Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Свети Јован Богослов го започнува Светото Евангелие со зборовите: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Бог беше Словото“ (Јн. 1,1). Всушност Божјото Слово е Божјата волја која се исполнува. Слушајќи Го Божјото Слово, човекот постојано се вклопува во Божјото создание и постанува Божји соработник и ја преобразува и обожува својата природа. Најголемата објава на Словото Божјо е токму Богочовекот Христос Спасителот. Затоа и се вели: „И Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Јн. 1, 14). Бидејќи Господ Исус Христос е Словото Божјо, секој кој Го слуша Него, Го слуша Словото Божјо. Но тоа слушање не се состои само во отворање на своите уши, туку првенствено со отворање на својата душа и срце. Во Делата апостолски се споменува една жена која била продавачка на ткаенини, по име Лидија Тијатирска. Неа Господ и го отворил срцето за да внимава на зборовите на апостолот Павле, па така не само со слушање на Словото Божјо, туку и со отворање на срцето, таа постанала прва христијанка (Дела 16, 14). Но, не е доволно само да се посее Словото Божјо во човековото срце. Потребно е тоа семе да се одгледува за да порасне и да донесе плодови во животот и работата на човекот. На тоа ни укажува и нашиот Спасител кога вели: „Секој што ги слуша и ги исполнува овие мои зборови, ќе биде како благоразумен маж кој си направи куќа на камен. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена на камен“ (Мт. 7,24-25).
Бог ни зборува постојано, многупати и на многу начини (Евр. 1,1). Бог зборува на луѓето преку сите негови дела во природата, во светот и во животот. Се што постои во светот сведочи за постоењето на Бога и сите созданија Го величаат Бога како свој Создател и тоа сите на свој начин. Бог исто така, секојдневно ни зборува преку устата на Неговите многубројни небесни гласници – ангели и архангели, кои на најразлични начини делуваат на човековите срца и на нашата совест. Исто така зборува и преку Своите свети луѓе, преку Пресвета Богородица, пророците, апостолите, светителите, мачениците, исповедниците и останатите Негови угодници.
Христовите современици ги слушале Неговите зборови со воодушевување и се восхитувале на Неговата наука. Некогаш имало толку многу народ, што поедини луѓе се качувале по дрвјата и по покривите од куќите за да Го слушаат и да Го видат. Во една прилика, слушајќи ги неговите поучни зборови, една жена со повишен глас извикала од народот: „Блажена е утробата што те носела и градите од кои си се хранел. На тоа Христос и рече: Блажени се и тие што го слушаат и пазат Словото Божјо“ (Лука, 9, 27-28). Во овие изминати дваесет века многубројни се луѓето кои ги слушале зборовите Божји и постанале блажени, односно свети. Помеѓу нив е и светиот великомаченик Георгиј Победоносец, чиј спомен денес го прославуваме во овој манастир кој го носи неговото име.
За време на земниот живот на овој маченик Божји владеел Римскиот император Диоклецијан, како жесток гонител на христијанството. Така, свети великомаченик Георгиј бил на распаќе во изборот на еден од двата пата. Од една страна ги слушал зборовите на Господа Исуса Христа Кој вели: „Земи го својот крст и оди по Мене. Бремето Мое е лесно и јаремот Мој е благ. Јас Сум воскресение и живот. Кој верува во Мене, ако и умре – ќе живее“. Од друга страна го слушал гласот на демонот кој говорел преку устата на императорот: „Појди по мене. Си добил голема положба. Ќе ти дадам уште поголема. Имаш големи богатства. Ќе имаш уште повеќе“. Слушајќи ги овие спротивставени гласови, свети Георгиј се определил за Христа. Го поделил целокупниот свој имот на сиромашните и пред царот јавно ја исповедал верата за вистинскиот Бог. Го осудил многубоштвото и заблудата на идолопоклонството. Ги презрел сите земни слави и власти. Затоа бил подложен на најсвирепи маки и страдања и маченички го завршил својот христијански живот.
И ние како некогаш свети Георгиј, кој се наоѓал пред спротивставените повици на Бога и нечестивиот, се наоѓаме во исти состојби. Бог ни порачува да се однесуваме во овој свет онака како што сакаме и другите да се однесуваат со нас. Лукавиот, пак, ни вели дека ќе ни го даде целото богатство, доколку му се поклониме нему. Бог ни вели најпрво да ја чуваме нашата душа. Нечестивиот не учи да бидеме среќни уживајќи во што е можно поголеми задоволства на телото. Така секој човек се наоѓа на крстосницата помеѓу Бога и нечестивиот, помеѓу доброто и злото, помеѓу вистината и лагата. Спасителот и денес на сите ни вели: „Кој има уши нека слуша. Кој е од Бога ги слуша Моите зборови, а кои не ги слушаат не се од Бога“ (Јн. 8, 47).
Свети Георгиј нека ни послужи за зацврстување на нашата вера и по неговите молитви да измолиме благослов Божји за спасение на нашите души, сега и во сета вечност.
Амин.