(Дванаесети дел)
ЗАКЛУЧОК
Пред нашите очи, љубезни читатели, се двата главни патишта на животот: гордоста и смирението. Можеби ќе се најдат и такви луѓе кои, откако ќе го прочитаат изложеното, ќе одмавнат со раката и потценувачки ќе речат: “Глупости!…” Ќе ја фрлат книгата на страна, па и од умот ќе го избришат сето она кое го прочитале. Таквите луѓе со тоа што немаат желба да бидат поучени ќе ја докажат својата гордост. Нивниот пат неминовно води кон пропаст. Но, можеби ќе има и такви, кои смирено ќе го проголтаат секој збор, жедни за духовна мудрост, за поука и спасение. Тие врват по патеката на смирението која ќе ги одведе при Бога. Без оглед на горди и смирени, по силата на Божјата заповед, ние сме должни на сите, без исклучок, да им го кажеме Божјото Слово, кое може да се сведе кон следниот општ заклучок: нема друг пат за спасение и духовно издигнување, освен патот на смирението. Кој сака да прими, нека прими! Модерниот свет, чие внимание денес е преокупирано во „многу поважни нешта“, како да нема ниту желба, ниту време да слуша “досадни” црковни поуки, бидејќи се туѓи на стремежите на “современиот” човек! Но, кој е од Бога, тој со апетит ја слуша секоја духовна поука, тој е туѓ за безбожните идеали на денешниот свет и знае што го очекува светот и одделениот човек за богоотстапништвото и гордоста. Во светото Откровение многу убаво е речено: „Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште. И еве, ќе дојдам скоро, и отплатата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови“ (Откр. 22, 11-12). Тоа е неизменлива вистина! Доаѓа Христос, за да го посети за последен пат овој грешен свет и за да го изврши Својот конечен суд над него – да ги понижи гордите и да ги издигне смирените. „Блажени се оние, што ги исполнуваат заповедите Негови“ (Откр. 22,14). Тие ќе бидат вечно при Него – во очекуваната небесна татковина, и ќе „бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите“ (Откр. 22, 14).
АМИН
Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 58-59