Врховната цел во нашиот живот

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на празникот Преображение Господово, на Светата Литургија во Манастирот Пречиста Кичевска, на 6/19 август 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Да Му благодариме на Бога, мили мои, што, еве, и оваа година, во овој свет и сечесен Манастир на Пречистата Богомајка, Он нè удостои да го прославиме светлиот и голем празник на Преображението Господово. Денешниов празник многу јасно ни покажува што ќе се случи со оние кои при повторното Христово доаѓање ќе бидат препознаени од Него според добрите дела и ќе го чујат гласот Божествен: Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот (Матеј 25,34). Тогаш и нивните тела ќе станат преобразени во светлината на Создателот и ќе засветлат посилно од Сонцето, подобно на Христа, Кој денес блесна со сјајот на Својата слава пред Неговите троица ученици Петар, Јаков и Јован, а во присуство и на двајцата големи пророци од Стариот Завет, Светите Мојсеј и Илија – едниот, основач на Законот, другиот негов ревносен чувар и исполнител. Всушност, тогашното присуство на овие старозаветни пророци им потврдило на Апостолите дека Исус Христос е Месијата, Спасителот на светот и дека Он е Оној Кој требало да го преобрази и спаси од Бога со љубов создадениот човек – што Он и го направил, со многу труд и жртва. Најнапред го подготвувувал и  возвишувал човештвото, преку Своите избрани пророци, а потоа и Самиот Он станал човек и преку жртвата на Крстот ја победил тиранијата на ѓаволот и смртта. Со тоа на сите нам ни даде можност за спасение.

Необичниот Таворски настан се случил непосредно пред страдањата Господови на Голгота, оти со него Христос требало да ги утврди Своите тројца ученици, а преку нив и сите останати, дека навистина Он е Синот Божји и дека до вистинското просветлување се доаѓа само со голем труд и страдание. Оти, во тоа време на Апостолите им било многу тешко да сфатат како е можно нивниот Учител, Кој творел толку многу големи чудеса, да биде понижен до таа мера, што дури и да заврши на крст. Во овој контекст, мошне интересно е толкувањето на Светиот Теофилакт Охридски за зборовите на Апостолот Петар, што тој, поради силното божествено доживување, очигледно ги изговорил додека бил надвор од себеси: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш ќе направам тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија (Матеј 17,4). Овие зборови, вели блажениот Теофилакт, Петар ги изговорил, меѓу другото, охрабрен од присуството на големите пророци и воден од својата преголема љубов кон Христа, не сакајќи никако Он да пострада. Оти, како што Самиот Христос кажал претходно, Нему во Ерусалим Му претстоело страдање и смрт. И затоа во тој момент Петар не сакал воопшто нивниот Учител да замине оттаму. Па дури и да се случело Неговите непријатели да дојдат таму да Го бараат, тука биле Мојсеј и Илија, како моќни спомагатели; имено, Апостолот знаел дека претходно Мојсеј ги имал победно силните Египќани, а Илија бил познат по тоа дека спуштил оган од небото. Па така, лесно ќе им било да се справат и со непријателите на Христа.

Вака размислувал Апостолот Петар по човечки, затоа што нам, на луѓето, тешко ни е да сфатиме и да прифатиме дека без крст не е можно преображението и духовното воздигнување. И самото искачување на високата Таворска гора подразбирало труд и напор, пред да се дојде до вистинското преобразување. Не е можно човек да достигне духовно просветление, доколку претходно не се издигне над сè што е земско. Во Светото Писмо гледаме многу примери за тоа; имено, кога Бог сакал да зборува со пророците, Он ги повикувал на високи гори, за на тој начин симболично да покаже дека е неопходно морално издигнување и очистување. Така, пророкот Мојсеј бил повикан да се искачи на Гората Синај, којашто била тешко пристапна. Слично постапил Бог и со пророкот Илија, кого, исто така, го повикал на светата гора Хорив, до каде што тој патувал четириесет дена и четириесет ноќи. Еве, пак, на овој празник, гледаме дека и Самиот Господ се искачил на висока гора, за така лично да ни остави пример дека треба и ние духовно да се искачуваме, бидејќи без свој сопствен подвиг и крст, без некаква саможртва, не е можно да се постигне преображение и воскресение. А сите ние, мили мои, сме сотворени токму заради тоа: да се соединиме со нашиот Создател и Спасител. На светата тајна Крштение, кога човек се крштава во името на Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, и се помазува со Божествената благодат на Светиот Дух, тој ја прима во себе несоздадената Таворска светлина, којашто е предвкус на Царството Небесно. Тоа го почувствувале Апостолите на Преображението. Тие го предвкусиле Царството Небесно дојдено во сила и затоа посакале да останат таму вечно. Од што му било толку убаво, Петар надвор од себе, започнал дури и да блада. Неговата душа го живеела идното блаженство. И затоа, чувме денес од неговото послание, дека тој постојано ги потсетувал Христијаните за она што се случило на Гората Тавор: Ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени приказни, туку самите бевме очевидци на Неговото величие (2. Петр. 1,16). И уште додава: Поради тоа секогаш ќе се трудам да ви ги напоменувам овие работи. Оти, целта на нашиот живот е токму тоа: преображение и обожение.

Мили мои, да не дозволиме заради нешто ништожно да ја промашиме вистинската цел, бидејќи има многу нешта во нашиот живот, кои може да ни се прикажуваат како главна цел и како нешто големо. Но она што е суштинско за нас, што е цел над сите цели е единствено нашето спасение, нашето вечно соединување со Христа и подготовката за нашето заминување во Местото на живите, Кое е Самиот Христос. Затоа Црквата нè повикува на пост, воздржание и молитва, подготвувајќи нè за таа врховна и единствена цел. Доколку таа наша цел ја ставиме над сè во животот, тогаш и сите други нешта ќе си дојдат на своето место. Да ги молиме Светите Апостоли, тие силни застапници за сите нас, кои со своите очи го виделе и Преображението и Воскресението Христово и кои со своите животи и сопствената крв ја потврдиле вистината, да бидат со нас, да нè патеводат, та да не се изгубиме во многубројните минорни цели што сами си ги поставуваме, и така да не ја занемариме единствената, најголема и вистинска цел во нашиот живот, спасението и обожението.

Амин!