Празнична средба со Бога

Откако на раце Го прими од Дева Спасителот, роден пред сите векови, Симеон викаше: Сега го отпушташ во мир твојот слуга, Благи, зашто Те видов денес Тебе, Кој со Својата слава ги просветлуваш краиштата на вселената

Стихира на Вечерната на празникот

Празникот Сретение Христово ни ја прикажува онаа средба за која бил предназначен човекот. Ете, еден изнемоштен старец, на прагот од својата смрт ја живее вистинската смисла на човечкиот живот, гледајќи Го исполнувањето на ветувањето што му било дадено: во храмот влегува Пресветата Дева, која во своите топли мајчински прегратки Го носи своето четириесетдневно дете, Христос, за да Го предаде во треперливите раце на Симеон. Сега, праведниот старец прима голема утеха, оти неговите очи го видоа спасението на народот Божји. Чудесно длабока тајна, која одново и одново го повикува секого од нас на таа благодатна средба со Бога. И навистина, не постои друга смисла на нашиот живот, освен таа да Го сретнеме Христа уште овде на земјата, оти ако човек не Го сретне сега во времето, се лиши од можноста да Го сретне во вечноста. Затоа средбата со Бога е најважниот миг во животот на секој човек. Но, таа средба започнува во нашето срце, кое ја живее неискажливата радост оти успеало да се отвори и со помош на духовните очи да Го види Христа. Знаеме дека Бог ни се дава да Го видиме онака како што Он ќе благоизволи да биде виден и не се чувствуваме достојни за тој огромен дар со кој Он ги украсува Своите Светии – дарот да Го видиме Него со телесните очи, но сепак, преку благодатта на Светиот Дух, ни се дава да познаеме Кој е Бог, колку Он го љуби секого од нас, колку вистина има во секој Негов збор напишан во Светото Писмо.

Господи, по молитвите на Твојата Пречиста  и Пренепорочна Мајка, дај ни ја можноста да Те сретнеме уште во овој живот, та гледајќи Го Твојот милозлив Лик и слушајќи Го Твојот пресладок и умилен глас да не престанеме духовно да се радуваме. Амин.