Воскресението не е само празник, туку и начин на живот

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Источен Петок, по читањето на Светото Евангелие на Светата Евхаристија, во Манастирот Пречиста Кичевска, на 12/25 април 2024 лето Господово


Христос воскресе!

Возљубени мои во Воскреснатиот Господ,

Го славиме денес она што стои во срцевината на православната вера – светото и славно Воскресение на Спасителот наш Господ Исус Христос. Тоа не е само историски настан, туку космичка преобразба, нов почеток, обновување на севкупното создание. Зашто, Христовото Воскресение е вистинска пресвртница во историјата на човештвото и на светот, соборување и повторно обединување на сè под главата Христос.

Целата оваа седмица во литургиското предание на Црквата се именува како Светла седмица. Но постои и еден уште поточен и потеолошки назив, иако помалку познат, сепак длабоко суштински: Седмица на обновувањето – неделата на новото создавање, на новиот човек во Христа. Имено, она што првосоздадените го изгубија во Едем, Господ Христос го обнови преку Својата доброволна смрт и преку Своето животодавно Воскресение. Во оваа седмица, како што учи древното Предание, сите денови се како еден ден – како невечерниот Осми ден на новата твар, ден на новото битие, ден на Царството Христово. Затоа и литургиски секој ден се празнува како Пасха, и секој ден на верните им се предлага светата Причест, зашто веќе влегуваме во просторот на новото време, времето на Царството Божјо „дојдено во сила“ (сп. Марко 9,1).

Постот заврши, мили мои, но не и подвигот, не и стремежот. Христос воскресна, но нашиот одговор допрва започнува. Сега не постиме, но повикани сме на повисока духовна будност. Празнуваме, но не со обична радост, туку со евхаристиска благодарност. Не смееме да го сведеме Воскресението на емоционален настан, туку треба да го живееме како траен и личен влез во животот на Воскреснатиот. Вие кои доаѓате на богослужби во оваа Светла недела, постојано го слушате победниот тропар на Воскресението, таа симфонија на животот што се слуша уште од првите векови:

„Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите живот им подари!“

Овие зборови не се само песна. Тие се догма. Тие се клучот за сета христијанска онтологија. Христос ја уништи смртта не како феномен, туку како одделеност од Бога. Тој повторно го воведе човекот во заедницата со Отецот преку Себеси, станувајќи првороден меѓу многуте браќа Свои (сп. Рим. 8,29). Тоа што во тропарот на Воскресението се пее: „и на тие во гробовите живот им подари“ – претставува не само поетска слика, туку вистински онтолошки израз на победата на Христа над смртта. И навистина, набљудувајќи го светот денес, ние сеуште се соочуваме со реалноста на смртта, со фактот дека луѓето и понатаму умираат, дека и грешни и праведни, и обични и свети, се упатуваат кон гробот. Но тоа не ја поништува вистината на Воскресението. Напротив, во светлината на  Светата Пасха, гробот не е веќе крај. Да, телата привремено почиваат во земјата, но смртта е веќе немоќна да ја задржи душата во ропство. Со Христовото Востание од мртвите, смртта е поразена одвнатре. Смртта повеќе не е царство, не е тиранија, туку премин. Гробовите се привремени, и како што сведочи светиот евангелист Матеј, во самиот миг на Христовото Воскресение гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па кога излегоа од гробовите, по воскреснувањето Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина (Матеј 27,52-53).  Тоа е првиот историски знак на идното воскресение, залог дека секој гроб еден ден ќе биде испразнет од гласот на Синот Божји.

Денес, во светлината на нашата најсвета вера, знаеме дека душите на сите праведници, од Адама па сè до последниот човек, живеат во Царството Божјо. Христос, со Својата душа која беше разделена од телото, но неразделно соединета со Божеството, слезе во Адот – не како пленик, туку како Победник, како нов, живоносен Адам. И таму, во мракот на смртта, го изговори Своето божествено „стани!“ – и Адам Го чу, и Ева, и сите кои во вера Го очекуваа Месијата. Ова е основната вера и искуство на Црквата. Ние не ги славиме светителите како сенки или спомени од минатото, туку како живи членови на Телото Христово. Црквата е една – и земна и небесна. И светителите, бидејќи се живи во Бога, со сила и благодат се застапуваат за нас. Не можат да помагаат и да чудотворат луѓе кои се заспани во сон смртен, кои се умртвени; само живиот може да се моли, само оној кој е во Христа, макар и телесно умрен, може да чудотвори, може да се застапува за нас. Во Христа, пак, сите сме повикани да станеме „сограѓани на светиите и домашни на Бога“ (Ефес. 2,19).

Со Воскресението на Христа и со Неговото слегување во Адот, веќе е востановено Царството Божјо, а душите на сите праведници живеат во светлината на Неговото присуство. Ова е нашата вера што ја исповедаме на секоја Божествена Литургија и во нашите дневни молитви, кога на Символот на верата велиме: „Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век. Амин.“ Ова очекување не е некаква далечна надеж, туку жива вистина втемелена во Христовото Воскресение. Воскресението на мртвите сосема ќе се исполни при Второто Христово доаѓање, кога душите на починатите ќе се соединат повторно со своите воскреснати и преобразени тела. Но, и денес, додека гробовите сè уште постојат, и телесното распаѓање изгледа како доминантна реалност, ние веќе живееме во светлината на победата. Смртта, како што рековме, е победена однатре, и гробот е претворен во премин кон животот незалезен.

Во исто време, кога ја воспеваме пасхалната радост дека Христос и „на тие во гробовите живот им подари“, треба да разбереме дека ова се однесува и на оние што духовно се умртвени. Овие зборови можат да се толкуваат и преносно. Оти, гревот го умртвува човекот уште овде, уште сега. Човек кој живее во своите страсти, кој целосно се оддава на телесните сласти, кој се предава на лажните задоволства на светот, може да се рече дека е веќе духовно мртов. Тој не гледа ни на Бога, ни на ближниот, ни на околината. Егоизмот го затвора во самиот него и станува причина за неговото сопствено пропаѓање и за страдањето на другите околу него.

Но, Воскресителот и денес повикува: „Стани, излези!“ – повик за живот, за покајание, за воскресение уште во оваа земна историја. Оние кои одговараат на овој Божествен и љубезен глас, оние кои се борат против гревот и страстите и злото во себе, тие веќе живеат нов живот во Христа. Тие стануваат сведоци на Воскресението и живи икони на вечниот живот. Оној кој е со Христа, и во гроб е жив. Оној, пак, што е без Христа, и во животот е мртов. Христовата победа не е одложена надеж, туку веќе востановена реалност во Телото Негово, кое е Црквата. Така, смртта што ја гледаме во светот, во стареењето и опаѓањето на нашите тела, во разделбата со нашите ближни – не е крајната вистина. Таа е само привременост што чека да биде проголтана од победата на Животот. И токму оваа вера нè охрабрува да живееме не за себе, туку за Оној Кој за нас умре и воскресна, за да станеме нова твар, чеда на Воскресението, деца на светлината незаодна.

И бидејќи оваа Светла седмица, која е како еден непрекинат ден на Воскресението, привршува, денес Црквата во своето литургиско торжество ја слави и Пресветата Богородица, во чест на нејзиниот живоприемен Источник во Балаклија, Цариград. Со овој празник уште еднаш се потсетуваме дека нашиот Избавител, нашиот Воскресител се јави на светот токму преку Неа, Пречистата Дева Марија. Уште еднаш се потсетуваме дека преку слободната волја на Богоблагословената, преку нејзиното „да“, Синот и Словото Божјо влезе во историјата, станувајќи човек заради нас и нашето спасение. И како што сите молитви и славословија во Црквата завршуваат со воспев на Богородица, така и оваа најсветла седмица се заокружува со благодарствено славење на Неа, Која е мостот помеѓу земјата и небото. Но, духовното славење не запира тука. Пасхалната радост продолжува: целиот период од педесет дена до светата Педесетница е исполнет со светлината на Воскресението. И повторно, секоја недела во текот на годината е една мала Пасха, едно славење на Воскресението. Затоа, во нашите народни песни се пее дека во нашата најубава вера „секоја недела е Велигден “. И целиот богослужбен циклус на Црквата е проникнат и востановен околу Празникот на Воскресението Христово. Секоја недела е литургиска победа над мракот и очајот на овој свет.

Затоа, возљубени мои, да Го прегрнеме Воскреснатиот Христос. Оти Он прв нè прегрна, не само од крстот туку и од длабочината на Адот, ги подигна сите што беа во мракот на смртта. Он нè возљуби до крај и заради тоа слезе до најдолните места за да нè врати во животот. Да не останеме, пак, затворени во својата себичност, студенило и заборав. Да се потрудиме да бидеме деца на Воскресението, деца на Светлината, деца кои знаат дека се создадени за нетление и обожение. Бидејќи, според словото на Светите Отци, предназначението на човекот е да стане бог по благодат. Воскреснатиот Христос нека нè води, да се бориме против злото најнапред во нас самите себе, а потоа и во светот. За да можеме, во светлоста на Воскресението, да бидеме вистински живи, да бидеме сведоци на вечната победа на Животот. Да бидеме, суштински и целосно, народ на Живиот Бог! Амин.

Христос Воскресна!