Писмо до Старецот по повод именденот од неговите духовни чеда од Скопје

Со почит кон славењето на Свети Партениј Лампсакиски, чиешто име го носи возљубениот наш Отец

Возљубен оче наш Партение, ние Вашите духовни чеда, во нашите срца Ве доживуваме како земен ангел, исполнет со љубов кон Бога, кој зрачи со утеха и исцеление.

Целиот Ваш живот е блескав пример на подвижништво, лик на добродетелта кој се посветил на самопожртвуваниот подвиг на љубовта кон Бога и кон секој човек.

Во Вас гори огнена љубов и надеж на Божјата милост, на безграничната љубов кон ближниот.

Вие сте душа која себе се познава и смирува заради Христа дури до смртта, за да се покаже силата Божја во делата кои се излеваат во целиот тек на Вашиот живот.

По Божја промисла, станавте прибежиште на секоја страдална и огревовена душа. Со Вашата молитва, која деноноќно ја бара милоста Божја, станавме деца на Божествената љубов, осознавајќи ја вистинската љубов кон човекот, се приближивме со таа љубов до Бога.

Сите Ваши трудови и подвизи, маки, страдања и молитвени воздишки, единствено на Единиот Бог Му се познати, но ние, дела на Вашиот труд, не може да не Му благодариме на Бога што Ве имаме како најдрагоцен дар во животот.

Може ли да не ја искажеме нашата огромна благодарност кон Пресвета Владичица наша Богородица, која ни те дарува од својата земна Градина, како прекрасен крин, преполн со благоухание, од чиј мирис се напојува секоја душа!

Се восхитуваме постојано од примерот на огромната љубов, која Вие несебично ја давате на својот народ. Со благословот и покровителството на Свети Јован Претеча, ги отворивте ширум портите на манастирскиот дом за секое богољубиво чедо на Македонија и пошироко.

Божествените богослужби и сеноќни бденија се духовната трпеза за молитвениот крик на секоја страдална душа.

Сите ги поучувате на љубов, кротост, долготрпеливост,  самопожртвуваност, ревност за Бога, на силна вера и срдечна молитва.

Како да не ги споменеме Вашите трудови како возобновител и градител на манастирските конаци, храмови, возобновување на манастирското монашко живеење?! А со такви дела се обезбедува место во Царството Небесно, во кое, веруваме, еден ден сите заедно ќе Го славиме Бога.

Целиот Ваш живот го дознаваме низ мирисот на духовното благоухание, низ силната и огнена молитва која е наша постојана духовна храна.

Исцеленијата на болни по Вашето молитвено застапништво се множат низ години и нашата благодарност кон Бога е огромна заради дарот на Вашата силна и пожртвувана молитва за нас грешните и немоќните.

Во предвечерието на денот кога го славиме споменот на Свети Партениј Лампсакиски, чие име со голема љубов и ревност го носите, со длабоко преклонети колена пред обете личности, ние Вашите возљубени чеда во Христа, ги просиме Вашите огнени молитви и Му благодариме на Севишниот, Кој нѐ удостои со Вашата бесценета пастирска прегратка и љубов.

На многаја лета, возљубен наш Отец!

17/18 февруари 2018 лето Господово