Патријаршиско послание за Света Пасха 2018

 

†Вартоломеј
По милоста Божја Архиепископ на
Константинопол – Новиот Рим
и Вселенски патријарх
до сета полнота на Црквата, благодат, мир и милост
од славно воскреснатиот Христос

Возљубени браќа, сестри и чеда во Господа,

Искуството на Воскресението Христово, на сеспасителната победа на Животот над смртта, е јадрото на верата, на божественото служење, на наравот и на културата на христоимениот православен народ Божји. Животот на православните Христијани, во сите негови пројави и размери, напојуван и хранет од верата во Воскресението, претставува секојдневна Пасха. Ова пасхално доживување не е просто воспоминание на Воскресението Господово, ами преживување и на нашето сопствено возобновление и на непоклатно уверение за есхатолошкото совршување на сѐ.

Првенствено, на благодарствената Евхаристија, којашто е неразделно поврзана со овој „наречен и свет ден“ Господов, Православната Црква го празнува ова суштествено причастие во Воскресението Христово и во искуственото предвкусување на благословите на Царството Божјо. Остава силен впечаток воскресниот и радосен характер на Божествената Евхаристија, којашто секогаш се извршува во атмосфера на радост и веселие и го отсликува конченото новотворение на битијата, преисполнетата радост, полнотата на животот, идното слевање на љубовта и на знаењето.

Станува збор за искупителното созерцание на сегашноста, во светлината на Есхатонот и на моќниот поход кон Царството; за нераскинливата врска и проткаеност на сегашниот и на есхатолошкиот характер на спасението во Христа на човекот и на светот, коешто на црковниот живот му дава единствена динамичност и дејствува за верните како искра за добро сведочење во светот. Православниот верник има особена причина и силен поттик да се бори против општественото зло, бидејќи силно го живее противположението помеѓу Есхатонот и секаквите историски услови. Од православна гледна точка, човекољубивото служење, помошта на неволниот брат, според Господовото: „доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Мт. 25,40) и дејствената љубов на Добриот Самарјанин (в. Лк. 10,30-37), согласно и со Отечкото слово: „Побрзај особено да бидеш блиску до оној којшто моли и доброволно на помош притекни“ (Исидор Пилусиот), претставуваат простирање и израз на евхаристичкиот нарав на Црквата, откровение дека љубовта е искуствена квинтесенција на животот во Христа, и во сегашноста и во Царството на Есхатонот.

Во овој контекст се подразбира и фактот што литургискиот живот во Православната Црква трепери од доживувањето на „општото спасение“, на дарот на „општата слобода“ и на „општото царство“ и од очекувањето на „општото воскресение“. Преовладува „ние“, заедницата на животот, сопричастието и сопостоењето, осветувачкото поистоветување на слободата во Христа со пожртвуваната и славословна љубов. Таа е и трогателната порака на сесветлиот образ на Воскресението, на Слегувањето Христово во Адот. Господ на славата, симнувајќи се во најдолните места на земјата и скршувајќи ги вратите на Адот, се подигна, Победоносен и Сесветол, од гробот, понесувајќи го не само знамето на победата, туку заедно со Адам и Ева, подигнуваjќи, задржувајќи и поткрепувајќи го, во нивното лице, и сиот род човечки и севкупното создание.

Евангелието на Воскресението, на „заедничкото на сите торжество“, на укинувањето на државата на смртта од семоќната Љубов, одекнува денес во еден свет на сериозна општествена неправедност, на фалсификација на човековата личност, во една вселена – Голгота на бегалци и илјадници невини деца. Возвестува од длабините дека, пред Бога, животот на луѓето има безусловна ценост. Проповеда дека страданијата и теглилата, крстот и Голгота, не го имаат последниот збор. Не е можно да триумфираат распнувачите над нивните трагични жртви. Во Православната Црква, Крстот се наоѓа во средината на почитувањето, но сепак, не е крајната стварност, тој којшто ја одредува и крајната точка на ориентација во црковниот живот. Суштинската смисла на Крстот е во тоа што тој претставува пат кон Воскресението, кон полнотата на нашата вера. Врз оваа основа, ние, Православните, возгласуваме: „Зашто ете, преку Крстот дојде радост за целиот свет“. Характеристично е тоа што во Православието, Последованието на Страданијата не е депресивно, туку крстовоскресно, зашто на Страданието му се пристапува и се доживува преку Воскресението, кое пак, е „ослободување од тагата“. За православното чувство, неизменливата врска на Крстот со Воскресението е неспојлива со каков било вид на внатрешно бегство во мистицизам, или самодоволна „побожност“, коишто вообичаено се рамнодушни за страданијата и перипетиите на човекот во историјата.

Проповедта на Крстот и на Воскресението се наоѓа, во нашата епоха, исто така и соочена колку со надмената самообоженост на современиот секуларизиран, пресметлив, убеден во сесилноста на науката, егоцентричен и прилепен за земните и привремени работи човек, човек без желание за вечноста, толку и со потиснувањето на целината на воплотениот Божествен Домострој и „соблазната“ од Крстот, во името на потполната недостижност на Бога и непремостливата бездна помеѓу небото и земјата.

Во сè ова, ние Православните верници, сечесни браќа и љубезни чеда во Господа, искусители на светлоносното Воскресение, земајќи светлина од невечерната светлина, благодарни за сè, мислејќи за горните работи, имајќи ја веќе свршувачката и залогот за есхатолошкото исполнение на Божествениот Домострој, во Црквата извикуваме „Христос воскресе!“, молејќи се постраданиот, погребаниот и воскреснатиот Господ да ги просветли размислите, срцата и сиот наш живот, да ги упати нашите стапки кон секое добро дело и да го усили Својот народ кон сведоштво на Евангелието на љубовта „до краиштата на земјата“ (Дела 1,8) во слава на Неговото име „што е над секое име“.

Во Фанар, Света Пасха 2018

†Константинополскиот
огнен молитвеник кон Христа воскреснатиот
за сите вас.