Недела сиропусна

Тивкото радосно ликување за споменот на светиот отец наш Партениј Лампсакиски и именденот на возљубениот ни старец, Архимандрит Партениј, но и копнежното споменување на изгубениот Рај, продолжи и денес на Светата Литургија, која ја свештеноизвршуваше старецот во сослужение со браќата јеромонаси и јероѓакони. Присуството на големиот број верни ја надополнуваше неовоземната убавина на богослужението, како совршен украс на заедништвото во Христа. Свештенодејствието, пак, на отец Партениј беше, навистина, еден свет принос за прошка на нашите прегрешенија и залог за вечното спасение.

А како поука за денешниот ден ќе приложиме извадок од словото за сиропусната недела од светиот отец наш Климент, архиепископ Охридски Чудотворец:

„Ете, се наближија деновите на Чесниот пост, во којшто сакаме да ги спасиме своите души. Само да ги оставиме лошите дела, лукавите помисли, и сѐ што сме згрешиле во текот на годината, или во блуд, или во лага, или во клевета, или во пијанство, или во кое било лошо дело, сите нив сега на ѓаволот да му ги префрлиме, да појдеме во светиот храм и со топли солзи да си спомнеме пред Бога за своите гревови, за кои ќе одговараме во страшниот ден, кога сите ќе застанеме пред Господа Бога. И затоа не треба да го презираме бедниот, да даваме милостина, зашто таа многу ни помага: вратите на Царството ги отвора, во светиот рај нѐ воведува, прошка на гревовите дава. Зашто и Христос прими образ на сиромав, за да нѐ збогати сега и нас со Својата сиромаштија, давајќи ни Самиот Он пример за светиот пост. Исто така ни даде пример и преку Мојсеј, преку Илија, а најпосле и преку многу праведници. Исто така и Самиот Он, откако постеше четириесет дена, иако немаше потреба од постење, преку постот ни даде нам победа над враговите, очистувајќи ги нашите души и тела. Затоа, браќа, слушајќи да постиме и ние, за да бидеме победници со тој свет пост. Зашто постот ја возведува душата на небото, ги отвора вратите на Царството си во светиот рај воведува. Заради тоа, да не бидеме лицемери, и да не враќаме зло за зло. Да Му се молиме на Бога со чисто срце, и гнев да не држиме против своите непријатели. И Светото Писмо вели: Ако некој оди во светиот храм да Му се моли на Бога, а има гнев, тогаш не само што молитвата нема да му биде примена, туку ќе го разгневи и Бога. За таквите и Самиот Господ рече: Овие луѓе ме почитуваат само со устите, а нивното срце е далеку од Мене. Затоа е добро за нас, браќа, да се потрудиме во овој свет пост. Да се погрижиме со своите души за своите гревови, а не да бидеме скржави кон сиромасите, и да не се гневиме против своите браќа. Ако држиме гнев, тогаш целиот наш труд и поклоните ќе ги загубиме, и нашиот пост нема ништо да ни вреди пред Бога…

Затоа ве молам, браќа, да бидеме ревносни во правдата и да правиме богоугодни дела, та и ние да примиме добро и да бидеме учесници во небесните блага, кои се именуваат Царство небесно, во Христа Исуса, нашиот Господ. Нему слава во вековите! Амин!“