Се молам, значи живеам – III дел

Сепак, да не се вознемируваме ако не ги доживуваме тие нешта. Треба само да знаеме дека тоа е атмосферата во која сме призвани да влеземе, тоа е предизвикот пред кој е исправен секој од нас во својот живот. Ниту најблескавите светски успеси, ниту многуте посети на психијатри, ниту патувањата, ниту богатствата, возљубените браќа, ниту радостите од овој свет вредат колку една минута молитва. Една минута стоење пред Бога, чувствување на Неговата љубов, потпирањето врз Него е рамно на месеци одмор на Бахамските острови, или на кое и да е друго место.

Како се извршува таа молитва, какви се нејзините форми и пројави?

Првата форма е богослужењето во храмот. Тоа што го правам тука во храмот, преку нашето собирање е една молитва. Таа е соборното, односно, нашето заедничко богослужение. Псалтите не пеат за да си се восхитуваат на своите гласови, ниту ние одиме во Црква за да велиме дека имаме прекрасни хорови, ниту за да ги толкуваме eвангелските текстови, туку за да ја оставиме нашата душа слободно да излезе од својата грешна состојба и барем за кратко да го прегрне  Божјиот свет. Со други зборови, седиме во нашиот агол и оставаме душата да се одлепи од секојдневието за да ја допре вечноста, да се одлепи од земните нешта за да го почувствува небесниот вкус, да се оддалечи од проблемите, грижите, незадоволството, дури и од гревовите за да може да се вивне во светот на Царството Божјо, кое е до нас и ни се предлага на секој од нас без разлика какви проблеми имаме, колку и лоши навики да сме всадиле во себе, во својот карактер и живот.

 

И така, едната форма е богослужението. Друга форма според Отците е нашето благодарење кон Бога. Излевањето на благодарност за даровите. Он ни дал живот, ни го дал светот, ни дал материјални богатства, ни дал добра жена, добар маж, ни дал напорни деца, за да се извежбаме во трпението, ни ја дал нашата вера – во Неговиот храм сме, а можевме да бидеме во некоја џамија или синагога, или кој знае каде. Ние се родивме тука – не сме го барале ова, едноставно ни било дадено. И ако некој од нас го барал, попатно сме нашле повод да ги спознаеме и ризниците на Православието. 

И затоа, благодариме на Бога за сѐ што ни дал, од срце, можеби и без зборови. Го славиме Бога дека постои, дека целиот овој немирен свет се наоѓа под Неговиот покров и Он го држи во Своите раце нашиот живот. Тоа е Оној Кој ја открил на Црквата Својата тајна и тајната на богословието, Кој ни дава можност преку молитвата и Светите Тајни да се соединиме со Него и да се приближиме до Него. Како деца Го молиме за нашите потреби, кои Он ги знае подобро од нас. Не за да ги чуе и услиша, туку за да можеме и ние да ги кажеме и следствено да се смириме пред Него, возложувајќи му ги нашите секојдневни практични грижи – како мали деца пред својот Татко.

(Продолжува…)