† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО
ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ ПОЗДРАВ –
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос.1
Подвигот е Негов, а венците наши.2
Возљубени празникољупци,
Воскресението Христово е коренот на нашата вера! Во нашиот живот сè е насочено кон овaa сепобедна вистина. Преку тој спасоносен настан се удостоивме да учествуваме во тајната на верата, во тајната на надежта и во тајната на љубовта. Со Воскресението сè се исполни со праведност, мир и радост…3 Преку личноста на Богочовекот триумфираше животот, а смртта стана вистинска пасха, реален премин од ништожност и темнина во живот. Затоа, кој верува во Него, нема да се посрами4, туку ќе добие венец на животот5; кој се надева на Него, ќе добие голема слобода6, зашто Тој е нашата надеж7, и кој пребива во љубовта, пребива во Бога и Бог – во него8.
Навистина, нема поголема вест за човекот и светот од најрадосната вест за победата на животот над смртта. Со тој неповторлив настан, Бог ни објави дека сè ново создава9, и дека кој е во Христа, тој е ново создание.10
Со Воскресението добија смисла и небото и земјата, и човекот и светот, и времето и вечноста. Во радоста на Воскресението „ја видовме вистинската светлина, Го примивме Духот Небесен, ја најдовме верата вистинска“.11 Но да се стане учесник во таа радост, во таа тајна на благовестието12, најнапред треба да поверуваме и да се покаеме, живеејќи според Евангелието. А тоа, пред сè, значи да одиме по Христовиот пат, по патот на љубовта и простувањето, трпеливо поднесувајќи ги голготските искушенија и смирено носејќи го својот крст. Оттаму, тој пат значи и наше распнување, но и наше воскресение со Христа.
Преку силата на Христовото воскресение13се отвори пат за секој човек, а преку човекот и за сето создание кон Сеопштото воскресение, во кое не само што веруваме, туку и со надеж го очекуваме.14 Затоа, „кој ќе ја искаже, со зборови, силата Господова? Од смртни, ние станавме бесмртни! Тоа се големите дела на Крстот“15и на Воскресението – мудро поучува нашиот свети Климент.
Возљубени во Христа Воскреснатиот,
Овој Голем ден е дар Божји, дар во кој треба да препознаеме дека ништо не завршува со страдањето и со смртта, туку дека денот на Воскресението постана ден на животот! Тој настан ја откри и смислата на страдањето, но и потребата од благодарење во нашите животи, во секоја помисла и збор, и при секој чекор и дело. Само така ќе се здобиеме со удел во вечниот живот, кој ни се открива и дарува во Христа Воскреснатиот. – „Со Своето страдање, Тој нè научи како да страдаме, а со Своето прославување, ни даде можност да се прославиме со Него“16, вели св. Григориј Богослов. Воскреснатиот Господ се покажа Победник над гревот и смртта, и со Своето воскресение ни дарува живот вечен, ни ја врати изгубената заедница и го воспостави првобитниот однос меѓу Создателот и созданието. Преку Воскресението ни се откри радоста од живеењето по Духот,17 радост каква што никој друг не може да ни даде.18 Затоа, на Велигден, на овој ден, сè се радува со неискажлива и славна радост19, и со торжествен восклик извикува: Господ „го избави човештвото од утробата на Адот и го возведе на Небесата, и го приведе кон древното достоинство на нераспадливоста“.20
Возљубени во Господа,
Сега, кога веќе ни е откриен вечниот живот, да не бидеме упорни во омразата и злото, туку да бидеме постојани во покајанието и простувањето, во воздржувањето и трпението. Нашите молитви да ги внесуваме во ризницата на срцето, и од него, пак и пак, не само да го изговараме Христовото име, туку со нашите постапки да ги исполнуваме Христовите пораки, оти праведни се само оние што постапуваат по сите заповеди и повелби Господови21. Впрочем, не секој што вели Господи, Господи ќе влезе во Царството Небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Отецот Небесен22. Затоа, да не се сакаме со зборови и јазик, туку со дела и вистина23. Па, така поттикнати од верата во Христа и исполнети со Неговата љубов, која се дели и дарува секому, да покажеме дека сме Негови чеда, не само по името, туку и по делата24, како што вели нашиот свети Климент. Со венецот на славата ќе се удостоиме, само доколку ги победуваме искушенијата и нашиот живот го преобразуваме со евангелската вистина. Затоа, да се потрудиме никој да не остане надвор од светлината Христова, со која, како христијани, треба да го озаруваме светот околу нас. Да се трудиме да не бидеме повод за соблазна и да не биде хулено името Христово поради нашите дела и постапки. Да се молиме во мир, но и со мир да излегуваме во светот, зашто не би можеле вистински да се радуваме ако сè уште грешиме и ако не сме помирени со Бога. – Не може да има правда, доколку другите ги онеправдуваме, ниту мир – доколку самите не сме исполнети со мир! Нашиот живот треба да стане воскресение, и тоа по мерата на нашето покајничко преобразување во кое ќе се покажеме мртви за гревот, а живи за Бога во Христа Исуса, нашиот Господ.25
Возљубени чеда на Мајката охридска и македонска Црква,
Животот на сите вистински следбеници на Христа е исполнет со искушенија, со духовни падови и подеми – со крст, но и со воскресение. Нашиот народ и нашата Охридска и Македонска Црква се сведоци за тоа низ сета своја историја. Потврда за тоа е и настанот од пред 1000 години, од времето кога византискиот цар Василиј, по победата над нашиот македонски цар Самуил, во битката кај Беласица, одлучил Охридската патријаршија да ја сведе на ранг на Архиепископија. Така, нашата Охридска столица продолжила како автокефална со својата дејност сè до 1767 година, кога со ираде на Високата Порта ѝ било прекинато нејзиното постоење. Но, даде Бог, по воскреснувањето на македонската држава се исполнија условите да се возобнови и нашата древна Црква. На Вториот црковно-народен собор, одржан во Охрид, на почетокот од октомври 1958 година, соборјаните донесоа Одлука за возобновување на Охридската архиепископија. На тој историски Собор, епископот Доситеј е избран за прв Македонски архиепископ и Поглавар на возобновената Охридска архиепископија како Македонска православна црква.
За жал, еве и по 60 години, црковно оправданата постапка на македонскиот православен народ е дочекана со неодобрување, преку селективното и пристрасно разбирање на каноните, кои се толкуваат и применуваат по нечија дневна потреба. Но ние не губиме надеж и веруваме дека со помош на Семилостивиот ќе ни се врати местото во сеправославното семејство. Затоа, трпеливо молиме, бараме и чукаме26 на портите од срцата и совеста на нашите православни браќа. А што бараме? – Бараме да нè препознаат дека сме тоа што сме биле – чеда на своја вековна Црква, во која исповедаме и живееме „според верата на апостолите и на отците, верата православна – верата што ја утврди вселената“.27 Не бараме ништо повеќе од тоа што го имал, од тоа што го заслужува, и што му припаѓа на нашиот православен народ. Зашто, со нашата полна црковна самостојност, ќе се збогати и ќе се умножи Црквата Христова. Со тоа и православните браќа и Помесните цркви ќе ја избегнат можноста да паднат во негативните расположби и постапки на своето историско минато.
Со Божја помош, по молитвите на свети Климент Охридски – нашиот патрон, да продолжиме по патот на Господа, да ја чуваме чистотата на верата, единството во Црквата и меѓу нашиот народ, да ги чуваме и браниме духовните и националните вредности и посебности, знаејќи дека сегашново време не е ништо спрема славата што треба да ни се открие28 и дека ништо не може да нè оддели од љубовта кон Бога29 и од она што е наше – македонско.
Верата во Воскресението е извор на трпение, љубов и надеж. Затоа, и на овој и на секој Велигден, радосно сведочејќи ја спасоносната вистина на Воскресението, да објавиме и меѓусебно да се поздравиме со мироносните зборови:
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!
† СТЕФАН
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската православна црква
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и
администратор Австралиско – новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски
и администратор Австралиско – сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
Велигден, 2018.
2 Св. Климент Охридски, Слово за Пасха, Собрани дела, Скопје 2012, 300.
3 Рим 14, 17.
4 1 Птр 2, 6.
5 Јк 1, 12.
6 2 Кор 3, 12.
7 1 Тим 1, 1.
8 1 Јн 4, 16.
9 Откр 21, 5.
10 2 Кор 5, 17.
11 Литургиска химна.
12 Ефес 6, 19.
13 Фил 3, 10.
14 сп. Рим 8, 19-20.
15 Св. Климент Охридски, Истото.
16 Св. Григориј Богослов, Пасха, Духовни бисери од светите отци, Скопје 2001, 233.
17 сп. Рим 8, 4.
18 сп. Јн 16, 22.
19 1 Птр 1, 8.
20 Синаксар, во светата и велика недела на Пасха, Цветен Триод, Скопје 2009, 13.
21 сп. Лк 1, 6.
22 Мт 7, 21.
23 1 Јн 3, 18.
24 сп. Св. Климент Охридски, Поука за спасение на душата, Исто 382.
25 Рим 6, 11.
26 сп. Мт 7, 7.
27 сп. Синодикон на VII вселенски собор.
28 Рим 8, 18.
29 Рим 8, 39.