Со тријазичното издание на Прогласот од свети Кирил Солунски, во издание на Друштвото на писателите на Словачка, во соработка со Словачката народна библиотека, која истово дело го издаде и во 2013 година – на црковнословенски, на словачки и на македонски јазик, се потврдува колку било, колку е и колку ќе биде значајно местото на разбирливиот јазик во општењето на народите и во запазувањето на заедничкото наследство, како и на нивната посебност. Во таа смисла, главна мисла-водилка на светите Браќа им била онаа порака на свети апостол Павле секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ[1], но и дека в црква повеќе сакам да кажам пет збора разбрани, отколку илјада на непознат јазик.[2] А, пак, неодамна починатиот академик Страделов подвлекува дека „секој еден народ е вкоренет во својот јазик, а секој јазик во својот народ…“[3]. Затоа, само со јазик разбирлив и близок на оние што го слушаат, најдобро и најбрзо се постигнува посакуваната цел. Па, токму јазикот е она што ги прави блиски и авторот на Прогласот – свети Кирил и неговиот брат – свети Методиј, како и нивниот најнадарен ученик и продолжувач на нивното дело свети Климент Охридски. Но, при оваа прилика, заслужува да го спомнеме и човекот кому оваа година му одбележуваме 100 години од неговото раѓање – нашиот великан Блаже Конески. Еве, ни единаесетвековното растојание не ги оддалечува четворицава книгољупци и книготворци, зашто и светите Браќа, и свети Климент и Конески се длабоко вкоренети во јазикот со кој растеле, на кој говореле, пишувале, се молеле и порачувале, како со најсилно, најтрајно и најспасоносно средство. „За нас“, истакнува Конески, „јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствената наша татковина“.[4] А на нашава, македонска, држава нека ѝ е честита годишнината од осамостојувањето, и нека ни е вечна.
Двајцата Солуњани, токму преку разбирливиот јазик и писмо, успеале да ги просветлат и да ги утврдат словенските народи во христијанската вера. Затоа – „Благословен е вашиот јазик, со којшто насеавте духовни зборови за спасение на безброен народ“[5], забележал авторот во Похвалното слово за Браќата.
Оттаму е речено дека Кирило-методиевото наследство го сочинува битот на словенската култура воопшто. Токму таков дел од оставината и од заветот на светите Солунски браќа е и прекрасниот Проглас. Тоа, всушност, е дело на свети Кирил, но човек не може да говори за едниот од Браќата, без да го има на ум и другиот, зашто тие сиот свој живот „една бразда орале“[6].
Истражувачите на првото словенско богословско-поетско дело едногласно истакнуваат дека веќе во него се пројавува творечката автономија и суверената полноправност на Словените. Имено, подготвувајќи ги Словените за читање и за слушање на Писмото на својот мајчин јазик, Константин Философ со прекрасна мисла и со убавина на зборот опишува некои од најбитните христијански идеи, и притоа тоа го прави излегувајќи од воспоставените византиски поетски рамки, со што укажува дека оттогаш, па додека векот векува, Словените не само што ќе имаат свое писмо, туку и на него ќе внесуваат свој, засебен и богат културен вклад.
Имено, иако во нивното време христијанството е веќе одомаќено и на македонската почва, но богослужбата и проповедта се на туѓ, неразбирлив јазик. Словените пишувале со „рески и црти“, без вистински да ги допре светлината на просвештението, оти христијанството без писменост е налик на „пишување по вода“[7].
Затоа, прифаќајќи го повикот од царот и добивајќи го благословот од патријархот, Константин Философ се зафатил да создаде словенско писмо. Потем, заедно со брата си Методиј и со нивните вредни ученици, на тоа писмо ги превеле Светото Писмо и богослужбените книги, со што на Словените им оставиле дар „поголем и повреден од секое злато, сребро, скапоцени камења и суетно богатство“[8] ‒ дарувале дар со чија помош ја разбрале и смислата на молитвата и суштината на верата.
Но, да не заборавиме дека свети Кирил бил восфалуван и познат како философ. А вистинската философија, како што самиот тој сведочи, е „разбирање на Божјите и на човечките нешта за да може човекот да Му се приближи на Бога. Таа го учи човекот со делата да биде слика и одраз на Оној што него го создал“[9]. Тоа, всушност, е сржта на христијанската ука и наука; тоа е врвната философија; тоа е верата на која светите Браќа сеоддајно ѝ ги посветиле своите животи; тоа е верата за која сведочеле, верата за која биле подготвени сѐ да дадат и сѐ да поднесат; тоа е верата која му дава смисла на времето кое, преку второто Христово пришествие, води во вечноста; тоа е верата која ѝ го дава достоинството на слободната волја и му го внушува врвниот етички идеал – да расте во мерата на растот Христов[10].
Имајќи го, пак, предвид започнатото соперништво меѓу Рим и Цариград, светите Браќа успевале да останат надвор од веќе започнатите недоразбирања во Црквата, особено доколку се земат предвид и грубите противења и постојаните мачни прогонства што ги претрпувале од Франките и од другите придржувачи на тријазичното богослужење и проповедање. Но нивните житија недвосмислено покажуваат дека светите Браќа се опишани како „столбови, втемелени врз цврстиот камен на верата“[11], „и проповедници на вистината“[12], „кои народот го просветлија со писменост и целосно ги научија учениците на црковниот ред“[13]. Затоа, се прашува и нивниот житиеписец: „Какви пофалби да ви оддадеме вам двајцата, кои толку многу се трудевте во источните, западните и северните страни“[14], и кои „на Црквата ѝ принесовте чисто духовно учење… со кое сјаете како светлина во целиот свет?“[15]
Така, целосно потопени во животоносниот извор на христијанското учење, тие знаат дека тесноградото институционално и богослужбено еднообразие е унакажување на верата и дека токму од таквото извитоперено учење никнуваат ереси подобни на тријазичничката, ереси кои го оневозможуваат остварувањето на зовот на псалмопејачот сите народи да Го восфалуваат и прославуваат Господа[16].
Затоа, најглавната цел во нивната мисија, е да помируваат и да соединуваат, како со Бога, така и меѓу луѓето и народите, залагајќи се за соживот на христијанските традиции преку начелата на верата – сите да бидат едно и заедно. Оттаму, тие ги уважуваат и византиското и римското предание, служејќи му на сеопштото христијанско дело. Така, светиот Кирил, до монашењето Константин, својот постриг го примил во Рим, а светиот Методиј бил ракоположен за епископ од римскиот Папа и бил поставен за архијереј во Моравија и Панонија.
Дијалогот е најголемото сведоштво за духот на христијанската љубов. Тој ни помага да се сретнеме со другиот, да ги преодолееме стравот од него и сомнежот во него, да ги надминеме меѓусебните недоразбирања и заедно да се исправиме пред предизвиците на нашите дни.
Следствено, богословието, онакво какво што ни го покажаа светите Кирил и Методиј, е призвано да разработи учење за инаквоста и посебноста, знаејќи дека инаквоста не е закана за единството, туку е задолжителен услов за него. Зашто, Црква, која не води дијалог со светот и со неговите проблеми, која не беседи со „другиот“… таа престанува да служи како ек-клесија (ἐκκλησία), т.е. како собрание, бидејќи ја одрекува најважната последица на воплотувањето: возглавувањето на целото творение во Христос!
Па, Црквата не постои за себе, туку за животот на светот[17]. Затоа, водена од Светиот Дух, таа треба да го продолжи дијалогичното дело на спасението во историјата, односно треба да учествува во дијалог со она кое сѐ уште не е Црква. Оти, созданието е дијалог на Бога со тварната стварност, дијалог кој продолжува до благоста на Царството на Троичниот Бог.
Се разбира, кон единство не смее да се цели преку отстапување од догматските основи на христијанството, преку уништување на културните разнообразија или преку нивно механичко воедначување. Напротив, како што ни покажуваат Солунските свети браќа, единството кон кое треба да се стремиме е единство во многуобразието.
Единствениот, пак, пат за приопштување кон духот на единство-љубието е литурго-центричното живеење. Во Божествената Литургија се молиме „за сите и за сè“[18]. А впрочем, и во најстариот вонбиблиски црковен запис, познатиот Дидахи, е претставена врската меѓу единственоста на евхаристискиот леб и едноста на Црквата. Во Игнатиевото Писмо до Магнезијаните, пак, стои: „Трудете се сите да дојдете заедно, како во еден Божји храм, како во еден олтар, како при еден Исус Христос“[19]. Истакнувањето на зборовите единственост и еден во овие одломки е положено на библиска основа, оти уште апостолот Павле рекол: Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. Еден е Господ, една е верата, едно е крштавањето, еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сè, и преку сите, и во сите нас[20].
Ете, тоа е единството кон кое сме повикани, единството на кое поучуваа светите Кирил и Методиј, единството за кое се молеа, велејќи: „соедини ги сите во еднодушност“[21]. А патот кон тоа единство е трнлив и далеку ги надминува рамките на нашето поколение, но, како што вели една далекуисточна мудрост: патот од илјада милји започнува со еден, единствен чекор! Тој чекор во зближувањето на Црквите, па и на народите, треба да биде со надминување на заемната недоверба и насочување кон она што ни е општо, а тоа е верата во Бога, илјадалетното заедничко минато на неподелената Црква и нашето надилјадалетно Свети-кирило-методиево наследство. Тоа би требало да е доволно за едни со други да не се гледаме како туѓинци, туку за делови на едно тело, и соучесници на ветувањето Божјо во Христа Исуса преку Евангелието[22].
Следејќи ги примерите на светите Кирил и Методиј, рамноапостолните сесловенски просветители и европски покровители, и на сите нивни следбеници, да се трудиме да живееме со секаква смиреност и кротост, успевајќи, подобно ним, да ги надминуваме разделбите меѓу културите, јазиците и традициите, та долготрпеливо да се поднесуваме едни со други со љубов, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот[23]. А ваквите изданија, настани и свечености, во чест и слава на великите учители и сесловенски просветители, ја потврдуваат не само нашата почит, туку и големината и трајноста на нивното дело, порачувајќи ни дека секое нивно присвојување, како и присвојувањето на јазикот и на сѐ што тие направиле, би ја намалило нивната рамноапостолска мисија, како и нивното сеопшто човекољубие и богољубие. Амин!
[1] Фил. 2, 11.
[2] 1. Кор. 14, 19.
[3] Георги Старделов, Слова, Макавеј, Скопје 2011, 249.
[4] Блаже Конески, „Слово за јазикот“, Нова Македонија, 29. 03. 1986, 5.
[5] Свети Климент Охридски, Собрани дела: Слова, поуки, житија, САС на МПЦ-ОА, Скопје, 2012, 130.
[6] Истото, 485.
[7] Истото, 468.
[8] Иван Корсунский, Значение святых Кирилла и Мефодия, как учителей народа русского.
[9]Панонски легенди, Македонска книга, Скопје, 1969, 29.
[10] Сп. Ефес. 4, 13.
[11] Свети Климент Охридски, Собрани дела: Слова, поуки, житија… 122.
[12] Истото, 124.
[13] Истото, 127.
[14] Истото, 129.
[15] Истото, 130.
[16] Сп. Пс. 116, 1.
[17] Јн. 6, 51.
[18] Од Анафората на Златоустовата Литургија.
[19]Игнатиј Антиохиски, До Магнезијаните, VII, 1.
[20]Ефес. 4, 4-6.
[21] Свети Климент Охридски, Цитирано дело, 477.
[22]Ефес. 3, 6.
[23] Ефес. 4, 3.