Благодарствено писмо до Архимандрит Партениј од неговите духовни чеда раселени во различни краеви од светот

Навечерие на Св. Партениј Лампсакиски; именден на Старецот

Постои љубов која е необјаснива и не доаѓа од овој свет, иако во него пребива – тоа е Божествената љубов. Силна љубов која го обзема секое едно мало делче од човечкото тело и дух. Од неа очите се полнат со солзи, во спротивно не знаеме како на поинаков начин таа љубов би нашла соодветен израз. Тоа е љубов до болка, безусловна љубов. Кога ќе ја почувствуваш, се прашуваш со што си заслужил да ја почувствуваш и одговор немаш, бидејќи тоа не е љубов по заслуга. Се чудиш и се воодушевуваш на нејзината природа, сакаш сѐ повеќе и што почесто да те посетува. Таа го обзема и духовно најубавиот и духовно најслабиот, таа лекува, а најрадосната вест е тоа дека ние имаме Старец во кој оваа љубов пребива – највозљубениот наш татко Партениј. Љубовта во Вас, oтец, лекува. Ги исполнува сите празнини во нашите души и грижливо ги соединува скршените парченца на духот. Божјата љубов која зрачи од Вас е љубов за која се живее и единствена љубов во која секој од нас би посакал да умре.

„Вие, Старче, сте живо изобразение на Христос, бидејќи Вие сте оној кој нѐ приведе кон Христа, со Христа нѐ запозна и со Христа нѐ соедини! Затоа Вие сте љубов, како што е љубов и Самиот Бог наш. Каменот што тежи врз нашите срца го подигнувате и претворате во храм на Светиот Дух. Вашиот радосен дух нѐ прати насекаде и ги исполнува нашите животи. Во една прилика во Вашата скромна ќелија ми рековте: ’Чедо, Христос е пријател, брат, другар‘. Оттогаш, многу силно Го засакав Христа, но и Вас уште повеќе, бидејќи кој друг така би ни Го покажал Христос, ако не оној кој Го претставува Него во сѐ!“ – Ви напиша Вашиот Ламбе Алабаковски, кој сега живее во Америка.

И, како што Старец Пајсиј во една прилика спомнал за себе, ние сега би рекле за нас: дека сме само обични конзерви кои блескаме единствено кога Вашата љубов ќе нѐ осветли како сонце и ќе направи Божествен одблесок. Не знаеме со што заслуживме да имаме духовен татко како Вас. Со Вас сме поврзани на ист начин како што и малото бебе е поврзано со мајката преку папочната врвца: преку Вас се одржуваме во живот, преку Вас дишеме и преку Вас се храниме со благодат Божја.

„Колку често ми се насолзуваат очите кога ќе помислам на Вас, отец. Со секоја помисла на Вас ја чувствувам Вашата љубов. Ми се чини срцето ќе ми препукне од љубов – пее и се радува. Вие ми ја покажавте верата во Бога не како должност, туку како љубов. Вие сте ми татко, мој најверен пријател, моја утеха, моја надеж и сила, моја душа и непресушен извор на љубов – љубов која отсекогаш длабоко ме трогнувала. Во нашите гревови ние сме толку слаби и заради тоа светот би фрлил камења на нас, би нѐ отфрлил и распнал, но Вие, Старче не! Вие нѐ љубите до болка, сочувствувате со нас, ни ја подавате раката да станеме и силно нѐ прегрнувате. Сега, и овде, физички оддалечена од Вас, бескрајно ми недостасувате; но длабоко во себе го чувствувам Вашето молитвено застапништво. Вашиот благослов дури и на илјадници километри го сотрува злото и го урива како една обична кула од карти. Си велам, во светот нека изгубиме што било, само нашиот Старец да не Го изгубиме“, низ солзи зборуваше Марија Ангеловска, која престојува во Шведска.

„И секогаш кога ќе ни надојде голем бран на искушенија, тажни сме како некое цвеќе што венее и веднаш трчаме да ги слушнеме Вашите топли зборови, кои ни се како жива вода излеана во нашите срца. Вие ни ја враќате радоста и утехата“, вели Перо Буковски, кој живее во Америка.

Во овој земен свет без Бога, отец, животот не е лесен. Во обезбожениот свет во кој сега живееме, присутна е една огромна болка која неретко, не можеме да ја избегнеме. За оние што не знаат и што имаат романтични сфаќања за Западот, би кажале само дека: овде е неизмерно тешко! Преку еден настан или друг, преку еден човек или друг, нашето срце често бива повредено. Овој западен свет не ни нуди поткрепа. Овој либерален свет може само да нѐ излаже земајќи нѐ во своите раце и наеднаш да нѐ испушти, така што ќе паднеме на земјата и коските ќе си ги испокршиме. И тогаш, во тие мигови, кога нашето срце е скршено, нашите полни со солзи очи гледаат во луѓето кои ги сметаме за пријатели, очекувајќи помош од нив, но помош не добиваме.

Затоа од сѐ срце Му благодариме на Бога што Ве имаме Вас за силен помошник и заштитник, да ни ја подадете Вашата благословена рака и да нѐ заштитите од сите земни зла, како татко кој ги зема своите деца во топла прегратка. Со Вас, Отец, сѐ е полесно. Токму како Христос, во најтешките моменти од нашиот живот, Вие не нѐ оставате да чекориме сами, туку напротив, грижливо нѐ земате во своите раце, знаејќи дека ние сами не би можеле да чекориме. Вие за нас сте израз на рајската убавина која човечките души ја доживуваат во Божјото Царство. А ние, пак, во сета наша несовршеност, Го љубиме Бога и Ве љубиме Вас. Ви благодариме за секоја Ваша молитвена воздишка пред Бога за нас, за Вашата грижа и одвоеното време да нѐ слушнете и утешите со Вашите зборови.

Да можевме сега физички да бидеме присутни со Вас на Вашиот именден, ќе посакавме најпрвин да паднеме пред Вашите нозе и да побараме прошка за нашите гревови. Ќе посакавме да го земеме Вашиот благослов и силно да Ве прегрнеме. Знајте дека нашиот дух е присутен со Вас во моментов и со Вас празнува. Нека Ви е честит именденот, отец наш највозљубен! Бог нека Ве векува по молитвите на Св. Партениј и по нашите скромни молитви! Да поживееме заедно уште многу и богоугодни лета.

Со неизмерна љубов од Вашите чеда: Ламбе, Магдалена и Михаил Алабаковски, Марија Ангеловска, Лина, Јосип, Лука и Ана Сензел, Магдалена Стефановска, Перо и Мирјана Буковски, Горан, Билјана, Анастасија, Кристијан и Александар Тодоровски, Горан Илиевски, Лилјана, Васко, Кристијан и Константин Петрушевски, Јулијана, Никола, Марија и Петар Димитриевски и сите останати Ваши верни деца.