Радосна тага и таговна радост за именденот на старецот

Навечерие на Неделата на простувањето.
Спомен на изгонувањето на Адам и Ева од Рајот.
Именден на старецот

Неискажливо и таинствено по смисла е доживувањето на таговната радост и радосната тага, коешто секогаш во човекот предизвикува длабоки благородни чувства што ја осветуваат неговата душа. Во една таква духовна атмосфера Бигорската Обител, во навечерието на Неделата на простувањето, кога се прави спомен за изгонувањето на Адам и Ева од Рајот, со смирено торжество го прослави именденот на возљубениот ни Старец, односно споменот на неговиот неуморлив заштитник, Светиот Партениј Лампсакиски, чиешто последование се отслужи на овој ден, поради тоа што оваа година неговиот спомен се паѓа во периодот на тримирот, кога се практикува крајно воздржание.

Беше навистина прекрасно да се биде дел од оваа чудесна, воскресна по суштина прослава, да се видат сите оние ведри лица, кои од многу краишта на Македонија се беа собрале на молитвениот чин, за да ги упатат своите благопожелби кон Лампсакискиот добродевственик, големиот закрилник на нивниот духовен татко и наш возљубен игумен, а воедно и да му го честитаат неговиот именден. Нивните срца, како најголем подарок ја излеаја посебната љубов која секогаш од нив извира, а нивната послушност и верност беше најголемата радост за нивниот духовен родител.

А од името на целото братство и сестринство, најстариот наш собрат, јеромонахот Доситеј, се обрати кон старецот и мноштвото верни со следниве длабоки зборови:


„Ваше Високопреподобие, возљубен наш старецу, Архимандрит Партениј,

Богољубиви браќа и сестри,

Дозволете ми од името на сите наши браќа и сестри во монаштвото, да му го честитам именденот на нашиот старец и татко во Христа, игуменот Партениј.

Оваа година, според Божјиот семудар домострој, ја префрливме службата на Свети Партениј Лампсакиски непосредно пред почетокот на благопријатното време на светата и велика Четириесетница. Тука гледам и една скриена длабока симболика. Имено, денешното наше празнување содржи во себе еден крстовоскресен карактер. Навистина, ние се радуваме со светлиот спомен светиот отец наш Партениј Лампсакискиот Чудотворец, а се разбира и со именденот на нашиот старец. Но од друга страна ние и тагуваме, преку духот на светото богослужение, со нашите прародители Адам и Ева заради изгубениот Рај. А и самиот пост што сега ни претстои е токму тоа – едно крстовоскресно патешествие: најнапред се сораспнуваме со Христа преку подвигот на воздржанието, покајанието и добрите дела, а потоа со Него и воскреснуваме. И како најдобро би можеле да го окарактеризираме Вашиот живот, свет наш старецу, ако не како еден непрестаен крстовоскресен подвиг и саможртва за доброто на нашето братство, на Татковината наша и на светата ни МПЦ – Охридска архиепископија? Ние сме живи и непосредни сведоци дека Вашиот живот е едно непрестајно распетие за преуспевањето на Христовата вера среде нашиот народ. Токму затоа Ве замолуваме да го примите од нас овој скромен архимандритски крст, како симбол за многубројните поединечни житејски крстови што ги носите за секого од нас. Но нека биде, исто така овој крст и залог за воскресение на она во кое Вие непрестајно и макотрпно се трудите – признание на светата Охридска архиепископија и нејзино заслужено место во семејството на помесните православни Цркви, токму во годината кога таа ја слави својата илјадагодишнина. Нејзиниот прв архипастир – ктиторот на нашата Света Обител, светиот отец Јован Дебранин, потоа светиот Јован Крстител, на кого е посветен Манастиров, како и светиот отец Партениј Лампсакиски да се молат да се оствари оваа мечта што побргу, за радост на Црквата Христова. Неслучајно токму оваа година во мермерната бифора на нартексот ги поставивме иконите на патронот и првиот ктитор, симболично, во знак на илјадагодишнината на Охридската архиепископија и во пресрет на илјадагодишнината од основањето на Бигорската Обител.

Ве замолувам и вас, браќа и сестри, да се молиме и ние поусрдно за нашиот духовен татко, отец Партениј, Господ да му помага во носењето на тешкиот игуменски крст и подвигот што го прави за нашата Црква и за нашиот благочестив народ!

Високопреподобни отче свети, честит именден и на многаја лета!“

Како надополнување на зборовите на нашиот отец Доситеј и именденскиот подарок, беше и краткиот поздрав на г-ѓа Снежана Петровска од Охрид, која во името на духовните чеда на старецот од Охрид и Струга, му подари еден прекрасен свештенички крст за благословување. Со свое благодарствено и полно со љубов писмо именденот на старецот му го честитаа и неговите духовни чеда од Скопје

Од своја страна, нашиот отец и духовен татко, Архимандрит Партениј, заблагодарувајќи им се на сите за искажаната љубов, меѓу другото, рече:

„Мили мои, вашето присуство вечерва овде, како и љубовта со која зрачите, говори многу повеќе од секакво слово. Ви благодарам од длабочината на срцето што дојдовте денес заедно да го прославиме мојот небесен закрилник, Свети Партениј Лампсакиски. Неговото име го носам веќе 23 години, навистина крајно недостојно, но со неизмерна благодарност кон сештедриот Бог што ме удостои со таа чест. Неговото славно име, во овој Манастир го носеле повеќемина монаси великани, особено значајни личности не само за Манастирот, туку и за општата наша историја. Јас сум последниот којшто го носам тоа светителско име, но верувам дека после мене ќе има и други коишто достоинствено ќе го носат, служејќи Му верно и сеоддајно на Христа и на народот православен, како што послужиле моите претшественици.

Пред започнувањето на вечерната богослужба, седевме малку и разговаравме во великиот синодикон со децата од ансамблот „Македонија“. Одеднаш станаа и во чест на мојот именден ми го испеаја многолетствието, со источен, византиски напев. Се потрудиле многу и го научиле. Бев силно трогнат, така што почнав дури  и да плачам. Тогаш си помислив во себе каква одговорност имаме ние, коишто Бог нѐ поставил на одговорни места во Црквата Негова, да бидеме еден вид нови апостоли. Затоа што секој епископ, свештеник, па дури и обичен монах е повикан со апостолски призив, на апостолски подвиг. Се запрашав себеси дали сум воопшто подобен за тоа велико нешто за кое Бог ме повика. Оти секогаш кога ќе погледнам искрено во себеси, гледам безбројни слабости и гревови. Но кога веќе Бог ме повикал, цврсто се надевам единствено на благодатта на Светиот Дух, сеќавајќи се на молитвата што владиката ја читаше при моето ракополагање. Во неа меѓу другото се вели: „Да дојде на него Божествената благодат, која секогаш ги лекува немоќите и ги надополнува недостатоците…“ Знам дека Светиот Дух е Тој Кој секогаш го управува нашето служење, го крепи нашиот подвиг, надополнувајќи ги нашите недостатоци. Навистина свештено и многу одговорно дело е да се биде на некое раководно место во Црквата Божја.

Го прославувам мојот именден, се разбира оддавајќи му чест на големиот Божји угодник Свети Партениј Лампсакиски, којшто и го осветил тоа име, така што тоа станало, како и имињата на другите Светии, симбол за светост. Меѓутоа, треба да знаеме дека зад името што секого од нас лично го носи, или поточно кажано, пред и над нашето лично име, сите ние овде го носиме првенствено името Христијанин. Самото тоа највозвишено и најсвето име повлекува со себе и една голема одговорност од сите нас. Затоа ве замолувам да се трудиме да го носиме името на нашиот Божествен Спасител колку што можеме подостојно и поодговорно.

А за мојата лична одговорност ме потсетува секогаш вашето огромно присуство и вашите лица озарени од љубов кон мене. Верувајте, кога пристапувате со таква голема љубов и почит да земете благослов и да ја целивате мојата недостојна десница, чувствувам не мала одговорност за секого од вас. И Го молам Господ, Го преколнувам да не допушти да биде посрамена верата, очекувањата и надежите ваши. Ете, иако денес според црковниот календар не се слави Свети Партениј, туку ја преместивме неговата служба за сега поради тримирот и целосното воздржание, на нашата покана вие, сепак, се одѕвавте во огромен број. Стотици и стотици луѓе дојдоа во Светилиштето да го прославиме пред време споменот на светиот отец наш, а и да ги пречекаме гостите што ни дојдоа на пладне од Бугарија. Тоа ваше благочестие и почит моќно ги трогна нашите посетители. Се почувствува трепет во нивните души, а некои дури и заплакаа. Кога зборувавме за тоа, јас меѓу другото им кажав дека нашиот народ, веројатно поради многуте страданија што ги трпел и сѐ уште ги поднесува, станал особено чувствителен и благочестив, така што таа наша народна особина може лесно да се препознае. Зашто каде што има крст и страдание, таму неизоставно има и кротост и благочестие, и чудесна духовна благородност и воскресение. Бог нам, како народ, тоа ни го подарил и тоа ни дава уште поголем поттик да се надеваме на Неговата милост.

Ви благодарам уште еднаш за вашето присуство и за вашата љубов, која секогаш ме потсетува да бидам што поодговорен и што поусрдно да ви служам во доброто на сите вас. Бог да ве благослови, да ви подари убав и добродетелен пост, та да го поминете богоугодно времето на Великата Четириесетница и да се видиме повторно во радост на најголемиот ни празник – Света Пасха!“