Благиот и болниот егоизам – II дел

Постојат неколку примери во Новиот завет коишто покажуваат различни нивоа на коишто функционира егоизмот. Обично ние мислиме дека егоизмот е: жестокост, грубост, дрскост, злоба, што навистина и е. Тоа е приближно она што се гледало на лицето на фарисејот за време на неговата молитва, кога надмено се чувствувал себеси самодоволен, но без никаква причина бил жесток кон својот брат – митарот – којшто се каел.

Постои и едно друго, поумерено ниво, бидејќи за него може да се најде некакво оправдување – но и таму егоизмот е очигледен. Тоа е примерот што нашата Црква ни го дава во личноста на поголемиот брат од приказната за Блудниот син. Блудниот син заминува и греши, живее развратно, го расфрла имотот на татко си и решава да се врати. Тој се враќа парталав, со последиците од своите гревови и се приближува кон татко си, кој смирено заборава на сѐ, ништо не го прекорува, го очекува и веднаш предлага да започне празникот и гозбата со угоеното теле. Тој притиска на delete, и заборава сѐ. Тогаш доаѓа поголемиот син, прашува што се случува и за сѐ го известуваат, дека брат му си дошол и затоа таткото го заклал телето и приредил гозба за неговото покајание и враќање, а поголемиот брат започнува да се жали:

-Ама јас – му вели тој на татко си – одбивам да учествувам во радоста на брат ми! Јас работев за тебе, се трудев, а ти никогаш не ми даде ниту едно јаре да се почестам!

Зарем немал право? Имал. Тој започнува да зборува едно, второ – гледано логички, има право, но духовно – не. Законот вели така, но благородството на духот тврди поинаку:

-Е доста де! Не можеш ли да го надминеш законот?

Поголемиот брат ја живее својата несреќа и егоизам среде радосната атмосфера од враќањето на брат му. Тој почнува постојано да зборува за своите права:

-Јас го направив ова, го направив она, ти не ме награди!

Ете тоа е еден друг вид на егоизам, друго ниво на егоизмот.

Ќе ви кажам за уште едно ниво. Таму егоизмот е прикриен. Тоа е случајот со Св. апостол Петар на Тајната Вечера. Учениците седеле и без да им каже нешто, Господ зел убрус, леген со вода и отишол да им ги измие нозете. Веднаш што се приближил до апостол Петар, тој одбил:

-Ти ли ќе ми ги миеш нозете?!

Но нели сите го прават тоа заедно и оставаат Христос да им ги измие нозете? Господ го прекорува апостолот за неговата реакција.

-Ако не се согласиш, немаш удел со Мене!

Така Петар се смирува и се согласува и вели:

-Не само нозете, туку и рацете, главата, односно измиј ме целиот.

Набрзо потоа, за време на разговор за претстојните Господови Страдања и предавство, тој со голема самоувереност, поттикнат од љубов, вели: Дури и сите да се откажат од Тебе, јас нема да се откажам! Не било потребно ова споредување, велат отците. Потоа Петар паѓа во гревот на богоодрекувањето. Колку страшно нешто. Замислете си низ што поминувала таа разгорена од љубов душа, тогаш кога го спознала своето откажување од Христа, во пресудниот момент во којшто требало да биде со Него? Наместо тоа, Петар Го остава и без причина се одрекува од Него. Таа негова самоувереност криела друга форма на егоизам. Увереноста во сопствената му љубов, преовладала во него и Бог допуштил тој да падне. Тој Го оставил Бога и паднал во гревот на богоодрекувањето.

Гледаме дека постојат различни нивоа на коишто се пројавува егото на секој човек. Според отците на Црквата, постои таканаречената триразделност на човечката душа, т.е. душата на човекот се изразува и пројавува во три форми. Првата е волјата, втората е чувството и третата умот, мислата, разумот. Егото на човекот исто така се пројавува во три форми. Волевиот егоизам се пројавува како барање, сакање, емоционалниот егоизам како барање на права, жалење, а интелектуалниот егоизам како мнение, став.

Кај едни луѓе интелектуалниот егоизам е посилно изразен, а кај други емоционалниот, т.е. претераната чувствителност е поприсутна. Како што секој човек има сопствена надареност, така и страда од сопствена немоќ и има сопствено поле за борби и напори.

Што е тоа волја? Сигурно сте слушнале дека во манастирите, во монашката традиција, на порот на монахот се насочува кон тоа да ја победи својата сопствена волја. Затоа Старецот, игуменот или духовникот на монахот, применува нешто што се нарекува отсекување на волјата, односно се обидува да му помогне на оној кој се бори, да ја отсече својата волја. Што значи тоа? Некој на пример вели дека сака да запазува некакво си конкретно молитвено правило. Друг настојува:

-Сакам да ми го дадеш тоа и тоа послушание, сакам да станам архондарик, сакам да станам готвач, сакам да станам свештеник!

Меѓутоа, тоа не го решаваш ти, туку Старците во манастирот – дали оваа година ќе си готвач, дали до година ќе си архондарик, кај кого ќе си на послушание итн. Не го избираш сам начинот на којшто ќе живееш во манастир. Да се сообразиш со волјата на другите е исклучително тешко…

Ние не го гледаме очигледното – својот егоизам, поматеноста на своето сознание. Се сметаме себеси за нешто големо и значајно. Тој егоизам понекогаш е отворен, а понекогаш скриен. На пример: Ние имаме свои претензии кон животот – се наоѓаме на прагот на еден важен животен избор, но доаѓа бракот и ни ги менува плановите, ни ја отсекува волјата. Може да биде и нешто понезначајно, на пример: Се подготвуваме да појдеме со детето на гости и само што ќе излеземе него почнува да го боли стомакот или, пак, паѓа на земјата, си ја удира главата, викаме лекар… – Ете како одново ни се отсекува волјата.

Замислете колку убаво е човек да не е роб на своите планови, така што не само пречките или другите да му ја отсекуваат волјата, туку и сам да може да си ја отсекува волјата и душата да му најде спокој. Ако сакам нешто да се случи, но настаните се развиваат во поинаков правец, или, пак, дојде некој друг којшто го посакува спротивното, нека биде според неговата желба. На пример: Ако сум во брак и потекнувам од Митилини, а жена ми е од Итака. Доаѓа Рождеството Христово и таа вели:

-Сакам да појдам кај моите роднини зашто 6 месеци не сум била кај нив!

А јас велам:

-И јас сакам да појдам кај моите блиски, зашто 7 месеци не сум бил кај нив и во Светото Писмо пишува жената да се потчинува на мажот, а мажот сум јас!

Жената вели:

-Не! Во Писмото се вели: мажот да ја сака жената и ако ме сакаш, ќе појдеме во Итака.

И започнуваат расправии кои, секако, немаат никаква врска со Божјата благодат. Такви сме, причината е во егоизмот.

Волјата е убава работа. Да каже некој – јас би го сакал ова, ова ми го посакува душата, ако Бог така устрои, ќе речам: тоа е дар од Бога, нека е благословено! Ако, пак, не биде – уште подобро. Он подобро знае од мене што ми е од полза. Така, човекот почнува да го предава животот свој на Бога, црпејќи живот од Неговата Крв.

Рековме дека постои и емоционалниот егоизам. Честопати се жалиме:

-Ох, кутрата јас!

Зошто кутра? Зошто да си кутра? Ако јас те наречам така, ќе почнеш да се буниш:

– Јас отче, немам ли право на едно парче леб или нешто друго?

Тоа е пројава на потреба од емоционална нежност и недостатокот од неа, нѐ тера да се чувствуваме повредени:

-Зошто Бог им дава на другите, а мене не?

Ајде сега, Бог бил виновен. Душата започнува да ни се измачува од споредбата со другите луѓе и тоа е предизвикано од нашите чувства.

Продолжува