† Вартоломеј
по милоста Божја Архиепископ Константинополски
на Новиот Рим и Вселенски Патријарх
до сета полнота на Црквата
благодат, милост и мир
од родениот во Витлеем Спасител Христос
***
Возљубени во Христа браќа и љубезни чеда,
По Божјата благодат повторно се удостоивме да стасаме до великиот празник на Рождеството по плот на Бога Словото, Кој дојде во светот да ни го подари „добробитието“[1], ослободувањето од гревот, од ропството на делата на законот и од смртта, а да ни го дарува животот во вистината и големата радост, која „никој не може да ни ја одземе“[2].
Го примаме „сесовршениот Бог“[3] Кого „љубовта го донесе на земјата“[4], Кој ни стана сроден „повеќе отколку самите на себеси“[5]. Словото Божјо преку истоштание (кеноза) му снисходи на заблуденото Свое создание „со снисходење неискажливо и несфатливо“[6] . Оној Кој е „несместлив во ништо“ се сместува во утробата на Дева, највеликиот пребива со најмалите. Ова велико начело на нашата вера, тоа како пресуштествениот Бог „стана човек заради човекот“[7], останува „необјаснива“ тајна. „Великата тајна на божественото Воплотување, постојано останува тајна“[8].
Оваа страна и преславна случка, „сокриена од векови и родови“[9], е основата на човековото обожување по благодат. „Во никој друг нема спасение, зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме“[10].
Ова е највисоката спасоносна вистина за човекот. Му припаѓаме на Христа. Сè е соединето во Христа. Во Христа се пресоздава нашата оветвена природа, се враќа тоа што е „по образ“ и на сите луѓе им се отвора патот кон она што е „по подобие“. Преку воспримањето на човечката природа од Божественото Слово, преку општото божествено предопределение и преку општото спасение се основа единството на човечкиот род. Но, не се спасува само човештвото, туку и целата природа. Како што падот на првосоздадените ја повлече сета твар, така и Воплотувањето на Синот и Словото Божјо го опфаќа целото создание. „Се гледа тварта слободна, а синови се на светлината претходно помрачените“[11]. Великиот Василиј нè повикува да го празнуваме Христовото Рождество како „општ празник на целата твар“, како „спасение на светот, роденден на човештвото“[12].
„Христос раждается“, се слуша, за жал, и повторно во еден свет полн со насилства, опасни соперништва, општествена нееднаквост и погазување на основните човекови права. Во 2018 година се исполнуваат седумдесет години од Меѓународната декларација на човековите права, која после страшните искуства и катастрофи од Втората светска војна ги покажа општите возвишени идеали, кои неизменливо треба да бидат почитувани од сите народи и држави. Но, неприменувањето на оваа Декларација продолжува, различните злоупотреби и намерни погрешни толкувања на човековите права ја поткопуваат нејзината чест и остварување. Продолжуваме да не се поучуваме од историјата, или да не сакаме да се поучиме. Ниту трагичните искуства на насилството и погазувањето на човечката личност, ниту објавувањата на возвишените идеали го прекратија продолжувањето на насилството и на војните, обожувањето на силата и злоставувањето на човек од човека. Ниту, се разбира, силата на техничките средства и изненадувачките достигнувања на науката, ниту економскиот напредок не ја донесоа општествената правда и многупожелуваниот мир. Напротив, во нашево време раскошот на имотните се зголемува и глобализацијата ги уништува условите за општествена целовитост и мир.
Невозможно е Црквата да ги премолчи овие закани против човековата личност. „Ништо не е свештено како човекот, со чија природа заедничари Бог“[13]. Се бориме за човекот, за заштита на слободата и на правдата, свесни дека „вистинскиот мир е од Бога“[14], дека надумната тајна на Воплотувањето на Бога Словото и обожувањето по благодат на човекот ја открива вистината за слободата и Божјото предодредување на човекот.
Ја живееме слободата во Црквата, од Христа, во Христа и преку Христа. Во јадрото на оваа слобода припаѓа и љубовта, која „не бара свое“[15], љубовта „од чисто срце“[16]. Додека самозависниот, самоуверениот и самодоволниот, самообожениот и самоублажениот човек се врти само околу себеси и околу своето единечно, самобендисано себеугодување, а го гледа сочовекот како ограничување на својата слобода, слободата во Христа е насочена кон братот, се движи кон ближниот, вистинува во љубовта. Грижата на верникот не е стекнување на права, туку „извршувањето и исполнувањето на Христовите оправданија“[17], во смирение и благодарност.
Оваа вистина на животот во Христа, на слободата како љубов и на љубовта како слобода, е темелниот камен и обезбедувањето на иднината на човештвото. Утврдени на овој божествен етос, можеме да се соочиме со големите предизвици на сегашнината, кои се закануваат не само на доброто живеење, туку и на самото преживување на човештвото.
Вистината на Богочовекот како одговор на современиот „човекобог“ и заради покажување на вечната предодреденост на човекот, ја објави и Светиот и велик собор на Православната Црква (Крит, 2016): „Православната Црква, наспроти современиот „човекобог“ го претставува Богочовекот како крајна мерка за сите: ‘Не Го нарекуваме човек обожен, туку Бог вочовечен’[18]. Спасителната вистина на Богочовекот се покажува во Неговото Тело, Црквата, како место и начин за слободен живот, како ‘вистинување во љубовта’[19] и како учество, уште на земјата, во животот на воскреснатиот Христос“[20].
Воплотувањето на Бога Словото е потврдување и уверување дека историјата, како пат кон Конечното Царство, ја управува самиот Христос. Секако, патот на Црквата кон Царството, кој не се остварува вон или независно од историската стварност и од нејзините противречности и перипетии, никогаш не бил без потешкотии. Среде нив Црквата сведочи за вистината и го извршува осветувачкото, пастирското и преобразувачкото свое дело. „Зашто вистината е и столб на Црквата и утврдување… Црквата е столб на вселената… и тајна е, велика тајна на благочестието“[21].
Браќа и чеда во Господа,
Да ги празнуваме заедно, со благоволението на вселеното меѓу нас Слово Божјо, со веселба и полна радост, празниците од светото Дванаесетдневие. Се молиме од Фанар, Господ и Спасителот наш, Кој се воплоти и му снисходеше на човечкиот род, да им ја подари на сите својата благост во новата година, душевно и телесно здравје, мир и љубов еден за друг, да ја запази добро Својата Света Црква и да го благослови нејзиното служење, за да се прославува Неговото сесвето и сепеано име.
Рождество Христово, 2017
† Константинополскиот
огнен молитвеник кон Бога за сите вас
Извор: Вселенска Патријаршија
[1] Св. Григориј Богослов, Слово 38, на Богојавление, односно Рождество на Спасителот 3, PG 36, 313.
[2] Јн. 10, 18.
[3] Славник на стиховните стихири од Великата вечерна на Рождество Христово.
[4] Св. Николај Кавасила, За животот во Христа, 6, PG 150, 657.
[5] Цит. дело, 6, PG 150, 660.
[6] Св. Јован Дамаскин, Точно изложување на православната вера, 3, 1 PG 94, 984.
[7] Св. Максим Исповедник, Поглавја различни богословски и домостроителни за добродетелта и лошотијата, прва стотка, 12, PG 90, 1184.
[8] Цит. дело.
[9] Кол. 1, 26.
[10] Дела 4, 12.
[11] Јамбска катавасија на Богојавление, песна 8.
[12] Св. Василиј Велики, Беседа на Светото Рождество Христово, PG 31, 1472-73.
[13] Св. Николај Кавасила, цит. дело, 6, PG 150, 649.
[14] Св. Јован Златоуст, За Првото послание до Коринтјаните, беседа прва, 1, PG 61, 14.
[15] 1 Кор. 13, 5.
[16] 1 Тим. 1, 5.
[17] Богородичен на стиховните од хвалитните на 12 октомври.
[18] Св. Јован Дамаскин, цит. дело, 3, 2 PG 94, 988.
[19] сп. Еф. 4, 15.
[20] Окружно послание на Светиот и велик собор на Православната Црква, §10.
[21] Св. Јован Златоуст, За Првото послание до Тимотеј, беседа 11, PG 62, 554.