† СТЕФАН,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО
СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
ДО МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА –
ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА
Христос е нашиот мир, Кој нè измири со Својот Отец, преку Своето воплотување[1].
Возљубени празникољупци,
Со раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос, Божјата светлина го огреа сиот свет. Бог Словото слезе на земјата и стана Човек, за да го обнови единството на Бога со човекот, зашто, според зборовите на свети Григориј Богослов, пред овој спасителен настан се беше отворила „голема и непремостлива провалија“[2], меѓу Создателот и првиот Адам. Но, со раѓањето на Богомладенецот се објави Божјата неизмерна добрина и Неговото човекољубие победи. Затоа и нашиот свети Климент Охридски, созерцавајќи го Рождеството Христово, воскликнува: „Радувај се, првосоздаден Адаме, бидејќи ти не беше оставен во адот! Ете, твојот Спасител и Избавител доаѓа да се роди од Дева; и Бог станува Човек, за да ја обожи човечката природа“[3].
Па, да се радуваме со непоминливата радост од таа Витлеемска ноќ, со радоста на ангелите, со радоста на пастирите, со радоста на мудреците, да се радуваме со сите коишто во изминативе дваесет столетија се радуваа на тој спасоносен и неповторлив настан!
Возљубени во Господа,
Гледајќи го чудесното и надумно раѓање на Богомладенецот, во Витлеем Јудејски, ангелите ја запеаја небесната химна на животот. Опколувајќи ги јаслите како херувимски престол, небесните сили посведочија пред целото создание дека неискажливиот и неспознатлив Бог дојде и се всели помеѓу нас. Ова е небесна глетка од која запира здивот, зашто таа ја надминува логиката на овој свет. Зарем може човекот вистински да го разбере Божјото воплотување, па колку и да се труди? Зашто Христос не дојде како гостин, само за да нè посети и незабележително да замине. Дојде за да остане со нас во сите дни до свршетокот на светот[4]. Та, тоа значи и Неговото име Емануил – со нас е Бог[5]. Но, што ја прави оваа тајна уште поголема и понеразбирлива за човекот? – Тоа што сесилниот Бог и Господ на вселената не дојде како моќен владетел за да ја наметне Својата волја и да ја покори нашата волја. Тој дојде како слуга, смирен и кроток, за уште еднаш да му ја покаже на човекот Својата неискажлива љубов, со која некогаш го создаде, и да го потсети дека и тој е повикан кон таа љубов. Дојде како Младенец, предавајќи се во прегратките на Богородица и доверувајќи му се Себеси на човекот. И се покажа дека сѐ што доаѓа од небесата и од Бога е секогаш спасоносно и вечно, зашто вечен е и самиот Бог!
Возљубени чеда на Христа Богомладенецот,
Такви се Божјата љубов и Божјата доверба кон човекот. Но, како човештвото Му возвраќа на Бога за тоа? Како луѓето го примија овој највозвишен дар Божји? Зашто, Бог со Своето воплотување еднаш засекогаш му се даде на човекот, постанувајќи во сè сличен на него освен во гревот[6]. Ако се задлабочиме во евангелските текстови, може да препознаеме неколку групи на луѓе, според тоа како во она време човештвото ја прими веста за Христовото воплотување.
Во првата група се сите коишто им се придружија на ангелите и заедно со нив покажаа дека небесата и земјата можат заедно да ликуваат. Тие се покажаа достојни за Божјата доверба и за подадената рака од Бога кон човекот. Во оваа група се и неуките пастири, но и источните мудреци. Првите, кога на чудесен начин дознаа за уште почудесното раѓање, со радост поитаа кон Богомладенецот и се удостоија да се приопштат кон небесните хорови. Со својата вера, тие се покажаа помудри од многумина учени луѓе. Но, тие не се единствените кои Го познаа воплотениот Бог Којшто се роди во Витлеемската пештера. Кон ангелскиот хор се приклучија и источните мудреци, за кои црковното предание вели дека биле најумните луѓе на своето време. Скромната средина во која се роди Христос, за нив не беше пречка во Него да Го познаат вистинскиот Бог и Спасител – Владетелот и Создателот на светот.
Но, за жал, меѓу луѓето имаше и такви кои не се радуваа за Христовото раѓање. Избезумен од оваа вест и загрижен за својата земна власт, царот Ирод побрза за да ѝ стави крај на оваа небоземна радост и ја пролеа крвта илјадници невини деца. Во Евангелието среќаваме уште една група на луѓе – оние кои, заслепени од животните грижи, не покажаа интерес за раѓањето на Богочовекот. Едни од нив одбија да го примат[7], а други побараа да си замине од нив[8]. Овие согледувања природно го отвораат прашањето: Зарем Богочовекот Христос дојде за да го подели човештвото? Зарем дојде за да создаде свои приврзаници и свои противници? Се разбира дека не! Напротив! Христос дојде за да биде со нас и да остане со нас. Да нè соедини со Себе и да нè обедини во Себе. Но, само доколку тоа е и наша волја.
Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,
Иако поминаа повеќе од две илјадалетија од овој Божествен настан, нештата во светот не се променети. Така е зашто човечките добродетели, но и човечките слабости, остануваат исти во секоја епоха, а слободата е неотповиклив дар Божји за човекот. И денес гледаме страшни поделби во светот. Изгледа како омразата да царува, а љубовта да згаснува. Се чини дека човештвото никогаш не било толку поделено и спротивставено. Братоубиствените војни леат реки од невина крв, која не е различна од онаа на витлеемските младенци. Поделби гледаме и внатре во Црквата. Православието никогаш не доживеало толкава подвоеност и внатрешно неединство. За жал, поделбите на различни основи не ја одминуваат ниту нашата македонска земја. А духовното и национално единство ни е попотребно од било кога, за да можеме како Црква и како народ да опстоиме и да зачуваме сѐ што е наше – македонско. Па се поставува прашањето: што можеме да направиме тука ние како Црква? Можеме да го направиме токму тоа за што сме повикани – да се обединиме и да се обединуваме, онака како што некогаш се обединија луѓето и ангелите пред Витлеемската пештера. Само така ќе го исполниме Христовиот повик од Гетсиманија: да бидат сите едно[9]. Вакво обединување е можно само со Христа и во Христа, Кој единствен го помири небесното со земното.
Токму во името на мирот и на добрата волја, во средината на 2022 година се збидна и прифаќањето во канонско единство и признавањето на автокефалниот статус на нашата Света Црква, со што таа повторно беше вброена помеѓу помесните Православни Цркви. Таа подадена рака во името на љубовта, даде можност да се надмине повеќегодишната поделба на православните христијани во нашата Македонска Црква, да си простиме и меѓусебно да се измириме, та, еве, сега повторно заедно да му се радуваме на овогодишниов Божик.
Па, само луѓе и народи во кои и помеѓу кои е присутен Христовиот мир, имаат добра волја, и го бранат и го чуваат мирот и со Бога, и во себе и со сите околу себе!
Амин!
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Честито и од Бога благословено Новото 2024-то лето Господово!
† СТЕФАН
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската Православна Црква
– Охридска Архиепископија
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† ЈОВАН, Митрополит Крушевско-демирхисарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско-осоговски
† ЈОАКИМ, Епископ Дељадровско-илинденски
† МАРКО, Епископ Делчевско-каменички
[1] Сп. 2 Кор. 5, 18–19.
[2] Свети Григориј Богослов, Слово 41, 12.
[3] Свети Климент Охридски, Собрани дела: Слова, житија, поуки, САС на МПЦ, Скопје 2012, 235.
[4] Сп. Мт. 28, 20.
[5] Ис 7, 14, Мт 1, 23.
[6] Сп. Евр. 4, 15.
[7] Сп. Лк 2, 7.
[8] Сп. Мт 8, 34.
[9] Јн 17, 21.