1876

За Мајката Божја

Кога душата поседува љубов Божја, сѐ е добро и мило и радосно! Но и со љубовта Божја постои тага, затоа што колку е поголема Љубовта, толку е поголема и тагата. Мајката Божја никогаш не погрешила, со ниту една своја мисла и никогаш не ја изгубила благодатта, но и Таа поднесувала големи маки тука на земјата. Нејзината болка додека стоела под крстот била безмерна како длабок океан, а нејзините душевни страдања биле неспоредливо поголеми од Адамовите по протерувањето од рајот, бидејќи љубовта на Мајката Божја била неспоредливо поголема од љубовта на Адам во рајот. Таа можела да ги издржи овие големи маки само затоа што ја поткрепувала силата Господова. Господ сакал Таа да го види и Неговото Воскресение, та по Вознесението да остане на земјата, како утеха и радост на апостолите и на штотуку родените Христијани.

Ние не можеме да го достигнеме совршенството на љубовта на Мајката Божја и затоа не можеме да ја поднесеме ниту нејзината болка. Љубовта на Мајката Божја била совршена. Таа бескрајно Го љубела својот Син и Бог, а исто така многу ги сакала и луѓето. Што сѐ не претрпувала Таа кога луѓето што толку ги сакала и на кои им посакувала спасение, Го распнале Нејзиниот мил Син?

Ние ова не можеме да го разбереме, бидејќи малку ги љубиме Бога и ближните.

Како што љубовта на Мајката Божја е безмерна и несфатлива, така и нејзината болка е безмерна и несфатлива.

О, Пресвета Дево Богородице, кажи ни нам, децата твои, како живеејќи на земјата, си го возљубила Синот свој и Бог? Како се веселел духот твој во Бога, Спасителот Твој? Како си гледала на Неговото прекрасно лице, мислејќи дека тоа е Оној Кому со страв и љубов Му служат сите сили небесни?

Кажи ни што чувствувала душата твоја додека си го држела во прегратките својот мил Младенец? Како си го воспитувала? Како си се грижела за Него, кога со Јосиф три дена си Го барала низ Ерусалим? Какви маки си преживувала кога Господ бил предаден да се распне и кога умирал на крстот?

Кажи ни каква била радоста твоја заради Воскресението, или како тагувала душата Твоја по Вознесението?

Сакаме повеќе да знаеме за твојот живот со Господа на земјата. Ти не си сакала тоа да се забележи во Светото Писмо, туку молчаливо и срамежливо си ја сокрила својата тајна“.

Многу чуда и милостиви дела сум видел од Бога и од Мајката Божја, но да возвратам за таа љубов не можам со ништо.

Со што да ѝ возвратам на Пресветата Владичица што не се згнасила од моите гревови, туку милостиво ме посети и ме вразуми? Не ја видов, но Светиот Дух ми дарува да ги познаам нејзините зборови, исполнети со благодат и мојот дух се радува и мојата душа копнее за Неа со љубов и само од призивањето на нејзиното име на срцето му е необично пријатно.

Еднаш како млад послушник се молев пред иконата на Мајката Божја и Исусовата молитва се всели во моето срце и започна самата од себе да тече. Еднаш, пак, за време на читањето од светиот пророк Исаија кај зборовите: Измијте се, исчистете се (Исаија 1,16) помислив: „Можеби и Мајката Божја некогаш згрешила, барем со помисла“. И ете, во срцето заедно со молитвата почувствував јасен одговор: „Мајката Божја никогаш не згрешила, дури ниту со помисла“. Така Светиот Дух во моето срце посведочи за нејзината чистота. Но и Таа за време на својот живот на земјата имала недостатоци и безгрешни грешки на несовршеност. Тоа се гледа од Евангелието, кога враќајќи се од Ерусалим, не знаела каде е нејзиниот Син и заедно со Јосиф три дена го барала (Лука 2,44-46).

Душата моја е во страв и трепет кога размислува за славата на Мајката Божја.

Мал е мојот ум, а срцето мое е бедно и немоќно. Но, повторно, душата се радува и сака да пишува за неа, барем неколку зборови.

Се плаши душата моја да се допре до тоа, но љубовта ме прогонува да не ја прикријам мојата благодарност за нејзиното милосрдие.

Мајката Божја не ги оставила забележани ниту своите мисли, ниту својата љубов кон Синот свој и Бог свој, ниту страдањата на душата при распнувањето, затоа што ние тоа и онака не можеме да го разбереме.

Нејзината љубов кон Бога е посилна и поогнена од љубовта на Серафимите и Херувимите и нејзе и се воодушевуваат сите небесни сили и Архангели и Ангели.

Иако животот на Мајката Божја е обвиен со молчење, Господ на нашата православна Црква ѝ дарува да знае дека нејзината љубов го опфаќа целиот свет. Таа преку Светиот Дух ги гледа сите луѓе на земјата и како и нејзиниот Син, сите ги жали и ги љуби.

О, кога би знаеле колку Пресветата ги сака сите оние што ги исполнуваат Христовите заповеди и како жали и тагува за оние што не се поправаат! Ова лично го испитав. Не лажам, зборувам пред лицето на Бога, Кого што Го познава душата моја: Преку Духот ја познавам Пречистата Дева. Ја немам видено, но Светиот Дух ми дарува да ја познаам, како и нејзината љубов кон нас. Да не беше нејзиното милосрдие, одамна би пропаднал. Но, таа благоволи да ме посети и да ме вразуми повеќе да не грешам. Ми кажа: „Тешко ми е кога гледам што правиш“. Нејзините тивки, кротки и пријатни зборови длабоко допираат во душата. Поминаа повеќе од 40 години, но не можам да ги заборавам тие зборови и не знам што би ѝ дарувал јас грешниот за таа нејзина љубов кон мене, нечистиот и како би ѝ се заблагодарил на благата и милостива Мајка Господова.

Навистина, Таа е наша Застапничка пред Бога и самото нејзино име ја радува душата. Заради нејзината љубов кон нас се радува и небото и земјата.

Тоа е голема и недостижна работа. Мајката Божја живее на небото и непрестајно ја гледа славата Божја, но не нè заборава ниту нас бедните и со своето милосрдие ја штити целата земја и сите народи.

Таква ни ја дарува Пречистата Своја Мајка Господ. Таа е наша радост и надеж. Таа е наша Мајка по дух и блиска ни е по својата природа како човек. Секоја христијанска душа копнее кон неа со љубов.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 413-416.