, сè ново создавам (Откр. 21,5). А на Крстот, при Своето последно воздивнување, извика: Се сврши (Јован 19,30). Он го соврши делото на спасението, на еден чудесен, надразумен, но толку близок начин за нас, луѓето.

Размислете, нема ништо поголемо и подлабоко од ова таинство: Словото Божјо се роди во сиромашна пештера и умре на срамниот крст. Оваа вистина ја надминува сета човечка имагинација. Човек може да измисли сè за Божеството, да замисли богови на сила, на моќ, на раскош – но никогаш не би можел да измисли Бог Кој се смирува до толку, што станува човек, Кој се раѓа како беспомошно Дете во пештера, Кој умира понижуван на крст. Мене оваа вистина длабоко ме потресува. Евангелието, со својата едноставност и возвишеност, е како светлина што проникнува во сите делови на човечката историја. Христовите приказни – параболите – изгледаат толку едноставни, а сепак во нив се содржани длабоките вистини за целиот свет, за човекот и за Божјото Царство. Каде може да се најде нешто такво? Во која друга книга? Нема. Евангелието е над сите книги, над сè што човештвото некогаш создало. Тоа е извор на инспирација не само за духовниот живот, туку и за возвишената уметност и култура. Од него црпеле вдахновение сите големи луѓе низ историјата.

Божественото Евангелие не е само инспирација – тоа е начин на живот. Ние сме повикани да живееме со Евангелието и за Евангелието. И кога ќе погледнеме преку него во Христа, гледаме дека примерот што Он ни го даде е – примерот на смирението. Ако не можеме да го достигнеме крајното смирение што Он ни го покажа, тогаш да се потрудиме барем да почнеме со малку смирение. Толку многу луѓе низ историјата живееле со крајно смирение – особено монасите, кои го избрале животот на смирение за да станат пријатели со Крајно Смирениот – со Христа. Христос е пријател на смирените, а им се противи на горделивите. Он дојде не за да го поправи човекот со сила, туку со љубов. Бог е љубов. И затоа Христос дојде, стана човек и ни зборуваше на јазик што можеме да го разбереме. Како љубовен Татко, Он не ни се обрати со строгост и со сурови одредби, туку со добрина и со снисходливост.

Претходно, на вечерната богослужбата, ме погоди една стихира која гласи вака: „Твоето Царство, Христе Боже, е Царство на сите векови, и Твоето Владичество е од поколение во поколение. Ти, Кој се воплоти преку Светиот Дух и од Приснодева Марија стана човек, ни засветли нам како светлина, Христе Боже, со Своето присуство; Светлина од Светлината, отсјај на Отецот, ја озари сета твар. Секое дихание Те фали Тебе, образот на славата на Отецот. Ти, Кој Си и Кој беше, и Кој засветли од Дева како Бог, помилуј нѐ!“ Гледате, Христос не е само бебе што се роди во Витлеем; Он е вечниот Бог, Кој ги создаде светот и вековите и Кој вечно царува. Но, заради нас, слезе и стана Дете. Замислете, Он, семоќниот Бог, се спушта на ниво на Своето создание, за да го придобие и да го доближи до Себе. Го избра тој јазик со кој можеше да му проговори на Своето создание.

Секој миг од доаѓањето на Христос на Земјата е драматичен и длабоко проникнат со љубов и смирение. Од Неговото раѓање во сиромашната и валкана пештера, до Неговата смрт на страшната Голгота – сè е исполнето со крајно смирение. Христос, нашиот Спасител, не дојде за да владее со сила, туку за да го победи злото, да ја поништи смртта и да нè издигне кон вечноста. Се роди во пештера, меѓу животни, за да покаже дека светот, и покрај својата паднатост, може да биде место за Неговото спасително присуство. Се распна на Крстот, прегрнувајќи ја смртта, за преку Својата смрт да ја победи смртта. Со Своето Воскресение, ни подари можност сите ние да совоскреснеме со Него и да се совознесеме на Небесата.

Зошто сето ова? Затоа што човекот, создаден за заедница со Бога, се отуѓи од Него. Читаме во Светото Писмо за Едемската градина – место на совршена хармонија меѓу Бога и човекот. Човекот имаше само една единствена заповед, дадена од љубов, но и таа ја прекрши. Гордоста и непослушноста го оддалечија од Создателот и внесоа зло во светот. Смртта стана казна за гревот, но и средство за прекин на злото. И до денес смртта останува неизбежна за сите нас. Но, по Воскресението Христово, таа го нема последниот збор. Смртта повеќе не е крајот, туку почеток на нов и прероден живот.

Празникот на Христовото Рождество е повик за сите нас да се вратиме на основата на нашата вера – смирението, љубовта и заедништвото во Христа. Синот Божји, преку Своето раѓање во сиромашната пештера, ни го покажа патот на спасението не со зборови, туку со Својот живот. Христос, Кој е самиот Бог, го прифати најдлабокото смирение, за да ни покаже дека само преку смирението можеме да се спасиме, да се обожиме. Сега секоја Света Литургија ни е можност за тоа соединување со Христа. Преку Неговите Тело и Крв, кои благодатно ни се принесуваат во светата Причест, добиваме попатнина за Царството Небесно. Но, за да пристапиме кон оваа голема Тајна, нашиот живот мора да биде живот на љубов и смирение, зашто Бог сè што направи, го направи од љубов кон нас. Да се биде Христијанин значи да се биде човек на љубовта, на простувањето, на широчината и состраданието.

Во Евангелието Христос нè предупредува да не судиме. Но и покрај тоа, често гледаме како ние, Христијаните, се осудуваме меѓусебно. Ова е поразителна појава. Доколку сме Христови, не смееме да го заборавиме Неговиот пример. Тој се роди во смирение, во сиромаштија, за да нè прегрне сите нас, за да нè научи дека само преку љубовта и смирението можеме да станеме Негови. Како можеме да се наречеме Христијани, кога не наликуваме на Него? Ако го заборавиме Неговото смирение, тогаш сме далеку од Него, дури и кога се наоѓаме во Црквата или пристапуваме кон Светите Тајни.

Деновиве се израдував за едно мало, но значајно сведоштво коешто сакам да го споделам со вас. Имено, добив слика од текст на еден теолог од Србија, вероучител, кој напишал нешто многу убаво и топло. Особено ме допре тоа што го напишал за моите духовни чеда. Вели дека никогаш не видел некое од моите духовни чеда да пишува лоши зборови, клевети или осуди кон некого, туку дека тие секогаш сведочат за љубов, за разбирање, за радост во Христа. И навистина, ако сме Христови, нема да судиме никого. Ќе го носиме крстот на љубовта, ќе се поклонуваме на Евангелието не само со зборови, туку и со животот. Ќе го следиме патот на Крстот, оној што ни го покажа смиреното Витлеемско Дете, Чиешто раѓање го славиме оваа ноќ, на ова свето бдение. Тоа останува за нас најубавиот пример за тоа како да се преобразиме, како да го отвориме срцето за светлината на Божјата љубов.

Нека ова долго сеноќно бдението ни биде на сите за благослов, за спасение, за мир во светот. Ви посакувам живо и молитвено учество во Светата Литургија. Да се соединиме сите со Христа преку оваа евхаристиска жртва и едни со други во љубовта што Он ни ја остави во заповед.

За многу години! Христос се роди!