Заблудата на паднатиот човек за светот

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во Неделата на блудниот син, во манастирската трпезарија во Рајчица, на 28 февруари 2021 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Чесни отци,

Преподобни сестри монахињи,

Возљубени браќа и сестри верници,

Да Му благодариме на Господа што нè удостои и оваа година да ја чуеме прекрасната парабола за блудниот син, искажана од Божествената уста на нашиот Спасител Исус Христос. Бидејќи од Светиот и Велик Пост нè делат уште две седмици, Црквата Божја ни ја предлага оваа парабола, со цел да предизвика во нас искра за духовно будење.

Тројца се главните протагонисти во оваа евангелска приказна: таткото и двајцата синови, едниот постар, другиот помлад. Во неа, исто така, на еден симболичен начин се претставени два света. Едниот е светот на хармонијата, татковиот дом, полн со духовно изобилие и со секакво богатство што му е потребно на човека за храна, наслада и спокој; другиот, пак, свет е земјата туѓа и далечна, во којашто настапил страшен глад, откако помладиот син заминал и го потрошил сиот свој имот живеејќи блудно. Тука се наметнува прашањето: како е возможно да постои воопшто таква туѓа земја, далечна, гладна и мрачна, кога Бог е насекаде и сè исполнува? Бог не е можно некаде да Го нема, Он е присутен дури и во најтајните и најмрачните места. А ете, парадокс – одненадеж се појавува земја далечна: По неколку дена, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно. И откако потроши сè, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака (Лука 15,13-14). Во одговорот на овој парадокс се крие причината за трошењето на наследеното богатство: живеејќи блудно.

Блудното живеење претставува нарушување на етичките закони востановени од Бога, кое предизвикува целосна дисторзија на психосоматската структура на човекот. Именското определение ‘блуд’ доаѓа од зборот заблуда, што значи духовна измама. Затоа под блудници се подразбираат луѓе коишто, заблудени од своите погрешни или нечии туѓи помисли, живеат во духовна нестварност, во измама, оддадени на задоволување на своите страсти и пороци, во ропска зависност; луѓе коишто прават свои фантазерски проекции и самите си создаваат некаква си „реалност“ без Бога, надвор од Бога. Меѓутоа, реалност вон Бога во суштина не постои. Така, под далечна земја не треба да подразбереме некаков територијален простор, ами духовна состојба. Далечна земја значи, всушност, богооставеност, но не оставеност на човека од Бог, туку на Бога од човекот, кој по изборот на својата сопствена волја Го напуштил својот Создател. А штом човек престане да Го почитува и да Го љуби Бога, неминовно се свртува кон болно и себељубие и себеобожение. Таквиот го храни својот егоизам до крајни граници. Во психологијата таа појава се нарекува хипертрофија на егото. Сите сме искусиле дека со таков човек никогаш не можеш да се разбереш, да излезеш накрај; тој мисли дека знае сè, дека може сè итн.


Параболата за блудниот син

Доколку внимателно го погледнеме светот во којшто живееме, ќе забележиме дека луѓето во најголема мера Го оставиле Бога и живеат во имагинарните проекции на своите фантазии, и бивајќи до крајност зависни од своите страстите, се сметаат себеси за слободни. Се разбира, опиени од сопствената заблуда, никогаш не успеваат да ги задоволат своите замисли. Историјата сведочи дека кога и да замислил човекот да направи поубав свет без Бога, воопшто не успевал во тоа. Сетете се на Вавилонската кула од епохата на Стариот Завет, но и на сите општества и општествени уредувања што се обиделе да создадат идеална благосостојба без Бога: капитализмот, социјализмот, а и денешниот модерен социјал-капитализам. Ниедно од нив не даде решение за егзистенцијалните прашања на човекот. Напротив, само дополнително го осиромаши човекот од неговата човечност.

Човекот без Бога се наоѓа во еден нестварен простор на своите заблудени проекции. А таму, во таа далечна земја, настапува голем глад. Во Светото Писмо, во книгата Второзаконие, запишани се многу Божји благослови за човекот што ги пази Неговите заповеди. Но, доколку не се држи до нив, Бог му укажал на Мојсеј за страшните последици што произлегуваат од тоа нарушување. Една од тие последици вели: Ако, пак, не го слушаш гласот на Господ, твојот Бог, и не ги пазиш и не ги исполнуваш сите Негови заповеди и наредби… небото над главата твоја ќе стане бакар, а земјата под тебе – железо (5. Мојс. 28:15,23).


Значи, мили мои, кога човекот отпаѓа од Бога, тогаш сè се бунтува, сè околу нас се менува, подивува. Аналогно на духовната состојба на човекот, кој станува зол, себичен, свртен само кон самиот себе, кон своите лични, ниски страсти, се возмутува и природното опкружување. Во светот се случуваат страшни неправди, за кои Бог од небесата, како Татко премилостив, чијашто љубов го надминува нашиот поим за љубовта и е над секоја љубов, плаче за Своите деца и Неговите солзи ја потресуваат, ја возмутуваат земјата. Денес се случува еден сеопшт бунт на природните стихии. Научниците сè погласно зборуваат за еколошка катаклизма во природата. А кој го предизвика сето тоа? Човекот, кој го претвори овој свет во туѓа земја. Убавиот, од Бога создаден свет, човекот го претвори во туѓ, во далечен, во долина на плачот, туѓ и непрепознатлив дури и за Бога. Затоа параболата вели дека помладиот син отиде кај еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своите полја да пасе свињи (Лука 15,15). Тој човек е, всушност, непријателот на Бога и непријателот на човечкиот род – ѓаволот. И каква ли работа му даде: да биде пасач на свињи, т.е. на своите страсти. Колку ужасно! Од наследник на неискажливо богатство, од господар и син со Божјо достоинство, човекот станува пасач на свињи…Свињите се симболична претстава на многубројните страсти што човекот постојано ги храни во себе, но никако не може да ги задоволи. Затоа и се вели: И страден беше да го наполни својот стомак макар и со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше (Лука 15,16). Зависен е и роб на нешто најдолно што нема да може да го задоволи, затоа што човекот без Бога никогаш не може да биде среќен и задоволен.

Злото низ историјата постојано осцилирало, но во последните два века како постојано да се намножува. Една состојба заменува друга, последователно сè полоша и полоша. Денес, можеби, живееме во едно најбогоотстапничко општество досега. Светот денес, од кога и да било друг пат во историјата по Христа, го претворивме во туѓа и далечна земја. Луѓето се оддалечија од Бога, а со тоа и едни од други. Милоста, состраданието и човечноста се навистина реткост. Знаете, во времето пред Христа, најзвучниот претставник на киничката философска школа, мудрољубецот Диоген, шетал низ Атина со запален фенер среде бел ден. И кога ќе го запрашале: што правиш со запалено светло дење? – тој им одговарал ἄνθρωπον ζητῶ, т.е. човек барам. Мислам дека денес состојбата во која живееме е слична на таа од Диогеновото време, затоа што Го оставивме вистинскиот и совршен Човек, Христос Бог, Кој е Светлината на светот и стасавме до обесчовечување. Ја доведовме нашата цивилизација до неопаганизам.


Философот Диоген со фенер среде бел ден бара човек, дело на Claude Vignon (1593-1670)

Некогаш, во Стариот Завет, пророкот Исаија, претскажувајќи за Христовиот изгрев во светот, за земјите и народите што се наоѓале во мракот на незнабожието, вели: Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка, ќе болсне светлина (Иса. 9,2). Пророкувал, всушност, за целиот хеленско-римски свет, за народите на денешна Европа и за сите пагани воопшто. Христос е Тој Кој му даде смисла на човечкиот живот, Кој со Својата Божествена светлина ја осветли цела Европа, сиот свет. Но, денес, за жал, можеме да констатираме дека нашиот континент Европа се претворил во далечна и туѓа земја, затоа што Го остави Бога. А со самото богоотпадништво до темел е поткопано и најсветото нешто на земјата – семејството. Се запрепастив кога пред некое време прочитав податок дека повеќе од 40 отсто новороденчиња во западна Европа се вонбрачни. Затоа, да се молиме, мили мои, да испрати Господ просветление и просветлени водачи, бидејќи доколку го снема семејството како цивилизациска придобивка на Христијанството, тогаш ќе ги снема и човечките вредности. Како во Стариот Век, кога семејството просто и да не постоело во вистинска смисла, па дури и кај вистиноверните Израилци каде еден маж имал повеќе жени. За полигамијата и (не)правата на жената и децата во паганските општества да не ни зборуваме.

Цивилизациските придобивки, значи, што се засновани на човечноста и на човечките вредности, се производ на нашата заедница со вистинскиот Бог, производ на вистинската богооткриена вера. Кога ние сме при нашиот небесен Татко, Кој ни го дава најголемото богатство – Неговиот образ и подобие, за кое се зборуваше денес во параболата, тогаш ние сме вистински, автентични луѓе, човек во полна смисла на зборот. Постои една интересна теорија за етимолошкото значење на зборот човек, кој доаѓа од старословенската кованица ‘чьловѣкъ’, создадена од богомудрите Браќа Свети Кирил и Методиј: човек кој со челото, т.е. со главата е свртен кон идниот век, кон Божјото Царство. Во таа смисла, човекот е вистински човек само тогаш кога знае дека по Божјата благодат е вечен и дека неговиот живот не е само овде на земјата, и дека треба да се уподобува на Христа, бидејќи го носи Неговиот образ, Негова икона е.

Да се молиме, мили мои, за светот, за луѓето околу нас, та што повеќе од нив да се пробудат во текот на претстојниот пост. Вие знаете дека христијанскиот пост, придружен со молитва и со добри дела, има огромна сила. Зависните и робовите на страстите ги прави слободни, а слободните – совршени. Колку повеќе луѓе се покајат во овој пост, толку повеќе состојбата во која живееме ќе се поправи. Светот околу нас нема да биде туѓа, далечна земја, во која има само духовен глад. Да го направиме овој непрепознатлив свет, за кого Бога тагува, препознатлив со нашето покајание, молитви и добродетели. Да извикаме во срцата свои: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници (Лука 15,18-19) – и Он ќе нè направи слободни синови Негови.

Да сте благословени!